Новости од е-трговија

[Интервју] Анета Симеска Димоска: Следат засилени контроли на ДПИ за детектирање на нерегистрираните кои продаваат онлајн

Интензитетот на онлајн купување од страна на македонските граѓани е во постојан пораст. Е-купувањето особено дојде до израз во текот на изминатата 2020 година кога поради пандемијата голем дел од бизнисите започнаа да се преориентираат онлајн. Напоредно со тоа, и граѓаните масовно започнаа да практикуваат да купуваат онлајн. 

Сето ова придонесе за отворање на можност за физички и правни лица, најчесто користејќи ги социјалните медиуми како канали за продажба, да може да “продаваат“ онлајн без притоа целосно да ги запазуваат законските обврски, а со самото тоа да бидат класифицирани во делот на сивата економија. За ова разговараме со В.Д. директорката на Државен пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска.

АЕТМ: Дали може да ни кажете колку пријави имаат пристигнато до Државниот пазарен инспекторат до вас во текот на 2020, како и во текот на оваа година од потрошувачи кои нарачале онлајн и биле оштетени на било каков начин? За што најчесто реагираат граѓаните во своите пријави?

Анета Симеска Димоска: Во текот на 2020 година кога и е-купувањето посебно доби на интензитет, до Државниот пазарен инспекторат пристигнати се 76 пријави од граѓани само по електронски пат, а додека оваа година бројката само до крајот на месец ноември изнесува над 140 само по електронски пат. Овде ќе напоменам дека пријави од граѓани за онлајн трговија пристигаат и во другите одделенија на ДПИ низ државата кои се дополнително од оваа бројка. Ова покажува дека се повеќе граѓани пријавуваат неправилности по однос на онлајн купувањето.

Има различни причини за реакција од страна на граѓаните, но она што најчесто може да се утврди од пријавите е дека на производите што им се продаваат, односно доставуваат на граѓаните не се исти во однос на квалитет, изглед и слично со оние што се нудат за продажба преку фотографии и податоци, потоа им се продаваат неисправни производи или истите многу брзо се расипуваат, им се доставува различен модел, различен број на обувки или облека.. Исто така, има многу реакции дека доколку има проблем со производот, граѓаните не можат да направат замена, не им се враќаат пари, производите немаат гаранција за квалитет, производите се нудат како оригинална марка но потоа се утврдува дека не се, а има и такви кои уплатиле преку кредитна или дебитна картичка, а производите воопшто не ги добиле. Ова се реакциите кои најчесто ги имаме. Но, она што е главно како констатација од сите пријави е дека никој нема добиено фискална сметка, фактура или  потврда за извршено онлајн плаќање за производот што го нарачал, односно купил онлајн. 

АЕТМ: Каква е постапката која се спроведува од страна на ДПИ кога станува збор за поднесена пријава од страна на граѓанин кој има забелешка во процесот на нарачка од неофицијална продавница и има поднесено официјална пријава до вас?

Анета Симеска Димоска: По однос на нашето постапување, ние сме ограничени согласно постоечката законска регулатива во однос на постапувањето и за жал, не можеме да им помогнеме на граѓаните во овие случаеви бидејќи она што ни е потребно за да постапиме по одредена пријава за недостаток на производ согласно Законот за заштита на потрошувачи (по кој и единствено можат да се остварат правата на потрошувачите за одреден недостаток на производ или замена) е потрошувачите, односно купувачите да приложат фискална сметка (каса блок), или фактура, а за производите кои имаат рокови за гаранција, гарантен лист или друг документ кој го заменува. Како што наведов претходно, ниту еден купувач ако производот го набавил како што ги нарекувате од неофицијални трговци, а всушнoст тоа се нерегистрирани трговци, не приложува фискална сметка, ниту фактура, ниту пак било каков доказ за извршено плаќање за купениот производ и постапката воопшто не може да се спроведе. Најчесто се случува единствен доказ да е документ кој го издава дистрибутер за извршена достава без никакви информации за оној од каде се врши доставата. Доколку купувачот има фискална сметка или фактура и тоа го приложи до нас, ние постапуваме согласно Законот за заштита на потрошувачите по кој постапуваме како и за физичко купување на одреден производ, па во зависност од тоа што ќе се констатира понатаму се води соодветна постапка во насока на остварување на правата на потрошувачот. Секако дека има и казнени мерки за оние трговци кои и покрај законската обврска не остваруваат одредени права на потрошувачите. Овде напоменувам дека ова се однесува за пријави од граѓани кои кај производите утврдиле недостаток или бараат замена или враќање на производот.

Овде сакам да дадам појаснување во однос на плаќањето и дистрибуирањето на производите до купувачите. Доколку се работи за наплата преку електронски трансфер на парични средства од транскациската сметка на купувачот на трансакциската сметка на продавачот, тогаш најдобар начин за администрирање со продажбите е преку издавање на фактура на име на примачот на стоката, кој истовремено е и плаќач. Доколку едно лице е примач на стоката, а друго лице го врши плаќањето тогаш фактурата може да има посебен дел од кој ќе е евидентно дека таа гласи на плаќачот а испораката ќе се врши до друго лице, на соодветна адреса.

Во случај кога трговијата се врши преку посредници или дистрибутери, трговецот ја издава фискалната сметка на дистрибутерот кој е должен да ја врачи на купувачот при плаќање на цената на доброто. Продавачот ја издава фискалната сметка, му ја предава на посредникот (дистрибутер) кој ја прима наплатата од крајниот потрошувач кога ќе ја предаде купената стока. Фискалната сметка дистрибутерот секако му ја врачува на купувачот додека примената готовина му ја предава на продавачот кој е должен да ја процесира како дневен промет.

АЕТМ: Според Законот за нерегистрирана дејност, дали Државниот пазарен инспекторат има санкционирано субјекти кои се нерегистрирани е-трговци, а сепак извршуваат / извршувале дејност? Знаејќи дека најчесто оние кои нерегистрирани продаваат онлајн се физички лица кои воопшто немаат регистрирано своја компанија, дали законот дозволува тие да бидат санкционирани?

Анета Симеска Димоска: Електронска трговија е регулирана со Законот за трговија и е посебен начин на вршење на трговија на големо и мало по пат на договор. Електронската трговија се организира од страна на трговецот за продажба по пат на некое комуникациско средство под услови пропишани со закон и друг пропис. Воедно, согласно законот, трговија може да вршат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење на таа дејност во соодветен регистар согласно со закон. И согласно оваа обврска, предвидена е и мерка со која можат да бидат санкционирани. Но, она што претставува проблем е дека тие немаат регистриран деловен објект каде би можеле да извршиме надзор, најчесто тоа го прават од дома каде Државниот пазарен инспекторат не може да врши надзор. Нема регистрирано адреса или нема пријавено локација како би можеле да постапуваме. Немаат магацини за чување на производите. Информациите кои ги даваат претежно на социјалните мрежи се недоволни за да се постапува, а ако настане некој проблем со купувачите, се случува да ја згаснат страната или да станат недостапни на телефоните кои ги имаат дадено како контакти. Најчесто пријавите од граѓани доаѓаат токму за производи кои ги купиле преку информации или понуди на социјални мрежи. Така да, ова се ограничувањата кои постојат и поради кои не можеме соодветно да постапуваме согласно одредбите предвидени во Законот. Но секако доколку се утврди идентитет на лице кое врши е-трговија без да е регистриран секако дека има казнени мерки предвидени за вршење на нерегистрирана дејност.

АЕТМ: Дали постои механизам кој го употребувате за да ги детекетирате и сузбиете ваквите нерегистрирани субјекти кај кои многу често се случува да продаваат шверцувани производи и продукти кои се копии т.е. ги прекршуваат правилата на интелектуална сопственост? Дали ДПИ соработува со други институции кога станува збор за детектирање на ваквите трговци?

Анета Симеска Димоска: Па, механизам за утврдување дали некој е регистриран е ако добиеме доволно податоци кои се потребни за да влеземе во базата на податоци на Централниот регистар и да утврдиме дали има извршено упис во трговски регистар и дали има истакнато адреса, односно локација на вршење на дејноста. Ако има локација и ако тоа не е приватен стан може да се постапува и да се превземаат мерки по законот за трговија или Закон за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност. Но, ако не може да се утврди локација, единствено што може  е да пријавиме во МВР за компјутерска измама, а доколку е во приватен стан, тогаш постапуваме во соработка со МВР, но потребен е и налог од обвинителство. Како и за останатите надлежности, нашата соработка со институциите е многу важна и секако дека за овие прашања соработуваме со МВР, Царинската управа, Државниот завод за индустриска сопственост итн.

АЕТМ: Какви се вашите размислувања на темата ‘нерегистрирани е-трговци’; што сметате дека треба да се преземе со цел намалување на нивниот број? Дали мислите дека постои доволно големо ниво на свест за сивата економија и кои следни чекори сметате дека треба да се преземат со цел да се намали нејзиниот опсег?

„Наш приоритет во периодот кој следи ќе биде контролата во оваа област – детектирање на нерегистрираните е-трговци и превземање на соодветни законски мерки. Овде мора да напоменам дека е потребно и дополна на постојната законска регулатива за да се отстранат сите пречки за постапување на ДПИ.“

Анета Симеска Димоска: Истовремено за намалување на бројот на нерегистрирани трговци сметам дека треба да се работи и на зајакнување на свеста кај купувачите да купуваат само од проверени, односно безбедни и регистрирани трговци. За да се постигне тоа секако треба да имаат достапни информации за тоа кои од трговците се регистрирани. Морам овде осебно да го поздравам креирањето на онлајн регистарот на е-трговци на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија во рамки на бесплатната едукативна веб платформа ecommerce4all.mk. Токму преку регистарот, купувачите пред да направат нарачка имаат можност лесно да проверат дали се работи за регистрирана онлајн продавница. На овој начин, купувачите се заштитуваат себеси од ризиците и последиците од купување од небезбедни онлајн продавници, но секако и дека придонесуваат за намалување на сивата економија. Или накратко кажано едукацијата, информирањето и контролата се трите важни алатки за безбедно купување без ризици и можност за остварувања на правата како потрошувач и секако, намалување на сивата економија преку сузбивање на работата на нерегистрирани е-трговци. Она што сакам да го истакнам е потребата од заеднички настап на сите институции и инспекции, секој од своја надлежност, за сузбивање на овој вид на нелегална трговија, но и кампања за да се информираат граѓаните за ризиците за законските обврски кои треба да ги исполнат онлајн трговците и како да ги препознаат е-трговците кои се регистрирани и безбедни за купување.

Апелирам до потрошувачите секогаш пред да преземат чекор на онлајн купување, добро да се информираат и да го имаат предвид сето погоре кажано во врска со безбедност при купувањето. Но, овде и за прв пат ќе најавам дека како Државен пазарен инспекторат, во периодот кој следува ќе преземеме активности со сите засегнати страни да укажеме на потребата од подобрување на  законската регулатива, да ја зајакнеме контролата и да ги информираме потрошувачите каде и како можат безбедно онлајн да купуваат. Секако овде морам да нагласам дека соработката со АЕТМ ќе ни биде од особена важност и секако, заднички во соработка и со останатите институции да ги подобриме и условите и регулативата сè со цел да ја намалиме сивата економија кај е-трговијата.

АЕТМ: За крај, дали вие купувате онлајн и какво е вашето искуство со е-трговијата? Што би им препорачале на оние граѓани кои сѐ уште не го искусиле процесот на онлајн пазарување?

Анета Симеска Димоска: Да, јас купувам онлајн и можам да кажам искрено дека сум имала многу позитивно, но и негативно искуство, па затоа мојата препорака е да се користи онлајн купувањето секогаш кога е тоа можно, но, се разбира од претходно проверени, безбедни, односно регистрирани е-трговци.