Новости од е-трговија

Чекор понапред во дигитализацијата на царинската обработка на пратки превезувани од брзите пошти

Со цел понатамошно олеснување на работата на економските оператори што превезуваат брзи пратки и во согласност со процесот на воведување на Е-царина, Царинската управа на Република Северна Македонија од 05.08.2020 година воведува задолжително поднесување на документ-најавен манифест „пред пристигнување“ за сите пратки од страна на брзите пошти.

Информациите за пратката ќе се доставуваат електронски најмалку еден час пред пристигнување на користеното транспортно средство, преку т.н. „најавен манифест“ кој на царинските службеници ќе им овозможи проценка на ризикот пред донесување на одлука за вршење на евентуална контрола за одредената царинска постапка.

Отсега декларација во хартиена форма ќе биде дозволена само во случај на примена на резервна постапка кога има соочување со проблеми во функционирањето на применуваниот систем за електронска обработка на податоци, обезбеден со помош од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).

Применуваните формалности се прецизно разграничени за секоја од дефинираните 4 категории на пратки (пратки кои содржат документи и кореспонденција, пратки со мала вредност што се ослободени од плаќње на увозни давачки и ДДВ, пратки со мала вредност кои се ослободени од плаќање на увозни давачки и пратки со голема вредност).

Според најновите прописи со кои се регулира прометот на пратки испраќани по брза пошта во воздушен сообраќај во рамките на редовните и поедноставените постапки, во транзитна постапка по друмски сообраќај, при превоз од страна на компании кои поседуваат лиценца од Агенцијата за пошти без да се даватели на универзална поштенска услуга, задолжително е поднесување на електронска декларација пред пристигнување на пратката.