Новости од е-трговија

[ИНТЕРВЈУ] Афет Муслији, bus2go.mk: Информациите и теоретските знаења се лесно достапни во денешно време, но вредноста е во специфичните примери и успешните и неуспешните приказни од искуството на предавачите

АЕТМ: Bus2go.mk е македонска веб платформа која овозможува онлајн купување на билети, како и онлајн валидирање на повратен билет за меѓуградски патувања со автобус во нашата земја. Според вашето досегашно искуство, дали сметате дека граѓаните се свесни за бенефитите кои можат да ги добијат од услугата која ја нудите и дека истата би им го олеснила процесот на купување билет?

Афет Муслији, bus2go.mk: Онлајн купувањето воопшто и во нашиот случај, онлајн купување на билети за патување вклучува и бара промена на навики за поголемиот дел на нашите корисници. Трендовите поврзани со е-трговијата во нашата држава и регионот во последните години се позитивни и охрабрувачки, меѓутоа, јавниот превоз е сè уште далеку од присвојување на нови дигитални решенија и услуги кон корисниците во овој клучен сектор за нормално функционирање на една економија и општество. Нашата мисија е да го решиме овој проблем и да го подобриме јавниот превоз во С.Македонија и регионот, почнувајќи со онлајн билети за меѓуградски и меѓународни автобуски линии во соработка со нашите партнери. Патниците бараат лесно достапна и дигитална услуга. Наша следна задача е да ги убедиме сите даватели на услуги (превозници и станици) дека оваа промена е клучна за опстојување и за потребниот развој во овој сектор.

Македонска веб платформа за онлајн купување на автобуски билети – bus2go.mk
АЕТМ: За промена на навиките на граѓаните (како што е промената од купување на автобуски билет онлајн наместо на шалтер) е потребна постојана едукација, информирање и постојано истакнување на бенефитите кои тие ги добиваат, а тоа многу едноставно може да се направи со помош на дигитален маркетинг. Дали едукативната програма „Дигитални вештини за раст“ која се одржа во текот на јуни и јули во организација на АЕТМ, каде што една од сесиите беше наменета токму за алатки за дигитален маркетинг ви помогна со здобивање за нови идеи преку кои ќе можете да им ја доближите вашата услуга на граѓаните?

Афет Муслији, bus2go.mk: Да, апсолутно. Иако алатките ни се познати, препораките за поефективна употреба, систематско планирање на активности поврзани со нив, таргетирање на пораки и т.н., беа добродојдени за нашиот бизнис и истите се сега дел од нашата работа.

АЕТМ: Дали сметате дека учеството на ваква едукативна програма носи вистинска вредност и практично знаење кое можете веднаш да го имплементирате во вашето работење?

Афет Муслији, bus2go.mk: Да, поради фактот што предавањата беа од лица со работно искуство во соодветните области. Информациите и теоретските знаења се прилично лесно достапни во денешно време, но вредноста е во специфичните примери и детали, успешните и неуспешните приказни од нивното искуство, како и енергијата која се создава од физичкото присуство на сите учесници.

AETM: Што би издвоиле како најголем бенефит од учеството во програмата?

Афет Муслији, bus2go.mk: Учеството во ваква програма ни овозможува да излеземе од дневната рутина, стекнеме нови контакти и да се вратиме со свежо размислување за нашите следни чекори.