Разговараме со Емилија Илиева од А1 Македонија кој е дигитален партнер на виртуелниот хакатон на тема „Хакирај ја сивата економија во е-трговија“ за потребата од развивање решенија и механизми за креирање на посигурно дигитално општество, намалување на сивата економија во е-трговијата, како и вложувањето во едукација на сите возрасни групи за придобивките од користењето на дигиталните услуги.
АЕТМ: Глобалната пандемија придонесе за брзиот раст на е-трговијата во нашата земја; од компаниите се бараше да бидат агилни, брзо да се адаптираат и да се соочат со предизвиците кои ги наложува дигитализацијата. Еден од предизвиците е зголемениот број на нерегистрираните продавачи кои продаваат преку социјалните медиуми и не ги плаќаат даноците и останатите јавни давачки. Кое е вашето мислење на оваа тема? Дали сметате дека постои доволно големо ниво на свест за сивата економија и кои следни чекори мислите дека треба да се преземат со цел да се намали нејзиниот опсег; дали можете да посочите некоја своја идеја за решавање на овој проблем?
Емилија Илиева: Сивата економија е проблем на којшто треба да се работи уште многу. Како главен водич за надминување на овој проблем сметам дека е едукацијата на потрошувачите. Потрошувачите треба да ги знаат своите потрошувачки права коишто се нарушени преку сивата економија – како неиздавање на фискална сметка или фактура, немање политика за враќање на производ и враќање на средствата. Треба да се подигне свеста кај учесниците во онлајн купувањето, да се стекнат со знаење со кое ќе идентификуваат нелегални активности на интернет. Со тоа ќе се заштитат и самите од купување производи со компромитиран квалитет или фалсификувани производи.
Како што се работи на развивање на е-трговијата, така е потребно да се најдат процеси или механизми кои ќе ги детектираат неверификуваните е-трговци, со цел да се спречат активностите во сивата економија.
Барањето на решение воопшто не е лесен предизвик, но сметам дека голем потенцијал во изнаоѓањето на решение можеби е во детектирањето на невообичаените активности кај компаниите за достава, кои се практично линкот помеѓу илегалните трговци (физички лица) и потрошувачите.
АЕТМ: Од почетокот на пандемијата (повеќе од една година), граѓаните помасовно започнаа да ги користат дигиталните услуги, особено е забележителен растот на плаќање на сметки онлајн, наместо како што беше пракса физички да доаѓаат во продажните салони. Што се промени во последната година, дали клиентите навистина започнаа да ги ползуваат придобивките од онлајн плаќањето или големите редици и стравот од вирусот ги натера да се едуцираат и дигитализираат?
Емилија Илиева: Пандемијата придонесе бизнисите брзо да се приспособат кон новонастанатата состојба. Со цел потрошувачите брзо, лесно и сигурно да дојдат до услугите, бизнисите требаше да вложуваат во развивање на нови процеси, имплементирање на разни нови технологии со цел да се подобри корисничкото искуство.
А1 Македонија има за цел да стане главен водич во дигиталниот свет. Постојано вложуваме во дигиталните канали за продажба и поддршка на нашите корисници, и ги едуцираме корисниците за придобивките од користење на дигиталните услуги. Едукацијата за бенефитите од користењето на дигиталните канали во комбинација со зголеменото онлајн присуство им овозможува на корисниците да ги согледаат придобивките од онлајн плаќањето.
АЕТМ: Оваа година се организира првиот виртуелен хакатон на тема „Хакирај ја сивата економија во е-трговија“ кој е поддржан од А1 како дигитален партнер. Тимовите кои се формирани од студенти од ФИНКИ и Економскиот Факултет во Скопје ќе работат на разрешување на два предизвици чија цел е намалување и сузбивање на сивата економија. Кои аспекти беа клучни за А1 Македонија да го поддржи овој хакатон и кои се вашите очекувања од организацијата на овој 48 часовен настан?
Емилија Илиева: А1 Македонија секогаш вложува во различни сигурносни решенија за корисниците. Како дигитален партнер на овој хакатон сакаме да ја поддржиме потребата за креирање на посигурно дигитално општество и намалување на сивата економија во е-трговијата во Македонија.
АЕТМ: Како компанија која вложува во дигитализацијата, А1 Македонија во изминатиот период дигитализираше голем дел од услугите и со самото тоа ги направи подостапни истите за сите возрасни групи. Ова особено доаѓа до израз кај помладите, кои како по правило први ги прифаќаат промените кои доаѓаат. Имајќи го предвид вашето искуство, колку се разликува пристапот за различни возрасни групи и каква е нивната реакција при имплементација на одредена нова дигитална услуга?
Емилија Илиева: А1 Македонија постојано вложува во едукација на сите возрасни групи за придобивките од користењето на дигиталните услуги. Помладите живеат во дигиталната ера, со што дигитализацијата им е секојдневие, и кога станува збор за онлајн услуги се далеку похрабри во нивното усвојување. Секако потенцијалот кој е надвор од овој сегмент на возрасна група, содржи огромен потенцијал кој се стремиме да го придобиеме.
Преку различните дигитални канали за комуникација, коишто се лесно достапни за сите корисници (веб страна, А1 Liveshop – виртуелна продавница, Славчо – виртуелниот А1 Guru експерт, персонализирани мејл пораки итн.), секогаш гледаме начинот на комуникација со корисниците да биде персонализиран и приспособен за самиот корисник.
АЕТМ: Кои услуги од онлајн портфолиото најчесто се користат од страна на клиентите, физички и правни лица и што најчесто се плаќа онлајн (покрај сметките за режиски трошоци) на апликацијата Мојот А1 и на веб страницата на вашата компанија?
Емилија Илиева: Мојот А1 апликацијата е наменета за раководење со услугите на самите корисници, меѓу кои најкористена функционалност е плаќање на месечните сметки за своите услуги, но покрај ова, многу користена функционалност е активацијата на дополнителни пакети и услуги, како и можноста да се префрли кредит од корисник на постпејд сметка на корисник на припејд сметка.
Додека пак, веб корисниците, се повеќе фокусирани на самите услуги кои ги нудиме, односно, купување или пак промена на тарифи и уреди, преку нашата онлајн продавница и преку A1 Liveshop виртуелната продавница, како и можноста корисниците сами да направат комбинација на А1 услуги преку A1 Combo конфигураторот.
АЕТМ: Какво е вашето лично искуство со онлајн купување и дали мoже да ни откриете што е последната работа што ја купивте онлајн? Што би им препорачале на оние кои сѐ уште не ги искусиле придобивките кои ги нуди онлајн пазарувањето?
Емилија Илиева: Кога купувам онлајн, секогаш гледам да купувам од бизниси кои се верификувани е-трговци. Секако, пред купување секогаш читам разни коментари на постови на социјални медиуми од останати купувачи, за да имам претстава што можам да очекувам од самите е-трговци.
Последната работа што ја купив онлајн беше козметика за лице ☺
Како за крај, на сите оние коишто не ги искусиле придобивките кои ги нуди онлајн купувањето, би им препорачала да го преземат првиот чекор до поедноставно секојдневие.