
Со над 160.000 активни корисници и просечно време на испорака под 30 минути, Korpa го трансформира начинот на кој луѓето купуваат и добиваат храна и производи. Во ова интервју, зборуваме со Јасна Трпкоски, CEO на Korpa.mk, Food & Delivery Partner на E-commerce Conference, за новите услуги кои можат да ги очекуваат учесниците, предизвиците на брзата достава и технологијата што стои зад ефикасноста на апликацијата.
Колку нарачки дневно доставуваат доставувачите на Korpa? Колку корисници има Korpa и какво е просечното време на испорака на една нарачка?
Јасна: Денес, доставувачите на Korpa испорачуваат неколику илјади нарачки дневно, а нашиот број на корисници постојано расте и надминува 160.000 активни корисници. Просечното време на испорака е под 30 минути, што е над светскиот просек и сметаме дека е голем успех, особено во услови на растечки побарувачка и сообраќајни предизвици.
Што ве прави најмногу горди од вашето постоење до денес? Кои се вашите најголеми предизвици и успеси и како се справивте со нив?
Јасна: Најмногу сме горди што успеавме да ја трансформираме брзата достава во Скопје и други градови, создавајќи платформа која е доверлива, брза и кориснички ориентирана. Предизвиците беа многу – од логистички ограничувања, управување со голем број нарачки до задржување висок квалитет на услуга. Со континуирана инвестиција во технологија и обука на тимот, како и со фокус на корисничкото искуство, ги надминавме сите препреки и продолжуваме да се развиваме.
Горди сме на тоа што ја изградивме платформа која го смени начинот на кој луѓето купуваат и добиваат храна и производи во Скопје. Почнавме со голема визија – да донесеме поголема удобност, брзина и дигитална трансформација во секојдневието и створиме навики за online нарачување на храна.
Она што нè прави особено горди не се само бројките, туку довербата што ја добиваме од корисниците секој ден и партнерствата со локални ресторани и продавници.
Како стартап се соочивме со сериозни предизвици – од организирање на ефикасна логистика во услови на различна инфраструктура, до почетниот скептицизам на пазарот за нарачки преку апликација – но токму преку креативност, фокус и упорност успеавме да изградиме лојална база на корисници и да оствариме брз и одржлив раст.
Но, најголем успех ни е тоа што создадовме бренд што луѓето го сакаат и му веруваат.
Како се справивме? Со тимска работа, упорност и пред сè – со слушање на нашите корисници.
Секој фидбек, секоја пофалба, но и секоја критика нè направи подобри.
Какво е вашето искуство со присуството во Тетово и Охрид?
Јасна: Влезот на пазарите во Тетово и Охрид не беше само проширување на услугата, туку и вредно искуство на учење – за нас, секој нов град е ново училиште каде што ги истражуваме локалните навики, очекувања и однесувања на потрошувачите. Тоа ни овозможува да ја прилагодиме понудата, логистиката и промоциите според реалните потреби на секој пазар. Иако секоја локација носи свои логистички предизвици, со задоволство можеме да кажеме дека и Тетово и Охрид нè прифатија со голем интерес, а ние постојано го подобруваме сервисот за да изградиме вистинска локална вредност.
Но, тука не застануваме – веќе активно работиме на тоа да ја прошириме нашата услуга и во други градови низ Македонија, со цел да ја направиме брзата и сигурна достава достапна за што е можно повеќе корисници.
Што е клучот и успехот во добро организирана и брза испорака?
Јасна: Клучот за брза и ефективна достава лежи во добро организирана логистика, управувана со вештачка интелигенција при изборот на најсоодветен курир и оптимизација на рутите, како и во технологија која овозможува следење на нарачките во реално време и испраќање известувања за нивниот статус. Исто така, имаме силен фокус на брза и ефикасна комуникација со рестораните и корисниците, а тоа што навистина прави разлика е посветеноста, професионалноста и љубовта кон работата што ја покажува целиот наш тим – без тој ангажман, брзината не би била можно достигнување.
Што ново може да очекуваме од Korpa во следниов период?
Јасна: Секогаш внимателно ги слушаме желбите и потребите на нашите корисници – и токму затоа, со огромно задоволство можеме да најавиме новата услуга: Korpa Market!
Korpa наскоро станува повеќе од само апликација за достава на храна – стануваме супермаркет во џебот на нашите корисници!
Во Korpa Маркет, корисниците ќе можат да нарачуват свежи производи, основни намирници и сè што им треба за дома, брзо и лесно, без гужви и чекање.
Сè што е потребно – директно до врата, со брзина и удобност што ја знаете од Korpa.
Што очекувате од конференцијата и што може да очекуваат посетителите од вас?
Јасна: Очекуваме конференцијата да биде инспиративна платформа за споделување идеи и знаење, особено кога станува збор за иднината на е-трговијата. На нашата сесија, слушателите ќе имаат можност да дознаат конкретни решенија и технологии за брза достава, со кои ќе можат значително да го забрзаат растот и ефикасноста на сопствените е-commerce продавници. Ќе покажеме како логистиката, кога е паметно организирана и поддржана од технологија, станува клучен двигател на успехот.
 
				 
															 
								 
								 
								 
								 
								 
								 
								 
								 
								 
								 
								 
								 
															 
															 
								 
								 
															 
															