GIZ, долгогодишен партнер на конференцијата за е-трговија, посветено работи на развојот на дигиталната трансформација и економскиот напредок во регионот. Со Давид Оберхубер, директор на GIZ во Северна Македонија, разговараме за тоа како организацијата ги поддржува иницијативите за одржлив развој, интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, и како преку проекти за е-трговија и регионална соработка, GIZ овозможува позитивни промени и зголемена конкурентност.
АЕТМ: Со својата визија „Работиме за да обликуваме иднина вредна за живеење низ целиот свет“, Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) спроведува значајни проекти во околу 120 земји, вклучувајќи ги сите шест земји од Западен Балкан. Можете ли да споделите нешто повеќе за организацијата и нејзината мисија во региони како нашиот?
Давид Оберхубер: GIZ, или Германско друштво за интернационална соработка, е германска јавна организација што има мандат од германската влада да имплементира и да ги следи процесите на промени што зајакнуваат и подобруваат одредени аспекти во земјите каде што работиме. Поточно, во Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија. GIZ е најмногу фокусирана на активности поврзани со интеграцијата на регионот во ЕУ, како што се зајакнување на локалните заедници, реформи на владеење и администрација, заштита на животната средина и зајакнување на регионалната соработка. Сите наши иницијативи се во договор со владите со кои соработуваме, било директно или преку регионалните организации со кои соработуваме. Нашата работа е управувана од основни вредности што ги истакнуваат одржливоста, почитувањето, партнерството и инклузивноста.
АЕТМ: Од 2018 година сте на позиција директор на GIZ во Северна Македонија. Што ве инспирираше лично да ја преземете оваа улога и како го оценувате влијанието на GIZ врз развојот на земјата?
Давид Оберхубер: Секогаш ме инспирираше можноста да придонесам за значајни промени и одржлив развој во соработка со нашите партнери. Тука во Северна Македонија GIZ обезбедува поддршка уште од независноста на земјата, повеќе од 30 години, и може да одигра важна улога преку три главни области на фокус: одржлив економски развој и вработување; клима, енергија и правична транзиција; и поддршка на мирни и инклузивни општества. Ова ја потврдува нашата мисија да обезбедиме значајна поддршка преку нашите проекти, кои главно се финансирани од германската влада, Европската Унија и други партнери, како владите на партнерските земји. Нашата цел е да развиваме практични решенија, не само преку пишување стратегии или програми, туку преку тесна соработка со сите засегнати страни од владата, граѓанското општество и приватниот сектор. Ова може да создаде долготрајни социјални, економски и еколошки придобивки за идните генерации во Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан. Оваа работа понекогаш може да биде предизвикувачка, но на крајот е исклучително наградувачка и ме мотивира.
АЕТМ: GIZ е партнер на регионалната конференција за е-трговија веќе четири години, а годинашната Седма конференција се одржува под слоганот „E-commerce: Untangling Potential.“ Како го оценувате моменталниот пејзаж на е-трговијата во Северна Македонија и Западниот Балкан, и кои специфични области нудат значителни можности за понатамошен развој што сè уште треба да го „ослободат“ потенцијалот?
Давид Оберхубер: Пејзажот на е-трговијата во Северна Македонија и Западен Балкан има голем потенцијал, но се соочува со и значителни предизвици. Иако е постигнат напредок, остануваат неколку бариери што го спречуваат непреченото прекугранично тргување, како физички граници, различни правни рамки, долги царински постапки и високи трошоци за испорака. Овие предизвици укажуваат на потребата од континуирани напори за „ослободување“ на потенцијалот на регионалната е-трговија. Како GIZ, ние сме посветени на поддршка на различни иницијативи на регионално и национално ниво. На пример, во Северна Македонија неодамна започнавме соработка со Македонската пошта и Царинската управа за имплементација на системот за електронска обработка на пакети пред пристигнување (Pre Arrival Processing – PAP). Овој проект има за цел да ги поедностави процесите за царинско „расчистување“, да ги скрати времињата за испорака и да ги намали трошоците. На регионално ниво, неодамна забележавме позитивен развој на Самитот во Берлин, каде што политичките лидери донесоа неколку одлуки за подобрување на регулаторната рамка релевантна за трговија, вклучително и за е-трговија. GIZ останува активно вклучена во спроведувањето на овие иницијативи.
АЕТМ: Долгогодишното и успешно партнерство помеѓу Македонската е-трговска асоцијација и GIZ на различни иницијативи го зајакнува секторот на е-трговија во земјата и регионот. Како ја дефинирате вредноста на оваа соработка и кој е импактот на заедничките иницијативи?
Давид Оберхубер: Преку нашата иницијатива за олеснување на регионалната трговија, која ја спроведуваме во име на Европската Унија (ЕУ) и германското сојузно Министерство за економска соработка и развој (BMZ), Македонската е-трговска асоцијација ја гледаме како доверлив партнер што води во промовирањето на регионалниот раст на е-трговијата. Успешно соработуваме со АЕТМ и партнерите од регионот на три клучни иницијативи:
- Регионалната платформата за е-трговија www.ecommerce4all.eu: Овој сеопфатен
ресурс им помага на бизнисите да започнат и да ја прошират својата е-трговска
дејност. - Балканската алијанса за е-трговија (BECA): Оваа алијанса овозможува на над 300
приватни компании да ги изразат своите ставови во врска со регионалните
прашања и охрабрува соработка меѓу своите членки. - Регионален Беџ за доверба во е-трговијата: Оваа иницијатива има за цел да гради
доверба кај потрошувачите, обезбедувајќи признат Беџ за сигурни практики на е-
трговија низ регионот.
Покрај тоа, во контекст на ова интервју на Седмата регионална е-трговска конференција, ние го цениме нивниот придонес за подигнување на оваа важна тема на јавната агенда.
АЕТМ: Гледајќи напред, кои се приоритетите на GIZ за поттикнување на е-трговијата и регионалната интеграција во следните неколку години, особено во однос на прекуграничната соработка?
Давид Оберхубер: Целосно сме посветени на поддршка на спроведувањето на следниот Заеднички регионален акциски план 2.0, кој беше усвоен за време на неодамнешниот Берлински самит. Нашиот фокус ќе биде насочен кон продлабочување на регионалната економска интеграција и зајакнување на политичката посветеност; забрзување на реформите за подобрување на регионалната конкурентност; подобрување на регулаторните рамки и обезбедување подобро усогласување со стандардите на ЕУ пазарот. Дополнително, ќе продолжиме да го олеснуваме зеленото и дигиталното транзиционирање, да промовираме одржлив развој и да поттикнуваме иновации низ Западен Балкан.