Софтверската компанија HASELT е дел од виртуелниот хакатон „Хакирај ја сивата економија во е-трговија“ како сребрен партнер. Заедно со Душица Лазарова – Бизнис и Проект Менаџер во HASELT зборуваме за тоа колку е важно активното учество на младите со цел оформување на едно напредно општество, свесноста и желбата на компаниите да пристапат кон дигитализација и потребата од дополнителен развој на е-трговијата со цврсти основи и добро воспоставен, безбеден систем.
АЕТМ: Глобалната пандемија придонесе за брзиот раст на е-трговијата во нашата земја, што ги примора компаниите и бизнисите да бидат агилни, брзо да се адаптираат и да се соочат со предизвиците кои се појавуваат при дигитализацијата. Кое е вашето мислење на оваа тема, што сметате дека дека треба да се преземе со цел да се намали сивата економија, со акцент на дополнителен развој на е-трговијата?
Душица Лазарова: Сметам дека имаме уште многу работа на оваа тема. Ова не е едноставен и едностран проблем; темата допира широк спектар на засегнати страни и институции – од надлежните законодавни органи, државните инспекции, бизнис заедницата па сè до крајните потрошувачи. Сметам дека клучно и примарно е да функционира системот на контроли и казни за прекршувачите на законите и учесниците во сивата економија. Не помалку битно е спроведување на соодветна едукација за сите засегнати страни, едукација на крајните потрошувачи за да тие бидат свесни каде одат нивните пари, дали и за што плаќаат данок. Дополнителен развој на е-трговијата може да постои само доколку постојат цврсти основи и добро воспоставен, безбеден систем. На компаниите им е потребна помош во процесите на дигитализација, токму овде клучна улога игра и бизнис заедницата и секако Асоцијацијата за е-трговија чии примарни цели се едукација и насочување на компаниите во целиот процес на дигитализација, коректно и современо тргување.
АЕТМ: Голем дел од компаниите кои размислуваат да имплементираат онлајн продажба како основен бизнис модел сметаат дека процесот на воведување онлајн плаќање е скап и комплексен процес. Поради тоа, дел од нив продаваат преку социјални мрежи со цел да ги избегнат овие иницијални трошоци. Како ИТ компанија која работи во полето на е-трговијата во земјава и надвор од неа, можете ли да ни кажете зошто владее таква перцепција и како да се надмине? (може да ни посочите пример од вашето искуство во странство како би се надминала оваа фаза).
Душица Лазарова: За да се надмине таа перцепција потребни се подобри едукативни и информативни активности за придобивките и можностите на е-трговијата кои ќе бидат насочени кон сите учесници на пазарот. Под активности мислам на едукации, медиумски кампањи, како и изработки на водичи за е-купувачи и пред сè за е-трговци, кои ќе имаат намена да ја зајакнат улогата и важноста на е-трговците на пазарот, како и да им помогне низ целокупниот процес на имплементирање на онлајн продавница. Од други активности како важни во подобрување на разбирањето на процесот на отворање и придобивките од онлајн продавница би ги издвоила и воведувањето сертификати, кои претставуваат симбол на доверба и знак дека е-трговците работат во согласност со највисоките стандарди за е-трговија во светот и ќе гарантираат за квалитетот на производот. Од другите учесници на пазарот би ги издвоила и поштенските и курирските служби, кои би рекла дека се клучни за развој на е-трговијата. Брзината со која логистиката може да се трансформира и модернизира е една од најважните алки во развојот на е-трговијата.
Исто така сметам дека постои уште простор да се направат надградувања во законодавството при што би се добила појасна слика за разликите помеѓу dropshipping, web shop и електронска платформа, со цел потрошувачите да разберат кои се нивните права кога купуваат директно од продавачот, кога купуваат во web shop или кога купуваат на платформа која има улога на посредник, односно кој е одговорен за купениот производ доколку не се задоволни со квалитетот и сакаат да го рекламираат.
АЕТМ: Хаселт е ИТ компанија која е присутна на голем дел од настаните кои ја засегаат е-трговијата, воедно дава и голема поддршка кога се во прашање студентите и нивната поддршка во изнаоѓањето на својот кариерен пат. Оваа година сте поддржувач на првиот хакатон посветен на сивата економија – „Хакирај ја сивата економија во е-трговија“ каде акцент се става на сивата економија во е-трговијата и на студентите. Колку е значајно студентите да бидат вклучени во активно работење и решавање на општествени проблеми (како сивата економија во е-трговија) имајќи предвид дека преку тоа активно се придонесува тие да креираат навики и се влијае позитивно на нивниот личен развој кој понатаму ќе им биде од исклучително значење во текот на кариерата?
Душица Лазарова: За едно напредно општество, меѓу другите фактори клучно е и младите да имаат активно учество во истото, да бидат информирани, активни учесници во целокупното функционирање во сите сфери во општеството. Студентите имаат свежи идеи, нова енергија која е битно да се негува и правилно да се насочи, да работат на нивното длабоко и критичко размислување за пошироки теми освен зa нивните секојдневни факултетски обврски. Клучна улога овде имаат и самите образовни институции кои освен потребното теоретско знаење би требало да се трудат да ги припремат студентите за “надворешниот свет”, да градат од нив вистински професионалци уште додека траат самите студии. Колку порано се вклучуваат студентите во општествениот живот и почнат да ја градат својата кариера, толку побрзо ќе гледаме општествени промени и иновации околу нас. Во последно време, сведоци сме на сè поголем број на студенти кои уште од средината на своите студии размислуваат што понатаму, бараат начини да се вклучат во различни иницијативии или компании и тој тренд навистина ме радува.
АЕТМ: Пандемијата во Ковид-19 ја всади дигитализацијата во агендата на речиси сите компании, имајќи предвид дека оние компании кои навреме ќе ги дигитализираат процесите веројатно ќе успеат да се прилагодат на “новото нормално”. Каков е вашиот став кога е во прашање дигитализацијата, колку домашните компании се подготвени да се прилагодат на моменталната ситуација и барањата од клиентите и од пазарот како целина и колку домашните компании бараа да се дигитализираат дел од нивните процеси во изминатата 2020 година?
Душица Лазарова: Многу е едноставно, сите ние како поединци, како компании, како бизниси и како општество мораме да се прилагодуваме на сите новонастанати ситуации. Глобалната пандемија со Ковид-19 влијае врз сите сфери од нашето живеење и функционирање и за жал, одредени професии и индустрии беа драстично и директно погодени од пандемијата. Сметам дека компаниите се свесни и желни да пристапат кон дигитализација, но факт е дека секоја од нив се соочува со различни предизвици; дел предодредени од самата индустрија во која работат, дел од нивниот специфичен пазар, од услугите или производите кои ги нудат. Огромен број на компании се најдоа во позиција да мораат да прават драстични промени доколку сакаат да опстојат на пазарот, а тоа не е секогаш возможно. Тоа се пред сè компании кои работеа во услужните дејности, кои работеа исклучиво со физичко присуство, кои имаа огромни деловни простории за одржување и сл. Драстичните времиња бараат и драстични промени. Добра вест е што технологијата денес нуди навистина бескрајни можности, но она што е дополнително и особено важно е дека освен технолошките подобрувања сите ние мораме да размислуваме креативно и иновативно и освен дигитализација на самите процеси, потребна е суштинска реорганизација на нашето работење и процесите. Конкретно во Македонија, сметам дека во делот на достава и логистика треба уште многу да се работи, голем дел од компаниите, а од другата страна и купувачите мака мачат токму со овој дел од ланецот на продажба.
АЕТМ: Како експертска компанија која активно се залага за дигитализација на процесите, какви се вашите очекувања од овој хакатон кој ги мотивира учесниците да произлезат со креативни решенија кои адресираат реален и значаен проблем во нашата земја? Што би им препорачале на студентите во врска со решавање на предизвиците поврзани со е-трговијата?
Душица Лазарова: Би им посакала на учесниците да размислуваат храбро и креативно, да се фокусираат на суштината на проблемите и да понудат решенија кои се апликативни за нашите услови и нашиот пазар. Предизвикот е голем и интересен, се надевам дека ќе има многу заинтересирани учесници и дека од овој настан ќе произлезат различни и квалитетни решенија. Би им препорачала на студентите да продолжат да работат на своите решенија и по завршување на хакатонот. Секој што се пријавил на ваков настан е заинтересиран да работи и да придонесе за решавање на битни општествени проблеми, па би сакала да ги поддржам и охрабрам сите студенти да продолжат да размислуваат и дејствуваат во таа насока, да движат напред и да не се откажуваат. Се надевам дека ќе наидат на разбирање и поддршка од сите релевантни институции што е неопходно за понудените решенија да можат финално да се имплементираат и користат.
АЕТМ: Колку често вие купувате онлајн и дали можеби имате некое непријатно искуство поврзано со е-трговија и на кој начин го надминавте истото? Која е последната работа која ја купивте онлајн?
Душица Лазарова: Последно кај нас имам купено намирници за домаќинството. Иако и претходно пазарев онлајн, со пандемијата тој тренд се зголеми во земјава па и кај мене лично. Некое непријатно искуство што го паметам беше исто така набавка на прехрамбени производи за дома, при што наидов на 2 проблеми ако може така да се наречат. Едниот беше поврзан со самиот процес на работа и комуникација со купувачите, поточно, дел од производите не беа достапни на залиха (при купувањето тоа купувачот не го гледа), а при доставата беа донесени заменски производи без никаква најава или телефонска консултација за истото. Вториот проблем беше поврзан со доставата, што е повторно еден друг процес во целокупното работење и нарачката беше донесена со задоцнување од неколку дена од најавеното. Проблемот го надминав едноставно, по тоа искуство никогаш повеќе не нарачав онлајн од истиот маркет 🙂