[Aнализа] ИНСАЈДЕР ИД – COVID-19: Можност или бариера за економиите во развој

ЕЛЕКТРОНСКАТА ТРГОВИЈА И ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА КАКО ЕДНИ ОД ГЛАВНИТЕ ТРЕНДОВИ КОИ КРИЗАТА ЌЕ ГИ “ЗАБРЗА” 

За да се дефинираат излезните решенија и стратегии за компаниите кои ќе овозможат надминување на кризата, потребно е да се анализираат трендовите кои што истата ќе ги предизвика, кои би биле нивните ефекти и што тоа би значело за компаниите. Нивното дефинирање, ќе им овозможи на компаниите да имаат увид за што е тоа кон што би требало да се насочат за надминување и да ги преземат потребните активности за имплементација на соодветните решенија, пред истите од потенцијално решливи проблеми да постанат нерешливи што ќе има големи последици како за самата компанија така и целата економија. Едни од трендовите кои што се наведени во кризата неминовно се поврзани и со електронската трговија и дигитализацијата на работењето на Македонските компании.

Неминовно влијание кон зголемување на значењето на електронската трговија. 

Ефектот ќе биде доволно голем да направи макро-економско пореметување и влијание на поголем број стопански субјекти. Во истражувањата од Инсајдер ИД во 2017 и 2019 е заклучено дека во Македонија моменталниот пазар за електронска трговија е финансиски мал, односно не овозможува рентабилност која што ја очекуваат поголемите компании за да настапат дигитално. Алтернатива според која е реално влегувањето на поголемите играчи е појава на тренд (надворешен) кој ќе придонесе за зголемување на пазарот и истиот ќе стане доволно атрактивен и финансиски моќен да одржи рентабилна една поголема е-продавница, или пак природен развој на е-трговијата за кое што ќе беше потребна уште една декада. 

Всушност, со кризата и рестриктивните мерки за движење и воведувањето на “полициски час” придонесоа за тоа да потрошувачите немаат друга алтернатива (или ограничен број алтернативи), освен да ги извршат порачките преку користење на е-продавница за секаков тип потрошувачка стока. Со тоа и електронскиот пазар, постанува атрактивен и за поголемите трговски ланци, но и за компании кои продажбата најчесто ја извршувале по традиционален пат, бидејќи во ситуацијата бараат начин за компензирање на изгубениот приход. 

Компаниите кои до пред кризата воопшто не планирале воведување на електронска продажба, со нејзиното започнување работат со забрзано темпо или за нејзино имплементирање или веќе ја имаат имплементирано. Сето тоа, неминовно под притисок на побарувачката ќе ја зголеми понудата преку дигиталните канали, која што според истражувањата во 2019 година е една од главните пречка за развојот на е-трговијата. 

По завршување на кризата, дел од потрошувачите ќе се навратат на старите навики на купување, но дел ќе продолжат со користење на електронските продавници бидејќи понудата и изборот ќе бидат значајно подобрени. Едноставно компаниите кои што ја имаат електронската продавница со завршување на кризата нема да ја затворат и истата ќе продолжи со функционирање. Еден податок ќе биде од особена важност по завршување на кризата, а тоа е максималниот број на индивидуи кои имаат остварено купување во “пикот” на кризата, бидејќи тој број е всушност целиот потенцијален пазар на е-трговијата во моментот без разлика дали потрошувачите ќе продолжат со купување преку интернет или не.

Под користење на е-трговија се подразбира и плаќање на сметки преку интернет (режиски трошоци), проверка на банкарската сметка односно било каков трансфер на пари кој се извршува со платежна картичка преку интернет. Всушност, најголемото “задржување” на однесувањето по завршување на здравствената криза за плаќање преку интернет се токму режиските трошоци, бидејќи значајно се крати времето за обавување на едноставна активност.

Зголемена дигитализација во работењето, промена на начинот на организација и оптимизација на секојдневните активности. 

Базично, секојдневната комуникација помеѓу вработените и помеѓу компаниите целосно ќе се промени. Физичките состаноци ќе се редуцираат до ниво каде ќе се одржуваат само доколку тоа е единствениот начин, комуникацијата ќе се де-персонализира и се повеќе ќе се користат електронски пораки и видео конференции кои ќе бидат пократки и ќе обработуваат само темата на состанокот без непотребниот губиток на време. Зголемување на електронската трговија неминовно ќе влијае и на дигитализација на процесите во компаниите, воведување на нови софтверски решенија или унапредување на постоечките. Намалениот број на вработени ќе влијае на дигитализација и автоматизација на дел од активностите кои што се извршувани од нив. Во следниот период, постои веројатност зголемување на финансискиот фонд кој компаниите го инвестираат во софтверски решенија и автоматизација на процеси, бидејќи и самата криза покажа дека е критично одложувањето на реализацијата на проекти од тие сегменти, бидејќи моментално компаниите кои се во најмал степен подготвени за е-трговија веднаш имаат алтернативен канал за продажба.

Целата анализа можете БЕСПЛАТНО да ја преземете на веб страната на Инсајдер ИД (www.insider.mk).

 

 

Изработено од: Инсајдер ИД | Автор: Сергеј Зафироски (sergej@insider.mk) | Дата: 22.04.2020
Анализата е изработена од консултантите на Инсајдер ИД, секое копирање или преземање (на цела или дел) без претходна писмена согласност е забрането. За повеќе информации или барање за преземање контакт на електронската адреса info@insider.mk.