Новости од е-трговија

[Интервју] Јаглика, РСМ Македонија: Сметководството не е само бројки – тоа е стратегиска алатка за раст на бизнисите

РСМ Македонија веќе две години е член во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Може ли да ги запознаеме читателите малку повеќе со работата на РСМ. Кои се РСМ и по што се препознатливи?

Јаглика: РСМ Македонија е дел од глобалната мрежа РСМ – една од водечките светски организации за ревизија, сметководство, даночен и бизнис консалтинг, присутна во повеќе од 120 земји со над 64.000 професионалци. Во Македонија сме активни од 2004 година, и денес сме препознатливи по тоа што не сме само даватели на услуги, туку вистински партнери на растот, иновацијата и дигиталната трансформација на нашите клиенти. Нашиот пристап го нарекуваме „The Power of Being Understood“ – моќта на тоа клиентот да биде навистина разбран.

Со седиште во Скопје и канцеларии во Битола и Тетово, обезбедуваме цел спектар на услуги – ревизија на финансиски извештаи, сметководство, даночен и деловен консалтинг, како и ИТ решенија преку РСМ ИТ Македонија. Во последниве години сме особено активни во дигитализација на деловни процеси – имплементираме Odoo ERP системи, решенија за човечки ресурси и плати (PayRun), и ISO сертифицирани ИКТ решенија.

Горди сме што сме доверлив партнер на повеќе од 300 компании годишно – од стартапи, преку е-трговци и финтек компании, до големи домашни и странски фирми. Нашето членство во Асоцијацијата за е-трговија е природен дел од таа приказна – активно ја поддржуваме дигиталната економија преку консалтинг, регулаторна усогласеност, едукација и партнерства со растечки компании.

Според вашето искуство, кои се најчестите грешки што ги прават македонските е-продавници кога станува збор за сметководство и финансиско управување?

Јаглика: Работејќи со голем број е-продавници и ИКТ компании, гледаме неколку повторливи грешки. Најчеста е мешањето на личните и деловните финансии – нешто што изгледа неопходно на почеток, но подоцна предизвикува проблеми при даночни контроли или при аплицирање за кредити и инвестиции.
Втората грешка е непознавање на правилата за ДДВ, особено кога се работи со странство. Многу компании не го третираат правилно ДДВ за дигитални услуги, увози или B2B/B2C трансакции со ЕУ, што може да доведе до сериозни казни.

Трето, често се случува финансиската евиденција да биде неструктурирана – користат повеќе продажни канали и курирски служби без централен систем. Тоа создава хаос на крајот на годината.
Исто така, многу компании сè уште не користат современи ERP решенија. На пример, преку Odoo ERP – кој го имплементираме во РСМ ИТ Македонија – е-продавниците можат да ги поврзат продажбата, залихите, фактурите и сметководството во една целина.

И на крај – недостигот на редовни финансиски извештаи. Без следење на KPI-показатели како профитабилност по производ или cash flow, одлуките често се носат „на чувство“, што е ризично. Наш совет е: подобро е од старт да се постави стабилен систем со професионален сметководствен партнер, отколку подоцна да се расчистува хаосот.

Колку е важно е-продавниците од рана фаза да ја планираат даночната стратегија – особено ако имаат амбиција да продаваат прекугранично?

Јаглика: Тоа е клучно. Во РСМ често велиме дека погрешна даночна одлука во почетокот може подоцна да го забави или дури блокира растот.
Прво, мора да се дефинира деловниот модел – дали продажбата оди преку сопствена веб-платформа, посредници како Amazon или Etsy, или преку dropshipping. Секој модел има различни даночни последици.

Потоа, кога се продава во ЕУ, мора да се внимава на правилата за ДДВ регистрација и пријавување, бидејќи казните се сериозни. Тука помага глобалната мрежа на РСМ – можеме директно да ги поврземе клиентите со даночни советници во другите земји.

Добро планирана стратегија овозможува и оптимизација на даночниот товар – користење поволности, правилен избор на правна форма и подобра распределба на профитот.
Со правилна подготовка, компанијата може безболно да влезе на нов пазар – во Хрватска, Германија или САД – без месеци административни застои. Планирањето однапред не е трошок, туку предуслов за стабилен и скалабилен раст.

Во која мера автоматизацијата и дигиталните алатки, како ERP системи, им помагаат на е-продавниците да растат поодржливо?

Јаглика: Автоматизацијата е основа на одржливиот раст. Во РСМ ИТ Македонија активно имплементираме Odoo ERP систем – cloud решение што ги интегрира сите деловни процеси: продажба, магацин, сметководство, HR и е-продавници.

Кога сите податоци се на едно место, одлуките се носат побрзо и поточно. Процесите како фактурирање или следење на залихи се автоматизирани, што значи помалку грешки и повеќе време за развој.

ERP платформите овозможуваат директна интеграција со Shopify, Amazon, Stripe и други системи, а Odoo нуди и сопствена е-commerce платформа што ги поврзува сите функции – од продажба до логистика – во едно решение.

Дополнително, развивме и наше решение за онлајн плаќања преку Bankart, кое веќе се користи во НЛБ Банка и е достапно на Odoo App Store. Со ваква технологија, е-продавниците добиваат целосна контрола, транспарентност и подготвеност за раст.

Што значи „сметководство повеќе од бројки“ во пракса – како финансиските податоци можат да се користат за подобри бизнис одлуки?

Јаглика: Во пракса, ова значи дека сметководството не е само административна обврска, туку стратегиска алатка. Финансиските податоци можат да покажат кои производи навистина носат профит, кои канали се исплатливи и каде се трошат ресурсите без ефект.

Со добра финансиска анализа се предвидува ликвидноста, се избегнуваат кризни периоди и се носат подобри одлуки – кога да се инвестира, кога да се прошири тимот или кога да се влезе на нов пазар.
Чиста и транспарентна финансиска слика гради доверба кај банки, партнери и инвеститори. Во РСМ Македонија и РСМ ИТ Македонија го гледаме сметководството како деловна интелигенција, а не само бројки – преку Odoo, KPI извештаи и BI dashboards им даваме на клиентите јасен увид во сопствениот бизнис.

Како малите и средни е-продавници можат да се подготват за интернационализација од финансиски и организациски аспект?

Јаглика: Интернационализацијата почнува со внатрешна подготвеност. За да се излезе на странски пазар, прво треба да се изгради стабилна финансиска и организациска структура.
Тоа значи редовни и стандардизирани извештаи, транспарентно сметководство, анализа на трошоци и буџетирање. Важно е и да се има јасна даночна стратегија – кога и каде треба ДДВ регистрација, кои царински кодови важат и како да се избегне двојно оданочување.

Организациски, клучна е автоматизацијата: ERP систем (на пример Odoo) што поддржува повеќе валути, јазици и интеграции со странски платформи, но и јасно дефинирани процеси за наплата, поврат и логистика.

Како членка на глобалната мрежа РСМ, можеме да им обезбедиме на клиентите поддршка и во земјите каде што се шират – со локални тимови за даноци, правни усогласувања, па дури и HR поддршка. Интернационализацијата е процес, а не настан – и РСМ може да биде тој партнер што ги поврзува сите точки меѓу локалното и глобалното.

Според вас, кои трендови во дигитализацијата и регулативите ќе имаат најголемо влијание врз е-трговијата во Македонија во следните неколку години?

Јаглика: Во следните неколку години, македонската е-трговија ќе се соочи со неколку важни трендови. Првиот е усогласувањето со ЕУ регулативите за ДДВ, електронски фактури и дигитални услуги. Компаниите без автоматизирани системи ќе имаат сериозни административни предизвици, додека оние што инвестираат во ERP решенија ќе бидат чекор напред.

Второ, интеграцијата на вештачка интелигенција во продажбата и логистиката ќе стане секојдневие – од автоматско процесирање на нарачки до флексибилно одредување на цени и персонализирани препораки. За тоа, пак, потребна е чиста и дигитализирана база на податоци.

Трето, се зголемува значењето на ESG обврските – од еколошки и општествени стандарди до транспарентно известување според европските директиви. Исто така, ќе расте и важноста на сајбер безбедноста и заштитата на личните податоци, со строги правила според GDPR. Конечно, растот на платформи за плаќање како Stripe и Klarna, како и логистичките решенија како DHL Express, ќе бара сѐ поголема технолошка интеграција. РСМ веќе разви Bankart плагин за Odoo, кој го олеснува токму овој процес.

Компаниите што ќе ја прифатат дигиталната трансформација и ќе вложат во усогласеност и сигурност, ќе имаат огромна предност во следните три до пет години.

РСМ Македонија и оваа година ќе биде партнер на Ecommerce Conference.  Од ваша перспектива, каква е вредноста од ваквите настани за е-трговците и како вашата поддршка се вклопува во градењето посилна заедница?

Јаглика: Со задоволство повторно сме партнери на Ecommerce Conference, бидејќи веруваме дека ваквите настани се вистински двигател на промени и вмрежување во е-трговијата. Тие создаваат можност за споделување знаење и искуства, особено за малите и средни бизниси кои сакаат да растат, но често се соочуваат со административни или технолошки бариери.

Како РСМ, ја гледаме нашата улога пошироко – да помогнеме е-трговците да изградат стабилна финансиска и дигитална основа за раст. Затоа, оваа година претставуваме и нова интегрирана услуга: Odoo е-commerce платформа, професионално сметководство и Bankart (НЛБ) плаќања – сè на едно место.

Со ова решение, компаниите добиваат брза изработка на онлајн продавница, целосна сметководствена поддршка и интеграција со локални системи за плаќање, што овозможува подготвеност за прекугранична продажба.

Нашата поддршка кон заедницата е долгорочна. Не сме тука само за настанот – туку сме постојан партнер на е-трговците во нивната трансформација. Со учество на конференции, споделување експертиза и со практични решенија, заеднички ја градиме иднината на дигиталната економија во Македонија.

Поврзани содржини