[Интервју] Атила Селим, Халк Банка: Дигитализацијата ја игра клучната улога при забрзување на сите процеси во нудење брзо и безбедно, електронско пристапување до сите наши производи и услуги!

Во склоп на подготовките на конференцијата за е-трговија: “Бизнис раст со е-трговија”, покрај кафе во пријатна атмосфера разговаравме со Атила Селим – Директор на дирекција за Алтернативни канали на дистрибуција (Маркетинг) во ХалкБанк АД Скопје, кои воедно се и златен спонзор на конференцијата.  Дали Македонија има потенцијал да биде е-држава, каква е моменталната понуда на банката во делот на е-трговијата, колку се важни луѓето во процесот на дигитализацијата и многу повеќе, прочитајте во продолжение.

АЕТМ: Халкбанк нуди широк спектар алтернативни услуги кои се практично замена за класичните банкарски операции кои секојдневно се извршуваат во филијалите на банката. Дебитни и кредитни картички од брендовите Mastercard и Visa, СМС Инфо, електронско и мобилно банкарство, развиена мрежа на ПОС уреди, напредна e-commerce понуда, онлајн аплицирање за производи, Смарт кеш… се само дел од производите со кои секојдневно „менаџирате“. Сметате ли дека иднината на банкарството е во дигитализацијата, со оглед на фактот дека Халкбанк важи за мошне иновативна банка во Северна Македонија?

Атила Селим: Халкбанк А.Д Скопје деловните активности сите овие години ги воспоставуваше согласно потребите на пазарот, ставајќи ги луѓето од ова општество на преден план. Тргнувајќи од важноста на луѓето, нашата услужна дејност ја промовиравме во насока на задоволување на финансиските потреби пред се преку советодавниот пристап во контактите со нив, а во насока на забрзување на сите процеси во нудењето на услугите каде што дигитализацијата ја играше клучната улога. Претпознатливоста во иновативниот дел се темели на благовременото согледување на трендовите на дигитализацијата кои што во секој случај беа во корелација со усовршување на услугата каде што брзината и времето на извршување е клучно за клиентот.

Како што набројавте, голем е бројот на производи и проекти кои што Халкбанк ги воведе за кратко време постоење на овој пазар благодарение на совршено мотивиран тим од колеги, инспирирани пред се од контактите и впечатоците на нашите клиенти со амбициозни намери истото да продолжи понатаму. Дигитализацијата ќе се движи во насока на комплетно овозможување брзо и безбедно,  електронско пристапување до сите наши производи и услуги вклучувајќи го веќе и осигурувањето, но советодавниот пристап и контактот со нив, никогаш нема да се занемари.     

Дигитализацијата моментално е веќе во фокусот на банките и мислам дека во иднина ќе биде еден од клучните сегменти во банкарството каде што новите конкурентски предности ќе се компарираат. Земајќи ја предвид сензитивноста на услугите коишто се нудат, а поврзани пред се со финансиските средства, интересот во користењето на дигиталните трендови, колку и да изгледа моментално бавен, сепак, банките веќе се насочени кон подигнување на свеста и активно работат во уверувањето за користење на истите, како од безбедносен аспект, така и од рационален аспект земајќи го предвид  времето како клучен фактор во денешниот деловен свет. 

 

АЕТМ: Вработените се можеби најважниот ресурс за успешно спроведување на поставените цели и планови. Константното надградување на вработените, претставува основа на која се надградуваат успесите на институцијата. Често се случува да слушнеме, доколку вработениот се изгради и напредува во кариерата, институцијата расте напоредно со него. Како менаџер на Дирекција за алтернативни канали во Халкбанк, колку вложувате во интерни и екстерни обуки на вашите вработени, посета на семинари, професионално надградување од аспект на тренинзи, годишни конференции на Mastercard и Visa и останати активности?

Атила Селим: Денес ако зборуваме за успеси, производи, иновативност, услуга, зборуваме благодарение на тимот кој што директно придонесуваше за тоа. Слоганот „Важни се Луѓето“ всушност првенствено потекнува од самиот пристап, стратегија, мотивација која што е воспоставена од страна на менаџментот кон вработените кои што понатаму се клучниот фактор за натамошно истакнување, пренесување и имплементација на слоганот пред луѓето од ова општество. Сакам да истакнам дека покрај тимот од Маркетинг секторот и мојот тим во Дирекцијата, и соодветната координација и придонес на сите други дирекции и сектори, производите коишто денес успешно ги промовираме се всушност најголема заслуга на нашите колеги во филијалите преку директната комуникација со клиентите. Чести се интерните и екстерните обуки, особено во последните години со присуство во екстерни конференции, обуки и семинари од областа на дигиталното работење вклучувајќи ги и конференциите од MasterCard и Visa, каде што тимот има прилика да стекнува корисни искуства. Ваквите посети играа клучна улога во приоритетите и имплементациите на дигиталните производи.

АЕТМ: Изработката на понуда од страна на банката, кога се во прашање дигиталните/алтернативни канали за комуникација со клиентите е мошне креативна работа, која дополнително наложува соодветно познавање на светските трендови и нивна примена на домашниот пазар. Халкбанк како институција често воведува иновации на пазарот, а воедно работи на постојано усовршување на постоечките производи. Која е појдовната основа при процесот на имплементација и подобрување на услугите на банката, дали ги слушате потребите на клиентите, ги следите светските трендови или можеби ги користите предностите на Групацијата?

Атила Селим: Како што и претходно истакнав усовршувањето како и пристапот во креирањето на новите продукти започнува првенствено од соодветните анализи и потреби на пазарот. Живееме во време на глобализација, каде што клиентите имаат пристап и можност да ги согледаат сите искуства во денешно време многу лесно во деловните комуникации со странство, деловните патувања и секако можноста за едукација преку интернет согледувајќи ги меѓународните искуства. Секако, нашите тимови секојдневно ја анализираат конкуренцијата на домашниот пазар како и светските трендови од каде што се излегува со некои заклучоци околу времето и начинот на промовирање на производите. Искуствата од Групацијата се незанемарливи во секој случај, избирајќи и прилагодувајќи ги  решенијата кои би биле рентабилни за овој пазар, а дури со гордост истакнувам дека сме имплементатори на низа решенија кои што во групацијата ги нема.  

 

АЕТМ: Кога е во прашање е-трговијата во земјава, во моментов 5 од 14 банки ја нудат оваа услуга. Често велиме дека е неопходно бизнисите да се дигитализираат и да ја применат е-трговијата како примарен или секундарен канал за продажба. Сметате ли дека моменталната понуда на банките од аспект на дополнителни карактеристики поврзани со е-трговијата, е доволна или во иднина потребно е да се работи на следење на светските трендови кога е во прашање оваа гранка со цел истата да биде повеќе прифатлива за граѓаните и бизнисите?

Атила Селим: Мислам дека банките сите овие години својата улога за поставување платежна инфраструктура поврзана со картичното работење вклучувајќи ја и Е-трговијата ја извршуваа и се уште ја извршуваат на задоволително ниво. Всушност, и самите интерни анкети, а и анкетата спроведена од асоцијацијата за Е-трговија го потврдува тоа. Имено, инвестициите почнувајќи од процесинг центар, набавка на модерни ПОС терминали, АТМ-и, разни атрактивни картични продукти имаа значајно влијание во подигнување на свеста и овозможувањето на  картичното работење како и довербата во истото, а сето тоа имаше и ќе има понатаму директни позитивни импликации и врз развојот на Е-трговијата. Во сето ова Халкбанк имаше клучна улога иницирајќи конкурентски промени, а конкретно беше една од првите банки која воспостави и комплетна инфраструктура за Е-трговија. Моментално овозможени се сите барања за трговците почнувајќи, од плаќања на рати, Reccuring Payments, Card on File, Bonus програма итн, а секако продолжуваме да ги следиме сите трендови коишто може да се имплементираат секако не занемарувајќи ги законските норми. Понудата, колку и да изгледа задоволителна овој период, сепак  никогаш не може да се каже дека е доволно, со оглед на тоа дека се е поврзано со технологија и деловно опкружување кое секојдневно се менува, за што потребата од следење и благовремена имплементација не треба да се изостави, а сето тоа да се прави во корелација со подигнувањето на свеста и потребите на пазарот.

 

АЕТМ: Вашата работна позиција наложува постојано следење на трендовите во регионот и светот воопшто, со цел да се задржи конкурентноста на домашниот пазар. Што можеме да очекуваме на краток, среден и долг рок од Народната банка на Република Северна Македонија и од банките поврзано со е-трговија со цел да се доближиме до развиените земји?

Атила Селим: Мислам дека интегративните процеси ќе водат кон промени во платниот систем на којшто Народната банка веќе активно работи. Со имплементацијата  на новиот закон за Платен Промет покрај банките како даватели на платежни услуги ќе може да се јават и други ентитети кои претходно добиле лиценца за тоа со што сметам дека ќе придонесе за раздвижување и нови конкурентски предности во Е-трговијата. Воедно, банките следејќи ги тие промени ќе пристапат и кон отворање на дел од своите податоци прилагодувајќи се на PSD 2 директивата, каде што веќе други потенцијални FinTech компании ќе може да понудат услуги црпејќи информации од банките, а воедно базирајќи се на довербата на банките која ќе биде клучна од аспект на безбедност за клиентите. Тоа ќе води до многу иновации и поголема конкуренција која во крајна инстанца ќе води до раст и позитивни промени во Е-трговијата, подржана со поголем Маркетинг во исто време. 

АЕТМ: Располагате со голема база ПОС терминали (6.385 заклучно со 31.12.2018 година), а дополнително прилично сте активни и во аквизирање на бизниси кои применуваат е-трговија во своето работење. Имајќи предвид дека од година во година бројот на ПОС терминали и е-трговци се зголемува, да се навратиме неколку години наназад кога ја донесовте стратегијата за освојување на овој сегмент на клиенти. Кои беа тогаш развојните планови, зошто се одлучивте да ја зголемите базата на ПОС терминали, зошто одлучивте да инвестирате во инфраструктура поврзана со е-трговија и дали доколку анализирате од денешен аспект, сметате дека оваа стратегија е вистинската или нешто би промениле?

Атила Селим: Нашата визија е да бидеме водечка банка во регионот што е способна да ги изврши сите барања на универзалното банкарство, додека афирмираме силно присуство во услугите во доменот за население. Точно е дека препознатливоста на нашата банка во делот на дигитализацијата започна преку воспоставување на  целосна инфраструктура на ПОС терминали вклучувајќи ја и Е – трговијата, давајќи акцент пред се на Малите и Средните претпријатија. Довербата во безбедноста како и брзината на трансакциите, придонесе претпријатијата да имаат безбедно и инстантно наплатени услуги, воедно подржани со дополнителни бенефиции како нудење на бонус програма како и плаќање на рати кои што придонесуваат за раст на нивниот промет, а со тоа и на рентабилното работење. Од друга страна се зголемуваше свеста кај населението за предностите  од картичното работење кои што тие го добиваат, дури и во местата каде што тоа беше незамисливо. Покрај тоа што ставаме акцент на трговецот и можноста за негова зголемена продажба преку овој канал, мислам дека треба да се даде акцент и на потрошувачот и бенефитите кои ги има од купување преку овој канал. Потенцираме дека тоа за фирмите значи, поголем пазар вклучувајќи го и меѓународниот. намалување на режиски трошоци и залихи, генерирање на приходи без временско ограничување, телекомуникациски трошоци итн., што од друга страна бенефитите за потрошувачот би биле 24/7 пристап до производи од која било локација, поголеми попусти, можност за споредба на цени не само на локално, туку и на меѓународно ниво, поголем избор на производи, како и можност преку нашиот систем да прават  плаќања на рати, да добиваат екстра бонуси итн…

Интенцијата беше нашите клиенти да ја имаат комплетната услуга од кредитирање до модерни, безбедни флексибилни и алтернативни канали, коишто ќе им го олеснат нивното секојдневно работење како на приватен така и на деловен план. Ако на почетокот интензивно настапивме со маркетинг за презентирање на овие бенефиции, задоволството на клиентите ни го олесни тој дел пренесувајќи ги позитивните впечатоци на други потенцијални клиенти за да денес веќе побарувањата од нивна страна значително се зголемуваат. Посебно ни е драго што највпечатливите фирми од областа на Е-трговијата во нашата држава го забележаа овој тренд и ни веруваа од самите почетоци за да денес бидат високо етаблирани и препознатливи како бренд во оваа област, а воедно апликациите  во овој сегмент секојдневно продолжуваат да растат. Статистиките покажуваат дека ако во 2017 година повеќе трансакции се правеле кај странски купувачи, додека 2018 година сликата е веќе променета и забележуваме повеќе трансакции кај домашните е-трговци, што покажува дека довербата и во овие процеси расте.

Подоцна дигитализацијата продолжи во сите области за да денес веќе се работи на комплетно дигитално банкарство кое ќе ги вклучува скоро сите производи достапни за сите клиенти. Стратегијата овозможи денес да имаме ланец на фирми и лојални клиенти кои што комплетно ни веруваат и им се достапни сите финансиски услуги, со уверување дека иновациите и понатаму ќе продолжат.

 

АЕТМ: Дигитализација, дигитализација, дигитализација. Постојано се дискутира за неа, во секој сегмент од општеството. Асоцијацијата за е-трговија од самиот почеток вели дека е неопходен холистички пристап кон оваа проблематика. Од друга страна, во нашата земја не постои средина кога е во прашање дигитализацијата, тука постои сериозен јаз од аспект на тоа дека граѓаните се прилично добро дигитално образовани или се дигитално „неписмени“. Што треба да се случи во иднина, за втората категорија со релативно слаба дигитална писменост да се едуцира? Каде ја гледате тука улогата на институциите и дали можеби сметате дека е неопходно во образованието од помала возраст да се воведе оваа тематикa?

Атила Селим: Ако ги анализираме генерациите мислам дека милениумската генерација (родени 1977-1995), јасно ги согледуваат и анализираат предностите од дигитализацијата кои понатаму од нивна страна  треба забрзано да се пренесуваат на генерацијата Z (родени после 1995) кои пак веќе интензивно ги користат тие предности, за да заеднички понатаму бидат главните двигатели и стратешки да пристапат во подигнувањето на свеста и понатамошната едукација за дигитално општество.  Несомнено дека образованието е темелот за ваквите значителни промени, а инкорпорирањето ќе зависи од агилноста и стратегијата на овие генерации кои веќе јасно ги согледуваат бенефициите. Ме радува појавата на разни асоцијации поврзани со овој сегмент и се надевам дека во блиска иднина ќе биде најинтересна тема за учениците не само во неформалното, туку и во формалното образование. 

 

АЕТМ: Халкбанк располага со сопствена инфраструктура за персонализација на платежни картички. Тоа ви дава конкурентска предност пред останатите банки, пред се од аспект на брзината со која ги изработувате и издавате платежните картички. Колку е значајна брзината и квалитетот во испораката на услугите поврзани со платежни картички, притоа имајќи предвид дека поседувањето на центар за персонализација на картички, наложува секојдневно прилагодување кон строгите правила на Mastercard и Visa?

Атила Селим: Најзначајната предност на дигитализацијата се крие во брзината и временската рамка на испорачување на услугите, што е многу важно во денешниот динамичен деловен свет. Тоа е една од конкурентските предности која што се нуди, буквално овозможувајќи им на клиентите да ја имаат картичката дури следниот ден. Запазени се сите стандарди за безбедноста на податоците, согласно PCI DCC (Payment Card Industry Data Security Standard), како и процедуралните процеси на предавање и менаџирање согласно ISO стандардите и се тоа со цел клиентите да ги имаа производите во најкраток можен рок. Брзината на испорачување на овој продукт ја зголеми атрактивноста и направи истите да се продаваат со кој било производ на банката при вкрстената продажба. Следната фаза во блиска иднина е нивно комплетно дигитализирање и овозможување плаќањата да се прават преку посебна апликација на мобилен телефон, кој што ќе биде идниот дигитален паричник.

АЕТМ: Темата на годинешната конференција е „БИЗНИС РАСТ СО Е-ТРГОВИЈА“. Сметате ли дека Северна Македонија има потенцијал да биде е-држава и во која насока треба да се стремиме во иднина со цел соодветно да ги искористиме потенцијалите кои ги поседуваме кога е во прашање е-трговијата?

Атила Селим: Секако дека постои потенцијал на кој што заеднички треба да се работи со крајна цел зголемување на довербата во Е-трговијата. Напоменувам доверба бидејќи се почнува оттука. Ако се уште како банки работиме на зголемувањето на свеста и довербата во плаќањето со картичка и намалувањето на готовината што го опфаќа само платежниот систем, кај Е-трговијата станува збор за комплексен систем каде што, покрај платежниот влегуваат информатичко комуникациската технологија, доставата и регулаторната рамка. Како што и претходно споменав, доколку годините претходно повеќе се купувало од надворешни е-трговци, веќе во 2018 година поголем е бројот на Е-трговци од земјата од каде што се вршело купување. Ова е оптимистички податок и говори за зголемена доверба во целокупниот процес, земајќи предвид дека и целокупната вредност во Е-трговијата е порасната за 23%. Ако  клиентите согледаат дека има систем којшто купениот продукт ќе го достави на соодветен начин, секако дека побарувачката се повеќе ќе расте. Луѓето имајќи доверба, нарачката ја правеле дури и повеќе од странство. Поголемата побарувачка ќе придонесе и за зголемување на алтернативните канали како Е-трговија. Мислам дека асоцијацијата за Е-трговија се повеќе ќе игра клучна улога во подигањето на свеста и довербата во Е-трговијата, преку спојувањето на сите клучни пилари како и споделувајќи ги предностите до бизнис заедницата. Она што ме радува е дека и клучните државни институции кои може да придонесат за Е-трговијата, ја даваат нивната поддршка почнувајќи од Народната банка, Царината, Министерството за информатичко општество, Фондот за иновации и мислам дека резултатите се повеќе ќе се подобруваат на ова поле, а веќе и заинтересираноста се повеќе расте согледувајќи ги активностите во нашата банка. Ние како банка продолжуваме со секојдневното комуницирање и советодавно пристапување давајќи акцент и на маркетингот на кој што идните и сегашни Е-трговци треба да се фокусираат и подржуваме проекти коишто се во оваа насока, всушност годинава сме и златен спонзор на конференцијата.