
Во интервју за Ecommerce.mk, Денис Ампов, Country Manager на Ananas.mk, зборува за визијата платформата да стане прво место за онлајн купување во Македонија. Тој открива како Ananas.mk ги поставува новите стандарди за доверба, брзина и грижа за клиентите, инвестира во логистика и отвора врати за интернационални продавници – чекор што ќе го поврзе македонскиот е-комерц пазар со Европа и пошироко.
„Иднината на трговијата е дигитална, но успехот не доаѓа автоматски – потребни се храброст, соработка и постојано учење,“ вели Денис, повикувајќи ги е-трговците да ја искористат E-commerce Conference како место за инспирација, нови партнерства и заеднички раст каде што Ananas веќе трета година по ред е златен партнер.
Две години постоите во Македонија, а ова веќе ни е трета година соработка помеѓу Ананас и Ecommerce Conference. Што претставува ова партнерство за вас и зошто одлучивте да ја подржите конференцијата и оваа година? Како ја гледате улогата на конференцијата во развојот на е-трговијата во Македонија и регионот?
Денис: E-commerce Conference е клучна платформа за размена на знаења, инспирација и градење на заедница меѓу сите актери во е-трговијата. За нас како Ananas.mk, ова партнерство не е само поддршка – туку активно учество во обликувањето на иднината на дигиталната економија во Македонија и регионот. Преку конференцијата ги следиме трендовите, ги слушаме предизвиците на трговците и се поврзуваме со идни партнери и клиенти. Поддршката и оваа година е логичен чекор во нашата мисија за трансформација и дигитализација на трговијата.
Ananas.mk се позиционира како една од најсериозните регионални платформи за е-трговија. Кои се вашите стратешки цели за во Македонија и како гледате на вашата улога во трансформацијата на навиките, очекувањата и стандардите на македонскиот пазар?
Денис: Нашата визија е Ananas.mk да стане првото место за онлајн купување во Македонија, поставувајќи нови стандарди на доверба, брзина, и грижа за клиентот. Стратешки, работиме на проширување на палетата на производи, зголемување на бројот на активни трговци и воведување на иновативни услуги кои ќе ги едуцираат и поттикнат потрошувачите да преминат на онлајн купување. Нашата улога е двојна – да ги поддржиме локалните бизниси во дигиталната трансформација и истовремено да ги воспитаме навиките на купувачите преку безбедна, лесна и транспарентна онлајн шопинг платформа.
Од стартот до сега – кои беа најголемите предизвици и кои моменти би ги издвоиле како клучни пресвртници за Ananas.mk?
Денис: Како секоја нова платформа на нов пазар, предизвиците беа бројни – од техничка интеграција со трговци, до градење на доверба кај потрошувачите. Еден од клучните моменти беше нашето официјално лансирање, кое постави нов стандард за онлајн трговија во Македонија. Друг важен момент беше отворањето на нашата логистичка мрежа, што ни овозможи контрола врз брзината и квалитетот на испораките. И секако, соработката со домашни и регионални брендови беше пресвртница која ја зацврсти нашата позиција како сериозен играч.
Испораката и логистиката се еден од најчестите bottlenecks во е-трговијата. Како го адресирате овој сегмент во Македонија?
Денис: Ние во Ananas.mk инвестиравме во сопствените капацитети, но исто така и ги прошируваме соработките со нашите партнери на пазарот. Од самиот почеток воспоставивме партнерства со реномирани логистички компании за да обезбедиме навремена и сигурна испорака, која не секогаш е на иделаното ниво – но заеднички се стремиме да го дадеме најдоброто за нашите купувачи. Работиме на автоматизација на процесите, подобрување на тракинг системот и воведување на наши интерни капацитети за испорака, каде може да се очекува и испорака во истиот ден во одредени зони. Логистиката не ја третираме како „трошок“, туку како дел од нашата услуга која го дефинира целокупното корисничко искуство.
Најавивте дека интернационални продавници од други држави ќе може да продаваат на ananas.mk? Кога купувачите може да го очекуваат тоа и што точно значи? Дали се однесува само на продавници од држави каде што има отворено Ананас претставништво или се однесува и на други држави?
Денис: Да, работиме активно на отворање на платформата за интернационални продавници. Ова ќе значи дека македонските потрошувачи ќе имаат пристап до производи од странски брендови кои ќе се продаваат директно преку Ananas.mk, со транспарентна политика за цени, испорака и поврат. Почетната фаза ќе биде со трговци од регионот започнуваме со Турција, но планот е да го прошириме ова и на трети пазари преку cross-border model. Ова ќе биде еден од најзначајните чекори во отворање на македонскиот е-комерц пазар кон Европа и пошироко.
Каква порака би испратиле до е-трговците и посетителите на E-commerce Conference?
Денис: Мојата порака е едноставна: иднината на трговијата е дигитална – но успехот не доаѓа автоматски. Потребна е храброст за трансформација, отвореност кон соработка и постојано учење. Ananas.mk е тука како партнер, не само како платформа. Искористете ја конференцијата за да се инспирирате, да поставите нови цели и да излезете од комфорната зона. Е-трговијата во Македонија има потенцијал да биде двигател на економскиот раст, а заедно можеме да го направиме тоа реалност.