[Интервју] Eco Logistic Service: Се трудиме да ги решиме предизвиците со едукација на потрошувачите за предностите на е-продажбата.

Разговараме со Eco Logistic Service за значењето на навремена и брза достава, влијанието на глобалната пандемија врз нивниот начин на работа и нивните планови за понатамошни унапредувања.

АЕТМ: Основата за успешно пласирање на еден бизнис во опсегот на е-трговијата е доставата.  Имајќи предвид дека брзината и точноста при доставата на нарачките се од големо значење за успехот на еден е-бизнис, кои се предностите и поволностите кои вие им ги нудите на е-трговците и е-купувачите со користење на вашиот сервис?

ELS: Од суштинско значење за Eco Logistic Service како општествено одговорна компанија и за секој од нас тоа што ние го одржуваме угледот и довербата во односите која мора да постои кај сите поединци и компании со кои работиме. Ги следиме законските и етичките обврски при управување со деловното работење на компанијата. Она што ние го нудиме на компаниите со кои соработуваме се вредностите на компанијата а тоа е оној сегмент по кој се разликуваме од конкуренцијата па поради тоа ELS постојано се стреми кон унапредување на своите вредности преку:

  • Инвестиции во развој, опрема и технологии
  • Привлекување на потенцијални клиенти
  • Промовирање на услугите и нашите производи
  • Одржување на деловниот однос со постоечките клиенти
  • Нудиме комплетно решение на едно место
  • Интегрирање на нашиот со нивниот систем на нарачки и увид односно тракинг на пратката
  • Превземање, достава и исплата на откуп во најбрз можен рок
  • Капацитет на возен парк од 64 возила
  • Магацински простор-пакување на пратките по желба на клиентите
  • Имаме препознатливи и униформирани доставувачи, геолокација при испорака на пратките
  • Постојана едукација и обуки на човечките ресурси во компанијата
  • Обезбедување на безбедни и соодветни услови за работа
  • Грижа на вработените и тимскиот дух

АЕТМ: Дали можете да ни кажете нешто повеќе за ‘Eco’ аспектот од вашиот бренд? На кој начин ја искажувате општествената и еколошката одговорност при целиот процес на достава? 

ЕLS: Почитувањeто и заштитата на животната средина е важна вредност за нашата компанија. Ги почитуваме еколошките закони применливи за друштвото и имаме важна улога во спроведувањето на инструкциите издадени од компанијата во овој однос. Доставата ја вршиме со обични и електрични велосипеди, пешаци, како и со моторни возила за кои користиме еколошко гориво-метан и еколошки гас.

АЕТМ: Добрата реализација на пратки и задоволни клиенти се производ на одлично организиран логистички систем. На кој начин се одвива вашиот систем на работа и за колкав временски период може да се очекува испораката на една пратка?

ELS: ELS има имплементирано најсовремен специјализиран курирски софтвер со системско решение за најава, превземање на пратките, следење и испорака на пратките во реално време. Секој од нашите клиенти има можност 24 часа да го следи движењето на пратката. Што се однесува до рокот на испорака од моментот на превземање тој може да биде од 24 часа до 72 часа во зависност од местоположбата за достава на пратката согласно склучените комерцијални договори со нашите клиенти.

АЕТМ: Според бројот на испратени пратки, можете ли да ги посочите индустриите чии производи се најзастапени на нашиот пазар? Колкав е вообичаениот број на примени и испорачани пратки во однос со бројот на клиенти кои ги опслужува ELS?

ELS: Најзастапени индустрии со кои соработува нашата компанија се компаниите од: текстилната индустрија, нафтената индустрија, авто делови, како и финансиски институции (банки, осигурителни компании). Вообичаениот број на примени и испорачани пратки во однос со бројот на клиенти кои ги обслужува ELS е 10:1.

АЕТМ: Влијанието на глобалната пандемија covid-19 врз начинот на работа на компаниите е речиси неизбежно. На кој начин се прилагодува Eco Logistic Service, и какви мерки се превземаат со цел заштита на вработените и клиентите? Дали забележувате промена при интензитетот на испорака на пратки?

ELS: Во врска со прогласената вонредна состојба со цел превенција и спречување на пандемијата од КОВИД-19, ELS како општествено одговорна компанија согласно одлуките и уредбите што ги носи Владата на РСМ ги почитува мерките и препораките со тоа што обезбеди лична заштитна опрема за своите вработени (заштитни 3D маски и ракавици, средства за дезинфекција на раце, средства за дезинфекција на возилата и просториите на ELS.) Донесовме протоколи за подигнување на свесноста на нашите вработени за значењето и важноста за задолжително носење на лична заштитна опрема, одржување на хигиената, одржување социјална дистанца, со цел заштита на здравјето на нашите вработени и заштита на нашите клиенти. Бројот на пратките за испорака малку е зголемен со тоа и рокот на испорака е малку оддолжен. На рокот и квалитетот на испорака влијае и зголемениот страв на корисниците-примачите на пратки од вирусот КОВИД-19.

АЕТМ: Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате како логистички сервис? На кој начин сметате дека можат да се надминат истите?

ELS: Предизвиците со кои се соочуваме се трудиме да ги решиме со едукација на компаниите за предноста на е-продажбата воедно и на потрошувачите преку најразлични начини на промоција на нашите услуги и интензивни маркетинг кампањи со цел да ги потенцираме придобивките од е-продажба.

АЕТМ: Какви се понатамошните планови за унапредување на ELS? Дали размислувате за проширување на вашиот опсег на достава надвор од границите на територијата на нашата држава?

ELS: Секако дека да, планираме да го прошириме опсегот на достава надвор од границите на нашата држава, тоа ни е во план и предизвик и секако очекуваме успех и во тој поглед.

АЕТМ: Eco Logistic Service е член во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Кои се причините поради кои одлучивте да се приклучите кон оваа Асоцијација и сметате ли дека Северна Македонија има потенцијал да биде е-држава и во која насока треба да се стремиме во иднина со цел соодветно да ги искористиме потенцијалите кои ги поседуваме кога е во прашање е-трговијата?

ELS: Имајќи го во предвид фактот на нашата дејност и потребата од вклучување на компаниите кои ја работат истата дејност како нашата во една асоцијација, каде што би се развивале идеите за напредок на дејноста, размена на искуство и заедничко решавање на сите проблеми и предизвици на е-бизнисот во нашата држава.

Поврзани содржини