[Интервју] Влатко Петревски, Corvus Info – компанија која развива напредни решенија за е-трговија и онлајн плаќање

Ја започнуваме работната недела со разговор со Влатко Петревски, менаџер на регионалната компанија Corvus Info за напредните платежни решенија кои тие ги развиваат, за тоа што се on-us и off-us трансакции, за нивниот систем CorvusPay, бенефитите кои тој ги нуди за е-трговците и неговото значење за развивање на прекуграничната е-трговија и експанзија на домашните бизниси.

АЕТМ: Кажете ни нешто повеќе за вашата компанија Corvus Info, од кога е присутна на македонскиот пазар и кои се главните придобивки кои ги нуди за физичките лица и компаниите што ги користат нејзините производи и услуги?

Влатко Петревски: Corvus Info e регионална компанија со седиште во Загреб, Република Хрватска, која развива софистицирани еCommerce решенија врз SAP Hybris платформата, како и напредни платежни решенија и услуги за on-line и плаќање на физички продажни места, познати како CorvusPay. 

На македонскиот пазар сме присутни од 2013 година. Главен фокус во изминатите години беше развој и имплементација на eCommerce решенија на SAP Hybris, главно за странските пазари, а од минатата година сме поангажирани за етаблирање на CorvusPay платежните услуги на македонскиот пазар.

CorvusPay во регионот (Србија, Хрватска, БиХ и Словенија) и ЕУ е интегриран на повеќе од 15 различни банки за картично прифаќање. Со некои банки соработуваме и на регионално ниво, односно преку нивните филијали покриваме повеќе земји. Според статистиката, само за минатата 2021 година, преку CorvusPay се реализирани над 10 милиони трансакции со вредност од над 450 милиони евра, а сервисот го користат над 2500 активни трговци и мобилни апликации. 

Соработката со поголем број банки кои поддржуваат eCommerce канал, на компаниите (трговците) им обезбедува заштеда на трансакциските надоместоци, заради можноста за пренасочување на трансакциите кон различни банки. Секоја банка има своја политика и нуди различни услови, па на овој начин трговците имаат можност флексибилно да ги пренасочат трансакциите и да си ги обезбедат најповолните услови.

Нашата услуга и на купувачите (физичките лица) и на трговците (компаниите) им гарантира достапност, стабилност, сигурност, едноставност, а пред сè квалитет. CorvusPay e флексибилна, максимално доверлива, високо достапна Internet Payment Gateway услуга за картично on-line плаќање на веб продавниците.  

Генерално, CorvusPay на купувачите и трговците им овозможува:

  • напредни функционалности, кои генерираат дополнителна вредност
  • различни начини на продажба
  • продажба во било кое време и од било кое место во Светот
  • продажба на рати 
  • безбедно плаќање во реално време во различни валути
  • конкурентни надоместоци 
  • едноставна интеграција и имплементација
  • квалитетна и промптна на поддршка 24/7/365

AETM: CorvusPay е интегриран со неколку банки во Србија, Хрватска, БиХ Словенија како и во ЕУ. Во моментов сте во преговори за отпочнување на соработка со неколку домашни банки. Што е она кое го прави вашето решение атрактивно, односно поразлично од стандарден payment gateway?

Влатко Петревски: CorvusPay го покрива регионот преку воспоставената соработка со различни банки на локално и регионално ниво. Конкретно, во Србија сме поврзани на четири банки, во Хрватска на седум банки, во БиХ на три банки, во Словенија на две банки, за ЕУ Cross-border пазарот на две банки. 

Во моментов, како што кажавте, преговараме за соработка со неколку банки во Македонија, а и со уште неколку во регионот.

CorvusPay на клиентите (купувачите и трговците) и банките им обезбедува повеќекратни финансиски, деловни и функционални придобивки.

Подобри финансиски услови. Од бизнис аспект, нашата политика за соработка со повеќе банки кои поддржуваат eCommerce, на трговците им обезбедува заштеда на трансакциските надоместоци, како што кажав претходно, заради можноста за пренасочување на трансакциите кон различни банки. Од друга страна, на купувачите им е овозможено и плаќање на рати на многу поголем број веб продавници.

Флексибилност. Целиот CorvusPay систем, со сите негови функционалности, како и целокупниот развој, надградба и усовршување се in-house. Тоа ни овозможува ефикасно да ги следиме и брзо да одговориме на новите трендови, флексибилно да се прилагодиме на специфичните потреби и брзо да реагираме во сите ситуации. 

Моќен и доверлив систем. CorvusPay е моќен и доверлив систем кој поддржува безбедна реализација на многу голем број трансакции во многу кратко време. Имаме особено задоволни трговци кои најголемиот дел од својот промет го прават on-line (даватели на услуги за игри на среќа, телекоми, патнички билети, билети за концерти, streaming на спектакли во живо…).

Доверливост. Константно инвестираме во стабилноста и доверливоста. Како што кажав, системот е стабилен и доверлив, поднесува големи load-oви, односно голем број на трансакции во краток период.

Поддршка. Истакната вредност на нашиот систем е тоа што имаме обезбедено многу квалитетна корисничка поддршка (24/7/365). Системот е во постојан надзор и пасивно одржување.

Напредни функционалности. CorvusPay располага со напредни, а пред сè практични функционалности, кои на нашите клиенти им генерираат дополнителна вредност и придобивки. Ќе издвојам неколку специфични функционалности: 

  • CorvusWallet. Функционалност за безбедно складирање на картични податоци, преку кој на веб продавниците е овозможен метод за брзо и безбедно плаќање. CorvusWallet има база од над 100.000 корисници – крајни купувачи, чии картични податоци се чуваат во ултра модерен, безбеден и сертифициран систем со PCI DSS Level 1 и PSD2 сертификатите.   

CorvusWallet е наменет за купувачи кои често купуваат на интернет, на кои им е битна сигурната и брза реализација на уплатата, без да биде компромитирана безбедноста во ниту еден момент. Купувачите имаат можност за користење на овој бенефит на сите веб продавници и мобилни апликации кои го нудат CorvusWallet како метод за плаќање. 

CorvusWallet е достапен и преку CorvusPay мобилната апликација и преку десктоп верзијата. 

Мобилната апликација поддржува и плаќање со QR код, кој се сведува на еден клик и 3D Secure проверка, која ја диктираат банките. 

  • Corvus Frame – инкорпорирана платежна форма. Нашата услуга овозможува платежна форма, интегрирана на страната од веб трговците. При плаќање, купувачот останува на страницата од веб трговецот, односно не се отвара нов посебен прозорец за внесување на картичните податоци за плаќање.
  • Pay By Link. CorvusPay поддржува голем број Pay By Link опции: „обичен“ Pay By Link, Reusable Pay By Link (за кампањи), Pay By Link Токенизација (рент-а-кар, турзам) и сл. 
  • Booking токенцизација – гаранција за наплата на трошоци. Оваа функционалност е доста интересна за хотелиерскиот сектор. Се користи за складирање на картичните податоци, како гаранција за резервациите. Со оваа функционалност е овозможено наплата на трошоци од страна на трговците во оправдани случаи:
    • за непојавување (no-show)
    • за наплата на направена штета после одјавување од пр. хотел.
    • за неплатени дополнителни трошоци, реализирани за време на престој (пр. мини-бар, користење СПА и сл.).
  • CorvusPay Virtual POS. Виртуелниот POS на CorvusPay се користи во случаи на телефонска продажба.

AETM: Услугата се базира на разликата во цена која трговците ја добиваат за on-us и off-us трансакции. Која е разликата помеѓу on-us и off-us тип на трансакција и каков е feedback-от од домашните банки и трговци кога е во прашање ова решение?

Влатко Петревски: Генерално, оn-us трансакциите (каде иста банка е издавач – issuer и прифаќач на картичната трансакција – acquirer) имаат пониски трошоци за процесирање во споредба со off-us (банката издавач и прифаќач се различни) и при тоа има можност за плаќање на рати.

Во случај на on-us трансакција, трговецот преку нашиот систем има можност автоматски да ги пренасочува уплатите кон банките од каде е издадена картичката со која се плаќа или кон банките кои нудат најниски надоместоци. На овој начин трговците остваруваат значителни заштеди во нивните бизниси.

Што се однесува до македонскиот пазар, до сега колку што ми е познато, секоја од домашните банки соработува со само по еден IPG. Иако покажуваат интерес за соработка со втор IPG, на пример со CorvusPay, сепак процесот од првиот контакт до официјализирањето на соработката трае малку подолго од нашите очекувања.

Земајќи ги во предвид сите придобивки кои банките ги добиваат од соработката со IPG, конкретно со CorvusPay, за нас е тешко да разбереме зошто тој процес се одвива толку бавно. Ние како процесор, ја одработуваме поголемата оперативна обврска со трговците – работиме активна продажба преку која ги наоѓаме клиентите кои генерираат профит на банките, трговците се интегрираат на нас, а не на банките, при што ние им обезбедуваме корисничка поддршка итн.

Всушност, банките со навистина минимален ефорт се здобиваат со нови клиенти и остваруваат директен финансиски бенефит. При процесите на воспоставување соработка, од банките не сме добиле „не“, но ми се чини дека предолго чекаме за „да“.

АЕТМ: Дали можете да го објасните вашето целокупно решение од аспект на е-трговец; од аспект на процесот и трошоците за имплементација на CorvusPay системот и како истиот им излегува во пресрет на е-трговците?

Влатко Петревски: Процесот на имплементација е брз и едноставен. Како што нагласив, CorvusPay е сопствен in-house систем, што ни овозможува голема флексибилност, ефикасна реализација и брза реакција кога е потребно. Располагаме со високо стручен тим, кој квалитетно и ефикасно управува со комплетниот процес на интеграција на веб продавниците со CorvusPay.

За трговците, интеграцијата на нивните веб продавници на CorvusPaу е бесплатна. Исто така, трговците можат бесплатно да ги тестираат сите функционалности. Наплатата на услугата започнува после пуштањето на картичното плаќање на веб продавницата во продукција, со тоа што плаќањето е на месечна основа (и тоа месец за месец). Немаме лиценци или било какви плаќања однапред. Дополнително, цената за процесирање на трансакциите не е условена со склучување на договор на некој одреден рок, како што тоа го прават некои од нашите конкурентни, така што и во тој сегмент сме потполно флексибилни.

АЕТМ: Првичната соработка која вие како компанија ја воспоставувате е со банките, Како CorvusPay им излегува во пресрет на банките кои нудат е-трговија, и кои се бенефитите за нив? 

Влатко Петревски: Улогата на IPG компаниите заземаат сè позначајна улога кај банките, односно соработката на банките со IPG им генерира значителни придобивки. Суштинските придобивки кои CorvusPay може да понуди на банките би биле следни:

    • Ние сме посредник помеѓу банките и трговците. CorvusPay безбедно ги процесира, односно ги пренесува трансакциите од трговците кон банките и назад. При тоа ние го одработуваме техничкиот дел од услугата, додека пак банката го обавува финансискиот дел. 
    • Одработуваме административни активности со трговците. Овој дел навистина зазема значителен дел од времето потребно за склучување на соработка со трговците. Административните активности вклучуваат:  
      • презентација и појаснување на услугата, процесите, функционалностите и можностите;
      • помош при пополнување на обрасците од банките и прашалниците
      • информирање за задолжителните содржини и логотипи на картички  / сигурносни програми и сл.
    • Одработуваме технички активности со трговците. На трговците им обезбедуваме поддршка при интеграцијата и тестирањето – практично трговците се интегрираат само на CorvusPay, кој веќе е интегриран на повеќе банки. Ги едуцираме за оперативно работење со трансакциите, а истовремено им обезбедуваме и корисничка поддршка во оперативното работење. Ги одржуваме постоечките и развиваме нови plugin-и за платформите, врз кои трговците ги имаат имплементирано своите веб продавници: Shopify, WooCommerce, Magento…
    • На банките им ги зголемуваме приходите и им штедиме ресурси. Нашите нови клиенти, често се нови клиенти и на банките. Исто така, одработуваме многубројни административни и технички активности со трговците за време на склучувањето на договорите, интеграциите и оперативното работење (имаме продажни тимови и тимови за корисничка поддршка, фокусирани исклучиво на eCommerce). Во согласност со трендовите на пазарот и очекувањата на клиентите, ние развивме нови функционалности со кои ја зголемуваме конкурентноста, а со тоа и конкурентноста на банките.
    • Едноставен и практичен модел на соработка. Ние и банките потпишуваме независни комерцијални договори со трговците. Релацијата помеѓу нас и банките е регулирана со договори кои не се комерцијални, односно ние не наплаќаме ништо за нашата услуга, но и обратно.  

AETM: Со какви се предизвици се имате соочено при формирање на вакви партнерства?

Влатко Петревски: Не сите банки поддржуваат eCommerce. Со оние кои поддржуваат, пред сè мора да постои волја за соработка, бидејќи придобивките се повеќе од јасни. Некои банки не отпочнуваат соработка додека, условно кажано, не понудиме посериозен трговец. Бидејќи процесот е бавен, понекогаш некои од нашите потенцијални клиенти – трговци, се одлучуваат за интеграција со друг IPG, што претставува загуба за нас, меѓутоа тоа е загуба и за банката. Во последно време, квалитетниот работен кадар е во константен дефицит, што во некои ситуации негативно се одразува на нашите планови. Тој проблем верувам е присутен и кај банките, со тоа што тој ризик, од аспект на eCommerce банката може да го минимизира преку соработка со IPG.

АЕТМ: Дали постои можност за соработка со банки кои не нудат е-трговија како услуга?

Влатко Петревски: Со банките кои не нудат е-трговија постои можност за соработка со физички ПОС терминали. На некои пазари, со банките соработуваме со овој тип на услуга.

Тука би додал дека располагаме и со сопствено решение за детекција на картични малверзации, коj е подеднакво интересен и за банките кои нудат и за банките кои не нудат е-трговија. Овој систем го имаме имплементирано во неколку банки во регионот. CorvusPay нема смисла да се интегрира со банките кои немаат еCommerce канал. Сепак, ние сме отворени за соработка заеднички да ја отвориме таа можност, бидејќи е во двостран интерес.

АЕТМ: Што значи CorvusPay за бизнисите кои се застапени на регионално ниво и дали сметате дека може да придонесе за развивање на прекуграничната е-трговија и експанзија на домашни кон регионални бизниси?

Влатко Петревски: Широкото регионално поврзување на CorvusPay со банките има големо значење за бизнисите кои се застапени на регионално ниво, нудејќи им низа придобивки:

  • располагаат со многу поповолни комерцијални услови за регионално користење на нашата услуга. Имено, во превид се зема кумулативно целокупниот промет од сите земји, а не по поединечна земја. На тој начин се обезбедени најдобрите услови во сите земји каде е застапен бизнисот;
  • имаат можност за унифицирана интеграција со нашиот систем (ја намалува комплексноста, а ја зголемува ефикасноста во работењето);
  • локализирана корисничка поддршка ѝ24/7/365;
  • овозможена е поширока поддршка за продажба на рати.

АЕТМ: Со оглед на тоа што вашето решение е присутно во дел од земјите на Балканот, како и во ЕУ, дали постојат разлики во CorvusPay од земја до земја кои се однесуваат на локалната регулатива, или пак специфики кои се прилагодуваат согласно развиеноста на е-трговијата во земјата во која е присутен CorvusPay?

Влатко Петревски: Генерално, инфраструктурата за процесирање на платежните трансакции мора да биде унифицирана на начин кој ќе обезбеди реализација на плаќањето во било која земја и од било која земја од регионот или ЕУ. Во принцип, ЕУ дефинира регулатива која е задолжителна за банките во земјите членки на ЕУ, со тоа што останатите не-ЕУ банки будно ги следат тие регулативи и прилично брзо се прилагодуваат. Тоа се однесува и на државното-локално законодавство во банкарскиот сектор.

Во рамки на ЕУ, за да може да се понуди IPG услугата на ниво на Европска унија, доволна е интеграција на IPG провајдерот барем со една банка која располага со т.н. cross-border (прекугранична) лиценца. Конкретно, CorvusPay e интегриран со две ЕУ банки кои располагаат со cross-border лиценца. На тој начин, нашата услуга може да се интегрира во било која земја – членка на ЕУ, без разлика дали валутата е ЕУР или некој локална (пр. во Хрватска – Куни). Битно е да напоменам, дека cross-border лиценцираните банки не обезбедуваат плаќање на рати, кое е доста популарно во регионот (за разлика од западноевропските земји), па заради тоа нашата политика е да интегрираме и со што е можно повеќе локални банки, сè со цел на нашите клиенти – трговци да им обезбедиме можност за плаќање на рати на нивните веб продавници. На тој начин задоволството за соработка со CorvusPay е и на страната на трговците и на страната на купувачите.

Во однос на земјите кои не се членки на ЕУ, за да може да се понуди IPG услугата локално (во рамки на дадена држава, не-ЕУ членка), задолжителна е интеграција со локална банка. Причината за тоа е што во овие земји, банките не поседуваат cross-border лиценца, односно можат да делуваат само локално. Втора причина за интеграција со повеќе локални банки е, како што претходно кажав, можноста за продажба на рати.

Да појаснам околу ситуацијата со cross-border лиценците. Имено, во нашиот регион има доста држави и секоја има своја валута. Овие земји, според бројот на своето население се релативно мали пазари, па банките со cross-border лиценци не се заинтересирани да работат тука на некоја специфична локална валута.

Исто така, и на локалните банки (кои немаат cross-border лиценца) не им се исплати да се сертифицираат (лиценцата чини). И тогаш имаме ситуација каде на малите пазари имаме голем број банки на кои мораме да се интегрираме, сè со цел да можеме да го работиме нашиот бизнис.

АЕТМ: Напоменавте дека вашата компанија се стреми кон силна регионална покриеност на пазарот. Дали можете да споделите со нас некои компании каде што е присутен CorvusPay? За кои индустрии можете да кажете дека е применливo вашето решение и каде е најчеста неговата употреба?

Влатко Петревски: CorvusPay ги поддржува сите трговци и веб продавници кои нудат оn-line плаќање, без разлика на природата на нивниот бизнис и државата во која делуваат. Нормално, главен предуслов е бизнисот да биде во комплетна согласност со законите. CorvusPay располага со навистина голема и разновидна листа на корисници, па ќе издвојам неколку специфични примени: 

  • Наплата на режиски трошоци преку Токенизација. Оваа функционалност најчесто се користи за месечна наплата на фактури за режиски трошоци. Моделот е сличен како плаќање со „Траен налог“ (каде купувачот го иницира плаќањето), со тоа што кај Токенизацијата, трговецот ја иницира наплатата (при што купувачот ја регистрира картичката и се согласува да му биде наплаќан даден износ за определен трошок на месечна основа).  

Токенизацијата најчесто ја користат телекомите и давателите на комунални услуги – струја, вода, парно итн. На одреден датум, давателите на услуги, издаваат фактури кон своите корисници. После истекот на рокот за плаќање, преку Токенизацијата е овозможено автоматско повлекување на средства (кои кореспондираат со износот на фактурата). 

  • Такси служба. Интеграција на Такси апликации и CorvusPay. Корисниците на такси услугите, при нивната иницијална регистрација на такси апликацијата, потполно безбедно ги внесуваат своите картични во CorvusPay системот. При нарачка на такси возило преку апликацијата (од место А до место Б), после реализација на возењето, такси службата директно повлекува средства од регистрираната картичка на корисникот (слично како кај Uber такси службата).
  • Туризам. Се користи при резервација за сместување или сл., каде гостите мора да приложат картичка за гаранција за наплата на сместувањето. Тука најчесто се користи погоре споменатата Booking токенизација

Останати примени:

    • Патарини – надополнување на ЕНП картичките за патарини. При патување, доколку ЕНП картичката за патарина нема доволно средства, системот овозможува автоматско надополнување на истата.  
    • Осигурителни друштва – наплата на премии на месечна основа.
    • Месечни претплати и/или членарини – ТВ содржини (дигитална телевизија), медиуми, спортување итн.
    • Доплата за услуги – пр. градски велосипеди, електрични автомобили и сл. Доколку времето предвидено за користење на дадената услугата истече, тогаш истата автоматски се доплаќа адекватно за онолку колку што е продолжено нејзиното користење. 

CorvusWallet. Претходно споменатата функционалност за складирање на картички (картични податоци) во Wallet се користи за брзи, едноставни и побезбедни идни плаќања, кај трговците кои го имаат овозможено овој метод за плаќање. Најчесто тоа се:

      • Омилени веб продавници (пр. купување на Vinyl, стрип, електроника и сл.)
      • Игри на среќа 
      • Платформи кои продаваат било каков вид на влезници: концерти, кина, театри, спортови, билети за патување (градски и меѓуградски превоз, авионски билети и сл.).

Не би истакнал поединечни корисници на нашите услуги, бидејќи ги има навистина многу. Нашиот квалитет и доверливост се препознаени од најголемите компании, вклучувајќи ги меѓународните корпорации, но се разбира тука се и малите трговци. За да изградите куќа, потребни ви се големи камења, но и ситен чакал и песок. Слично е и кај нас – сите клиенти ни се подеднакво важни. 

 

Поврзани содржини