НЛБ Банка ја активираше поддршката за Apple Pay во Македонија, овозможувајќи им на клиентите безбедно и лесно плаќање преку нивните iPhone или Apple Watch уреди. Наскоро се очекува поддршката за Apple Pay да биде достапна и кај останатите банки..
Блаж Бродњак, извршен директор на НЛБ д.д., уште пред неколку недели на LinkedIn најави дека Apple Pay ќе биде достапен во регионот до крајот на јули — информација што денес се потврди со лансирањето и во Македонија. На прашање од корисници за достапноста во Северна Македонија, Бродњак одговори дека е „coming as well“, што денес официјално се реализира.

Доказ за активирањето на услугата пристигна и преку нотификација испратена до клиентите, каде што се потврдува дека картичките се успешно поврзани со Apple Pay и подготвени за користење.

Порталот Банкарство.мк уште претходно ексклузивно објави дека Apple Pay е во фаза на подготовки и дека неговото активирање се очекува на есен. Оваа прогноза се покажа како точна и навремена:
Apple Pay доаѓа во Македонија – Подготовките се во тек, стартот се очекува на есен
Од сега, корисниците на НЛБ Банка може да ги дигитализираат своите платежни картички во Wallet апликацијата на Apple и да уживаат во безконтактни и безбедни трансакции со само еден допир.
Процесот на активација и верификација се одвива преку апликацијата NLB Pay, каде што корисниците ги следат сите потребни чекори за успешно поврзување.
Иако услугата е веќе активна за дел од корисниците, сè уште нема официјална објава од НЛБ Банка, ниту пак од Apple, што се очекува во текот на деновите што следуваат.
Во моментот, Apple Pay е достапен само преку НЛБ Банка, додека другите банки во Македонија сè уште не ја имаат активирано оваа услуга. Сеуште недостасува најава од нивна страна за точен датум на поддршка, иако се очекува и тие да го следат истиот чекор во блиска иднина.

Visa веќе започна со промотивни активности за Apple Pay, поставувајќи билборди на неколку локации низ Скопје. Ова е јасен сигнал дека воведувањето на услугата е дел од поширока кампања за дигитализација на плаќањата, насочена кон подигнување на свесноста и поттикнување на користењето на безконтактни решенија кај потрошувачите.
Извор: Банкарство.мк