Чест ни е што во ова интервју разговараме со Филомена Пљаковска Аспровска, Извршен директор и Претседател на Управен одбор во CaSys International. Во интервјуто Филомена ни кажа за важноста на градењето на единствен e-commerce пазар на Балканот – пазар без финансиски, логистички и законски ограничувања. Разговаравме и за нејзините очекувања од овогодинешната петта јубилејна конференција за е-трговија, cPay платформата која наскоро ќе добие свој remake, новиот закон за платежни услуги и други теми поврзани со е-трговијата.
AETM: На 11 ноември се одржува 5-тата годишна конференција за е-трговија под мотото “E-COMMERCE: ACCELERATE!” која оваа година има и регионален карактер. Кои се вашите очекувања од конференцијата и што сметате дека е неопходно да се реализира кога е во прашање е-трговијата за да дојде до нејзино забрзување на локално и на регионално ниво?
Пљаковска-Аспровска: Годинава Касис е златен спонзор на Конференцијата и очекувам одлично јубилејно издание со многу нови идеи, одлични говорници и експерти, создавање на мрежа на конекции која на сите што сме во индустијата ќе ни овозможи блиска и интензивна соработка во насока на забрзување на развојот на е-трговијата. Неопходно е да се отвори прашањето „Што е неопходно за создавање единствен e-commerce пазар на Балканот без финансиски, логистички и законски ограничувања?“
АЕТМ: Новиот закон за платежни услуги се очекува да започне да се применува од 01.01.2023 година. Кои се промените во овој закон што директно ќе ги засегнат е-трговците и дали истиот носи повеќе бенефити или обврски за трговците?
Пљаковска-Аспровска: Секоја нова законска регулатива претставува чекор поблиску до Европскиот пазар и овозвожува глобаризирање на учеството во него. КаСис 20 години работи и почитува стандарди од меѓународните картични шеми и благодарение на нивната имплементација сме компанија која и од технички и од безбедносен поглед сме подеднакви во квалитет со останатите процесори. Новиот Закон за платежни услуги и неговите подзаконски акти ќе овозможи појавување на нови ентитети во платежните услуги кои се надеваме како и нашите банки кои се чувари на финансиската стабилност ќе се приклучат кон таа насока.
Како земја аспиратор кон Европската Унија свесни сме дека европската регулатива ќе започне со процес на имплементација и кај нас. КаСис ќе го даде својот придонес од технолошки аспект на секоја институција која ќе се обрати до нас.
АЕТМ: Велиме дека е неопходно забрзување на е-трговијата, но притоа не треба да се занемарат и останатите активности кои треба да се следат напоредно со забрзувањето односно растот, како регулатива, безбедност, иновации и слично. Дали македонскиот пазар на е-трговија е подготвен да ги следи сите овие трендови, обрнувајќи внимание на секој сегмент подеднакво?
Пљаковска-Аспровска: Секако дека не може да се движат сите сегменти со подеднаква динамика. Во некои имаме поиновативни играчи и гледаме побрз напредок, други се поинертни и тука е веројатно потребно да се работи повеќе за да се согледаат бенефитите од развојот на е-трговиајата за сите вклучени сектори. Добро е за македонскиот пазар што ја имаме АЕТМ како агилна и иновативна организација која постојано мотивира да одиме чекор понатаму, да ги адресираме предизвиците и да бараме и предлагаме решенија за ситуациите што нѐ успоруваат.
АЕТМ: Како директен учесник во синџирот на е-трговија, можете ли да направите една паралела кога е во прашање е-трговијата во земјава и во светски рамки од аспект на нејзиниот обем пред пандемијата, за време на пандемијата и по нејзиното завршување. Колку компаниите и сите останати учесници во е-трговијата успеаа да се прилагодат на дигиталниот начин на купување/продавање?
Пљаковска-Аспровска: Пандемијата го интензивираше растот и примената на бесконтактните плаќања, но исто така и развојот на нови технологии како што се плаќање преку QR кодови и користењето на дигитални паричници (wallets) за плаќање. Онлајн купувањето стана секојдневие, како поради стравот од самата пандемија, така и поради едноставноста и флексибилноста.
Согласно официјалните статистички податоци објавувани на годишно ниво од страна на НБРСМ платежната инфраструктура од година во година бележи раст поготово од 2019 година со појава на пандемијата . Имено бројот на платежни картички на годишно ниво има континуиран пораст од 0,6%, а бројот на трансакции има годишен раст од 22,7% каде доминантноста е во трансакции остварени на виртуелни места на продажба. Интересен е фактот што пред пандемијата учеството на платежните картички во вкупниот број на безготовински трансакции беше 50%, а веќе во средината на 2022 година има раст од 63,3%.
Во споредба со земјите членки на ЕУ во РСМ има 53 трансакции по глава на жител со платежни картички додека во ЕУ се 207 трансакции по глава на жител , но затоа пак сме блиску со бројот на трансакции во регионот кој е околу 112 трансакции .
Ние како компанија сме оптимисти во растот на овие проценти и од наша страна заедно со сите наши партнери максимално ќе се стремиме кон развојот на новите технологии.
АЕТМ: Оваа конференција има и регионален аспект, какви се вашите видувања во поглед на прекуграничната е-трговија. Како директен учесник во плаќањата, односно трансакциите дали сметате дека регионот во моментов има добра понуда за вршење е-трговија и што недостасува за прекуграничната е-трговија дополнително да се развива?
Пљаковска-Аспровска: Многу компании на Балканот интензивно работат на развој на е-трговијата, на некои им оди побрзо, на други поспоро, важно е дека комуницираме и споделуваме искуства, затоа се и важни настаните како оваа Конференција на која со врвни говорници и експерти во доменот на е-трговијата имаме можност да споделиме искуства и идеи, успешни тактики, стратегии и трендови во доменот на е-трговијата, а истовремено да предвидиме во која насока ќе се оди индустријата и да ги дочекаме идните потреби со подготвени решенија.
На долг рок важно е, како што реков, да изградиме единствен e-commerce пазар на Балканот без финансиски, логистички и законски ограничувања. Тука секако треба да се вклучат многу чинители, државите за да обезбедат и усогласат легислатива, транспортните и поштенски сервиси кои ќе овозможат развој на логистиката поддршка за е-трговијата и платежните процесори кои ќе гарантираат брзи и безбедни транскации во цел регион.
Се надевам дека луѓето наскоро ќе купуваат онлајн и ќе ги добиваат своите пратки брзо и без дополнителни трошоци било каде во регионот. Со тоа верувам дека ќе се забрза развојот на е-трговијата и генерално ќе имаат бенефит економиите на сите држави на Балканот. КаСис со своите партнери веќе работи на ширење во регионот.
АЕТМ: Пред 15 години на cPay платформата на Картичниот процесор Касис е направена првата трансакција за е-трговија во нашата земја. Што можеме да очекуваме од КАСИС во периодот што следи и кои се вашите очекувања за движењето на пазарот за е-трговија во следните 2-3 години?
Пљаковска–Аспровска: Првата е-комерц трансакција е реализирана на 7ми Ноември 2007ма година со картичка издадена во Македонија, а на 7ми Декември со странска картичка. Картичките се уште беа нов инструмент за плаќање, а беа неопходни за онлајн купување. Тогаш си поставивме цел да ги едуцираме корисниците, да изградиме доверба и сигурност за онлајн купување и слободно и масовно користење на картичките во е-трговијата. Денес можам да кажам дека успеавме.
Заедно со колегите од Даис софтвер, работиме на новата и најсовремена платформа за електронска трговија која очекуваме да биде во функција до крајот на годината. Развиена во најнови технологии истата ќе овозможи развој на нови функционалности и пресретнување на потребите на пазарот, подобрено корисничко искуство и флексибилност за нови иновативни решенија и бизнис модели.
Во КаСис продолжуваме да ги следиме трендовите, секогаш ќе бидеме чекор пред времето, ги антиципираме промените што ќе дојдат во следните неколку години со потребата да се диференцира физичкиот од онлајн каналот на продажба и потребите што ќе произлезат од улогата на трговците во процесот на прилагодување на системот кон различните опции за плаќање и кредитирање што трговците ќе сакаат да им ги понудат на своите купувачи. Спремни сме да понудиме дополнителна вредност.
AЕТМ: Што значи за КАСИС АД СКОПЈЕ да се биде член во Асоцијација за е-трговија и во која мера активностите кои ги спроведува АЕТМ како дел од својата годишна програма придонесуваат кон развој на е-трговијата?
Пљаковска-Аспровска: Касис стана член на АЕТМ затоа што ја препознавме вредноста на она што Асоцијацијата има за цел да го направи. Очигледен е позитивниот импакт што во изминативе 5 години активностите на АЕТМ го имаат врз развојот на е-трговија. Компаниите и луѓето кои ги менаџираат продавниците го проширија своето знаење за е-трговија, евидентно се менува односот на купувачите кон е-трговијата, а лобирањето, истражувањата и информациите што АЕТМ ги споделува веќе влијаат и ќе влијаат на економските текови.