[Интервју] Филомена Пљаковска Аспровска, Претседател на УО – КаСис: Очекуваме новата регулатива да отвори простор за реализација на многу нови иновативни проекти!

Интернационален Картичен Систем – КаСис АД Скопје и во 2020 се целосно посветени на полето на дигиталните технологии стремејќи се македонскиот финансиски сектор да биде во чекор со светските трендови во сферата на работењето со платежни картички и новите начини и канали на плаќања.

За нивните тековни активности и идни планови разговаравме со Филомена Пљаковска Аспровска, Претседател на Управниот одбор на КаСис АД Скопје.

АЕТМ: Од неодамна сте поставена на позицијата Претседател на Управен одбор во Касис АД Скопје. Дали вашето назначување ќе значи промена на досегашната стратегија на компанијата и што можеме да очекуваме во периодот што следи како новитет и иновации во вашата компанија?

Филомена: Новиот Управен Одбор и јас како негов претседател сме тим со долгогодишно искуство во компанијата. Континуирано и посветено работиме на развојот на компанијата заедно со целиот тим на КаСис.
Нашите цели и стратегија се насочени кон зголемување на безготовинските плаќања на пазарот, зголемување на искористеноста на постојната инфраструктура и воведување на нови услуги согласно актуелните глобални трендови.
Нашата визија е користењето на безготовинските инструменти и електронските канали за плаќање да бидат секојдневие на граѓаните, чувствувајќи го комфорот и безбедноста при нивната употреба.

 

АЕТМ: Најголем дел од транскциите со платежни картички во Македонија се однесуваат на подигнување готовина од АТМ. Според вас, што треба да се случи за да се промени оваа пракса, односно граѓаните да започнат повеќе да плаќаат со платежна картична и да се намали користењето на кеш пари во оптек?

Филомена: Статистиките покажуваат континуиран забавен раст на трансакциите на АТМ во однос на растот на трансакциите што се извршуваат преку останатите канали за плаќање. Бројот на трансакции во трговија, а особено трансакциите во е-трговија се во значителен раст. Ова е резултат на раширената инфраструктура на банките со физички ПОС терминали, а и во зголемениот бројот на виртуелни ПОС терминали во делот на е-трговија.
Простор за подобрување постои во сите сегменти на картичното работење. АТМ мрежата може да се збогати со воведување на нови дигитални функционалности-услуги кои би биле речиси целосна замена на банкарскиот шалтер, со што АТМ уредот би бил многу повеќе од само уред за вадење готовина.

Голем потенцијал има во е-трговијата, каде има сегменти кои не се покриени, а за кои и граѓаните и трговците имаат потреба. Неопходно е овозможување на нови начини-канали за електронско плаќање.
Нешто на што континуирано би требало да се работи е подобрување на информираноста на граѓаните, зголемено предочување на придобивките во јавноста од користење на безготовинското плаќање и користењето на високите технологии, како и поголема промоција за користење на услугите.
Банките на македонскиот пазар се креативни и во своето портфолио, согласно најновите светски трендови, на пазарот нудат најразлични услуги во делот на безготовинските плаќања. Касис како процесор во годините што доаѓаат, ќе остане доверлив и сигурен партнер на банките со кои ќе можат да ги имплементираат сите новитети.

 

АЕТМ: Безбедноста претставува битна компонента кон безготовинското општество. Кои услуги ги нуди вашата компанија за да ги заштити граѓаните од злоупотреба на податоците од платежните картички и средствата кои ги поседувааат, а од друга страна дали граѓаните се доволно едуцирани и знаат на кој начин да ракуваат со платежните картички?

Филомена: На крајот на минатата 2019-та година успешно го завршивме проектот за имплементација на новиот стандард за безбедна е-трговија (3D Secure). Овој метод за интернет купување со зголемена безбедност е веќе достапен на македонскиот пазар за имателите на картички од банки клиенти на Касис. Новиот стандард за имателите на платежни картички овозможува зголемено ниво на безбедност, со дополнителна автентикација на имателот на платежната картичка со поширок опсег на податоци, и дава можност во блиска иднина за воведување на автентикација со биометриски податоци. Основната цел на новиот стандард за безбедна е-трговија е овозможување највисоко ниво на безбедност при купувањето на интернет и воедно обезбедување софистицирано и подобрено корисничко искуство.

Истовремено, КаСис е во завршна фаза на имплементација на новиот стандард на системот за е-трговија кој го управува и на кој тековно услугите ги нудат повеќе од 600 електронски продавници и провајдери на услуги. За трговците новиот стандард значи искористување на можностите на зголемено ниво на безбедност и зголемување на бројот на трансакции, обезбедување податоци со кои интерактивно би се формирал профил на купувачот со информации за неговите навики и потреби, а кои потоа би се користеле од самите трговци за креирање соодветна понуда на производи и услуги.
Со секое подобрување на постоечките и воведување нови услуги, едукацијата е неизоставен и континуиран процес кој се реализира преку кампањи и директни контакти и со банките и со нас како процесор, со цел зголемување на довербата при користењето на платежните картички. Во овој процес сакам да забележам дека асоцијацијата за е-трговија со своите едукативни сесии и отвореност за размена на информации дава значаен придонес.

 

АЕТМ: Во соработка со Гемалто и АустриаКард, неодамна имплементиравте можност за персонализација на нови “платежни продукти – минитаг и стикери”. Кои беа основните причини за да ја воведете оваа можност и како очекувате да бидат прифатени од македонските граѓани имајќи предвид дека станува збор за иновација која досега не била достапна во нашата земја?

Филомена: Како и што споменав, нашата стратегија е постојано да сме во чекор со глобалните трендови во индустријата истовремено пресретнувајќи ги барањата и потребите на локалниот пазар.
Стикер е форма на платежна картичка која е во помал формат од стандардната платежна картичка и се лепи на позадината на мобилниот телефон. Минитаг е мал чип кој се внесува во некаков вид на носач како на пример алка, часовник, прстен, привезок и сл, што во целост може да служи и како моден додаток. И со двата продукти се плаќа исто како и со стандардна бесконтактна платежна картичка.

Овие продукти се веќе достапни за сите банки кои сакаат на клиентите да им овозможат брз, ефикасен и лесен начин на плаќање. Можат да се користат за одреден сегмент од популацијата, на пример младите за кои мобилниот телефон е неизоставен дел од секојдневниот начин на живеење, тематски за одредени настани и фестивали, олеснување при плаќањата кај некои пазарни сегменти како јавен превоз, паркинг услуги и др.

 

АЕТМ: Една од основните дејности на Касис претставува процесирање на плаќања со платежни картички, како на физички локации така и на виртуелни места на продажба. Можете ли да ни кажете нешто повеќе околу тенденцијата на плаќањата анализирајќи во изминативе 3-5 години. Какво е процентуалното учество на трансакциите за подигнување на готовина од АТМ, плаќање на физички места на продажба и онлајн плаќања во е-трговија?

Филомена: Е-трговијата во Република Северна Македонија полека но сигурно зема замав, поради што од година во година се бележи висок раст и на интернет трансакциите и на вкупната остварена вредност во е-трговија. Така, изминативе три години забележуваме континуиран раст на трансакциите на виртуелните ПОС терминали чие просечно движење од година во година е 21% поголемо во однос на претходната, а просечно годишно учество на трансакции на виртуелни ПОС терминали во вкупниот број на трансакции во изминатите три години е 5,85%.

Статистичките податоци исто така покажуваат континуиран пораст за истиот период и кај физичките ПОС терминали, односно забележан е годишен просечен пораст на трансакции од 22,78%. Просечно годишно учество на трансакции на физички ПОС терминали во вкупниот број на трансакции на терминали во изминатите три години е 64,36%.
За споредба тренд на зголемување постои и кај АТМ трансакциите, но споредбено со трансакциите на ПОС терминали за изминатиот период од три години се движи во годишен просек од 2,15%, а просечното годишно учество на овие трансакции во вкупниот број на трансакции во изминатите три години е 29,80%.

Растот кој се бележи од година во година кај трансакциите во е-трговија за нас е големо охрабрување и показател дека интернет продажбата е иднината, а потенцијалот за раст е токму тука.

 

АЕТМ: Реализирате процесирање на трансакции преку интернет продавници за неколку банки во Македонија, воедно во моментов поседувате најголем број на веб продавници и најголем број од онлајн плаќањата се процесираат токму преку Касис. Кажете ни нешто повеќе околу соработката со банките, дали нивните барања се во насока на понуда на иновативни услуги или сепак повеќе се стремат кон понуда на традиционалните услуги кои се повеќе користени од страна на клиентите?

Филомена: Би сакала да истакнам дека македонските банки се многу посветени во обезбедување на квалитетни услуги за трговците и граѓаните и се стремат континуирано да одговорат на барањата за новитети и иновации. Електронската трговија е сегмент од картичната индустрија за кој важат поинакви правила и за кои регулативите се построги. За истите да бидат задоволени и пресретнати треба да се почитуваат комплексни и сложени процедури. Знаењето, искуството и соработката помеѓу сите чинители во оваа област на македонскиот пазар е на добро ниво, и е добра основа за понатамошно воведување новитети.

 

АЕТМ: Касис АД Скопје е почесен член на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Кои се причините поради кои одлучивте да се приклучите кон оваа Асоцијација и сметате ли дека Северна Македонија има потенцијал да биде е-држава и во која насока треба да се стремиме во иднина со цел соодветно да ги искористиме потенцијалите кои ги поседуваме кога е во прашање е-трговијата?

Филомена:
Формирањето на асоцијацијата беше потреба, се случи во вистинско време и нејзиното постоење е од голема важност за целиот екосистем. Членството на КаСис како единствен процесор во Република Северна Македонија е неопходно, и за нас претставува чест и предизвик да бидеме директно вклучени во процесите на воведување дигитални иновации, премостување на бариерите на е-трговците, како и можноста за заедничко делување во насока на максимална искористеност на можностите на е-трговијата. Поради нашето искуство, знаење и улога постојано имаме контакти со финтек компании кои се појавуваат и кај нас, кои имаат многу нови идеи и можеме да кажеме дека потенцијал има. Очекуваме новата регулатива да отвори простор за реализација на многу нови иновативни проекти, но само со посветена и континуирана работа, едукација и промоција можеме да бидеме во чекор со глобалниот пазар.