Новости од е-трговија

[ИНТЕРВЈУ] Денис од Ananas.mk, Златен партнер на 6-та конференција за е-трговија

Со моментално над 100.000 производи, 160 партнери на нивната платформа и преку 30 групи на категории, Аnanas.mk има за цел да ја збогати македонската дигитална економија, да им овозможи простор за онлајн продажба на малите и средните компании и со тоа директно да влијае на нивниот раст и развој. Иако на македонскиот пазар се присутни само 3 месеци, нивните активности се навистина впечатливи со слоганот “Клик! Бум! Трас!” и со нивните заложби насочени кон остварување на нивното главно мото и порака: “Купувачот е Крал и секое негово позитивно искуство за нас е еднакво на победа”. 

Во ова интервју разговараме со Денис Ампов, Country Manager за Ananas.mk за нивните почетоци во Македонија, остварувањето на едноставните очекувања на купувачите, идните планови и за нивното деби на 6-тата годишна, регионална конференција за е-трговија како нејзин златен партнер.

АЕТМ: Во Македонија, Ananas.mk го започна своето патување преку аквизиција на Групер, еден од лидерите во домашната е-трговија. Но, брендот Ананас и целосната понуда, како и логистика започнавте да ја градите самостојно од самите почетоци прилагодувајќи ја вашата мисија на локалниот пазар. Кои беа најголемите предизвици при поставување на темелите на бренд каков што е Ананас на пазарот во Македонија?

Денис од Ананас: Горд сум што Македонија беше првата земја на патот кон интернационализација на толку моќен и влијателен бренд како Ananas. Во изминатите три месеци ја искористивме одличната поддршка и знаење од нашите колеги од Србија и успеавме да го кренеме целиот наш бизнис „на нозе“. Пред нас е голема и макотрпна работа, но ние сме тим кој е подготвен да и понуди на Македонија целосно ново и револуционерно искуство во светот на онлајн купувањето. Има и ќе има предизвици, но, ако ви кажам дека за три месеци веќе имаме повеќе од 160 партнери кои успешно продаваат преку нашата платформа, тогаш ќе ви стане јасно дека предизвиците ги претвораме во можности и дека не постои проблем за кој немаме соодветен план и решение.

АЕТМ: Особено впечатлив е вашиот слоган „Клик! Бум! Трас!“ кој има клучно значење во секој аспект од вашето работење. Можете ли да ни откриете од каде потекнува слоганот и која е суштината на истиот?

Денис од Ананас: Како што обично се случува во креативниот свет, слоганот се случи спонтано и стана толку популарен што во Србија дури постои и папагал кој знае точно и прецизно да го изговори нашиот слоган “Клик! Бум! Трас!”. Од друга страна, овој слоган целосно го опишува нашиот бизнис – Клик! – затоа што кај нас сѐ е на еден клик, од купување и плаќање, па сѐ до изборот на начин на испорака; Бум! – затоа што што и да помислите… БУМ, еве го, го имате тука и сега, секако на Ananas.mk, и Трас! – нашата широка, богата и разновидна понуда пристигнува додека кажете ТРАС!

АЕТМ: Со вашиот бизнис модел, нудите продажба на ваши производи и можност за отворање на е-продавници од страна на компаниите соработници преку кои ќе вршат продажба на сопствени производи како дел од онлајн платформата Ananas.mk. Можете ли да споделите статистика колку продавници има на Ananas.mk, колку производи се излистани во моментов и кои категории учествуваат со најголем обем во вкупните продажби?

Денис од Ананас: Ananas.mk, баш како што кажавте, нуди повеќе модели на соработка и тоа е еден од клучните бенефити за македонските бизниси, бидејќи ние лесно можеме да се прилагодиме на нивните потреби кога се има желба за раст преку Ананас – компаниите имаат сигурен партнер кои со знаењето и искуството ќе ги преточи желбите во резултати. На платформата во моментов има над 100 илјади производи и повеќе од 160 партнери кои продаваат успешно преку нашата платформа. До сега имаме 1200 категории на производи кои се излистани на нашата платформа, истите се сегментирани во 30 групи на категории. Оние кои што во моментов се најбарани и најпродавани категории се дом и градина, електроника и направи сам.

АЕТМ: На локалниот пазар сте присутни краток временски период, но сте прилично активни и впечатливи. Доколку погледнете неколку години во иднината, каде сакате да го видите Ananas.mk за 5 години од сега? Сметате ли дека со Ananas.mk на вашите купувачи ќе им понудите онлајн шопинг искуство на начин што ќе остане интересен и релевантен и за купувачите, и за бизнисите?

Денис од Ананас: Легендата вели дека Amazon стана профитабилен после 18 години од лансирањето. Кога би можел да замислам желба за тоа што сакам да му се случи на Ananas за 5 години од сега, дефинитивно би сакал да биде тоа за што на Amazon му беа потребни 18 години. Искрено, сметам дека мојата желба не е невозможна, благодарејќи на тоа што веќе имаме асфалтиран пат, избравме добар тајминг – кога е-трговија кај нас е во подем и имаме целосна поддршка од најсилниот српски холдинг на Балканот – Делта.

Ако на ова се додаде знаењето и искуството на нашите колеги од Србија, кои веќе постигнаа сериозно голем успех, веројатноста мојата желба да стане реалност е голема.

Дополнително, мора да истакнам дека со лансирањето и плановите за развивање на Ananas, во голема мера сакаме да ја поддржиме и збогатиме македонската економија, преку целосна понуда и простор за онлајн продажба на малите и средните компании со што директно ќе влијаеме на зголемување и развојот на нивните бизниси. Знаејќи го фактот дека потребна е огромна сума на парични средства за отворање, водење и одржување на онлајн продавници, Ananas е тука да ги обезбеди сите потребни услови за успешно функционирање на било кој бизнис.

АЕТМ: Вредностите на Ананас, кои се набројани и на вашата платформа се: “Емпатија”, ”Критичко размислување”, ”Страст” и ”Купувачот е крал”. Што значат овие вредности за вас како компанија, и на кој начин треба истите да бидат прифатени и од страна на вашите купувачи?

Денис од Ананас: Пред да биде лансиран Ananas во Србија, беа направени бројни истражувања сѐ со цел да се разбере што всушност бара и сака просечниот онлајн купувач. Заклучок – многу едноставни очекувања – достава до врата, брза и лесна рекламација и брза достава. Тоа е она што ја прави разликата.

Поради ова, секогаш сме тука и активно ги слушаме нашите потрошувачи, ги разбираме и сакаме да им го олесниме животот преку исполнување на нивните желби. Сакаме да имаат добра понуда, добри цени, сигурна достава, безбедни и различни начини на плаќање и лесно враќање на пакетот, доколку има рекламација.

Во овој контекст, би сакал да цитирам една од нашите главни пораки – “Купувачот е Крал и секое негово позитивно искуство за нас е еднакво на победа”.

АЕТМ: Ananas.mk оваа година ќе го има своето деби на 6-тата годишна, регионална конференција за е-трговија како нејзин златен партнер. Можете ли да го споделите значењето на ова патнерство со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и како тоа ја одразува посветеноста на Ананас кон заедницата за е-трговија?

Денис од Ананас: Горди сме што, како најголемиот шопинг мол, ā на нет, ја имаме честа да поддржиме ваква важна регионална конференција и да бидеме домаќини, заедно со претставниците на Асоцијацијата, на истакнати гости и професионалци ширум светот.

Ова партнерство е пред сѐ стратешки оправдано и позитивно затоа што само со заеднички сили можеме да ја променија е-трговијата на подобро. Нашата визија е „Сè околу нас е Ananas или ќе биде“, или во превод дека сакаме за неколку години сите во Македонија кога ќе помислат за онлајн купување, наместо прв избор да им е Google, директно да одат на Ananas, а оваа наша мисија можеме да ја постигнеме само со партнер како Асоцијацијата за е-трговија во Македонија.

Поврзани содржини