Новости од е-трговија

Анастас Докоски: Apple Pay е значаен чекор кон ново, побезбедно и побрзо дигитално плаќање

Халкбанк ја овозможи услугата Apple Pay, со што корисниците на банката можат да ги користат своите дебитни и кредитни Mastercard картички преку уредите на Apple – iPhone, Apple Watch, iPad или Mac – без носење физичка картичка и без рачно внесување податоци при секоја трансакција. Apple Pay функционира како дигитален паричник во кој картичката се додава едноставно и безбедно, а при плаќање уредот само се доближува до POS терминал, со потврда преку Face ID, Touch ID или лозинка. На овој начин, податоците од картичката не се изложуваат во процесот, што ја прави употребата сигурна и практична.

По повод лансирањето на Apple Pay од Халкбанк, разговаравме со Анастас Докоски, раководител на одделението за дигитално банкарство, кој го објаснува значењето на оваа новина за банката и за македонските корисници.

На прашањето што претставува воведувањето на Apple Pay за Халкбанк и за клиентите, Докоски вели:

„Халкбанка на македонскиот пазар е добро позната како банка која континуирано воведува современи дигитални решенија и ги следи најновите светски трендови. Со Apple Pay уште еднаш го потврдуваме нашиот фокус кон унапредување на дигиталните искуства. За банката ова е значаен чекор во дигитализацијата, а за клиентите – пристап до најмодерни, едноставни, брзи и безбедни плаќања.“ 

Услугата може да се користи и за онлајн купување, преку опцијата „Pay with Apple Pay“, што им овозможува на корисниците да избегнат рачно внесување на картични податоци. Apple Pay е поддржан и на банкомати со бесконтактно подигнување готовина. Активирањето на картичката е едноставно: се прави преку апликацијата Apple Wallet, со скенирање или внесување на податоците од картичката, а може да започне и преку мобилното банкарство на Халкбанк. Користењето на Apple Pay е бесплатно, а лимитите и параметрите на картичката остануваат непроменети. Сите трансакции се прикажуваат во Apple Wallet, како и во дигиталните канали на банката.

Го прашавме и какво влијание очекува Apple Pay да има врз навиките на плаќање, особено во е-трговијата. Докоски објаснува дека најпрво промени ќе се почувствуваат кај секојдневните плаќања во маркетите, рестораните, бензинските станици и слично:

„Клиентите многу брзо ќе го препознаат брзиот и интуитивен процес на плаќање со Apple Pay. Откако ќе се уверaт во неговата сигурност и едноставност, очекуваме значителен раст на користење и во онлајн купувањата. Најнапред на меѓународните платформи кои веќе ја поддржуваат услугата, а потоа и кај локалните трговци. Веруваме дека ова ќе придонесе и за намалување на навиката за плаќање при достава.“ 

Apple Pay нуди и висок степен на безбедност: доколку уредот се изгуби или украде, податоците од картичката остануваат целосно заштитени. Корисникот може преку iCloud да го заклучи или избрише уредот, со што се оневозможува употреба на дигитализираните картички. Ако при додавање на картичката е потребна дополнителна проверка, корисниците можат да ја завршат преку мобилното или електронското банкарство или преку контакт центарот Хелп24.

Често поставувано прашање е и кога може да се очекува интеграција на бизнис картичките во Apple Pay. На ова, Докоски одговара:

„Ова прашање многу често ни го поставуваат клиентите. Идејата постои уште од моментот кога го воведовме нашиот прв дигитален паричник Halk Pay. Активно размислуваме за најсоодветниот начин и време кога би можеле да ја понудиме оваа функционалност и за бизнис корисниците.“ 

Со воведувањето на Apple Pay, Халкбанк ја продолжува својата стратегија за модернизација и усогласување со глобалните дигитални трендови, создавајќи уште попрактично, побезбедно и поконкурентно банкарско искуство за своите корисници.

Поврзани содржини