[Инфографик] Зошто 72,5% од е-продавниците во регионот продаваат онлајн само на домашни купувачи?

Во организација на Секретаријатот на ЦЕФТА, се одржа онлајн настан насловен „Отстранување на неоправданото гео-блокирање во е-трговијата во ЦЕФТА“ на кој присуствуваа близу стотина учесници од регионот меѓу кои претставници на владини институции, невладин и приватен сектор. Акциониот план за Заеднички Регионален Пазар 2021-2024 година на ЦЕФТА предвидува слободно движење на производи и услуги во ЦЕФТА регионот и доближување до веќе постоечкиот модел на т.н. Единствен пазар на ЕУ. Реализирањето на активностите од Акциониот план, меѓу кои е и отстранувањето на неоправданите практики за гео-блокирање ќе овозможат домашните купувачи да имаат поголем избор и да можат да нарачуваат онлајн од продавници од регионот, а домашните е-трговци да стигнат до поширока база на купувачи од регионот.

Претседателката на АEТМ, д-р Нина Ангеловска ги презентираше клучните сознанија од спроведената анализа во врска со практики за гео-блокирање во регионот на која АЕТМ работеше изминатите неколку месеци. Дури 72.5% од е-продавниците во регионот не продаваат на купувачи надвор од нивниот домашен пазар односно имаат рестрикции базирани на локацијата на купувачот. Најголем дел (64% од 160 анализирани е-продавници) од овие рестрикции се поставени на е-продавниците во формата каде купувачот треба да внесе адреса за достава со што адресата според поштенски код не е прифатена ако е надвор од пазарот на продавачот. 

Презентирање на резултатите од анализата за гео-блокирање во ЦЕФТА регионот

 

Најчестите предизвици со кои се соочуваат е-трговците кои продаваат на други пазари, а воедно и главните причини зошто над 70% од е-продавниците не продаваат на други пазари се царинските давачки и процедури (високите царински такси што купувачите треба да ги платат и сложените процедури додаваат административни потешкотии и неизвесност, проблемите со достава (високите трошоци за испорака ги прават производите неконкурентни, а локалните курирски служби немаат воспоставено партнерства и процеси за справување со испораки во другите пазари) и различните регулативи и процедури во секој пазар (односно недостатокот во стандардизација и  – јасни, униформни правила и регулативи, стандардизација и недостаток на поедноставени процеси го прават патот до испораките помеѓу пазарите уште потежок за е-продавниците).

Постојат и други предизвици како што се ниските дигитални вештини кои се предуслови за е-трговија, недостаток на разбирање за различните царински и административни процедури, техничките прашања како што се повеќејазичните веб-страници и поддршката за корисници, различните валути, високите девизни курсеви од банките и платежните инструменти итн. Иако близу 30% од е-продавниците продаваат на пазари надвор, домашниот пазар е доминантен со над 90% учество во вкупните продажби.

Извештајот од анализата беше изработен од Асоцијција за е-троговија на Македонија како лидер на проектот во соработка со Српската Асоцијација за е-трговија. Анализата беше направена со “мистери шопинг” на репрезентативен примерок од 160 е-продавници од ЦЕФТА. Беа спроведени и 44 интервјуа со претставници на е-продавниците со цел мапирање на причините, нивната природа и оправданост за рестрикциите односно практиките за гео-блокирање. Изработката на оваа анализа беше поддржана од Секретаријатот на ЦЕФТА.

Што е гео-блокирање и зошто постои?

Гео-блокирањето се однесува на деловни практики каде што е-трговците наметнуваат ограничувања врз основа на географската локација на купувачот. Ова се однесува на ситуации кога купувачите не можат да купат стоки или услуги од трговци лоцирани на друг пазар поради причини поврзани со место на живеење или место на основање, па оттука се дискриминирани кога се обидуваат да пристапат до најдобрите понуди, цени или услови за продажба. 

​​Некои од практиките на гео-блокирање се користат за почитување на домашните закони (услугите за коцкање или трговците со алкохол може да користат гео-блокирање за да го оневозможат пристапот на нивната страница до пазарите каде што тоа е забрането или каде што тие не можат законски да работат) и како резултат на ограничувањата за лиценцирање. Сепак, постојат многу практики за гео-блокирање кои се неоправдани. Овие практики ги отсекуваат корисниците од меѓународните заедници и од глобалните пазари. Како резултат на тоа, економиите се заробени во сопствениот “балон” на содржини наместо да можат да пристапат до универзални информации, услуги и добра.

Консолидираниот пазар на ЦЕФТА (Албанија, Босна и Херцеговина, С.Македонија, Молдавија, Црна Гора, Србија и Косово) претставува нова можност за раст и проширување за бизнисите кои ги нудат своите производи или услуги онлајн. Пазарот се состои од 18 милиони луѓе со проценка од 1 милијарда евра во е-трговија и има потенцијал да им овозможи на локалните компании да растат и да го прошират својот бизнис.

Во продолжение погледнете го инфографикот преку кој се презентирани резултатите од истражувањето за гео-блокирање во е-трговијата во ЦЕФТА регионот:

ЦЕФТА регион е-трговија
Инфографик од резултатите од истражувањето за гео-блокирање во е-трговијата во ЦЕФТА регионот