Новости од е-трговија

Дали и колку е-продавниците од регионот продаваат на купувачи надвор од домашниот пазар?

АЕТМ, во соработка со Асоцијацијата за е-трговија во Србија во изминатите три месеци работеше на анализа на тема „Гео-блокирање во ЦЕФТА“, користејќи mystery shopping и спроведувајќи интервјуа со мапираните е-продавници кои се дел од ЦЕФТА (Албанија, Босна и Херцеговина, С.Македонија, Молдавија, Црна Гора, Србија и Косово), со цел да истражи дали е-продавниците овозможуваат купување од други пазари и дали се користат практики за гео-блокирање на купувачите.

На 16.03.2022 (среда), се одржа онлајн настан на тема „Отстранување на неоправданото гео-блокирање“ организиран од Секретаријатот на ЦЕФТА, во соработка со АЕТМ, фондацијата Либре од Бугарија и Асоцијацијата за е-трговија на Србија, во чии рамки претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска ги презентираше клучните сознанија од спроведената анализа за гео-блокирање во ЦЕФТА.

Гео-блокирањето се однесува на деловни практики каде што е-трговците наметнуваат ограничувања врз основа на географската локација на купувачите, односно купувачите не можат да купат стоки или услуги од трговци лоцирани на друг пазар и се дискриминирани кога се обидуваат да пристапат до најдобрите понуди, цени или услови за продажба. Како резултат на тоа, економиите се заробени во сопствениот “балон” на содржини наместо да можат да пристапат до универзални информации, услуги и добра. Процесот на онлајн купување може да се подели на 4 фази за време на кои може да се појават различни типови на гео-блокирање:

  1. Пристап – кога купувачот пристапува на веб-сајтот,
  2. Регистрација кога купувачот дава специфични информации за себе (лични податоци, адреса итн.),
  3. Испорака – кога купувачот дава информации каде да биде доставена неговата нарачка,
  4. Плаќање – кога купувачот го избира својот претпочитан начин на плаќање.

Во продолжение ви ги презентираме сознанијата од истражувањето.

Резултати од mystery shopping

Анализата се базираше на 4 истражувачки прашања:

  • Колку е честа практиката на гео-блокирање при онлајн купување од друг пазар во рамките на ЦЕФТА?
  • Дали гео-блокирањето е почесто кај продавањето на услуги или производи?
  • Во која фаза од процесот на онлајн купување се јавува гео-блокирањето и во каква форма?
  • Која е причината и оправданоста за користењето на практики на гео-блокирање?

1. Колку е честа практиката на гео-блокирање при онлајн купување од друг пазар во рамките на ЦЕФТА?

  • Фаза 1: Пристап

98,4% од мистериозните купувачи можеле да пристапат на истата веб-страница кога ја оценувале од друг ЦЕФТА пазар. Само 1,6% од сите обиди за пристап од страна на мистериозните купувачи до е-продавниците резултираа со автоматско пренасочување, веб-локација со различна пазарна екстензија, различно име на домен или од нив беше побарано да ја изберат нивната локација. Дополнително, 70,3% од е-продавниците се достапни само на локалниот јазик, а 29,7% од продавниците се достапни и на англиски јазик.

  • Фаза 2: Регистрација 
Фаза 2: Регистрација на е-продавниците
  • Фаза 3: Достава

Кај 64% од вкупно 160 анализирани е-продавници адресите за достава на мистериозните купувачи не беа прифатени. Од нив, речиси сите адреси (96%) не беа прифатени кога се опсервираа е-продавниците кои продаваат производи.

Какво гео-блокирање се случува при достава
Какво гео-блокирање се случува при достава
  • Фаза 4: Плаќање

Истата цена на производите се појавува во 99% од случаите без разлика од кој пазар се пристапува на е-продавницата. 76% од е-продавниците прифаќаат плаќање со кредитна или дебитна картичка (Visa, Mastercard).

Опции за плаќање кај е-продавниците во ЦЕФТА пазарите
Опции за плаќање кај е-продавниците во ЦЕФТА пазарите

Заклучок: Кај 72.5% од е-продавниците во ЦЕФТА регионот се случува гео-блокирање кое ги спречува купувачите од другите ЦЕФТА пазари да купуваат онлајн.

 

2. Дали гео-блокирањето е почесто кај продавањето на услуги или производи?

Само 11% од е-продавниците кои продаваат производи немаат гео-блокирање, додека пак 74% од е-продавниците кои нудат услуги (т.е. хостинг, патнички услуги, билети за настани итн.) немаат гео-блокирање, односно не го ограничуваат купувањето од други пазари.

Гео-блокирање: Производи vs. услуги
Гео-блокирање: Производи vs. услуги

 

3. Во која фаза од процесот на онлајн купување се јавува гео-блокирањето и во каква форма?

Гео-блокирањето е најчесто во делот за достава при онлајн купување
Гео-блокирањето е најчесто во делот за достава при онлајн купување

Практиките за гео-блокирање најчесто се појавуваат при фазата за достава за време на онлајн купувањето (63.8%). Најчестата форма на гео-блокирање е ограничување на полето за адреса со тоа што е-трговецот не дозволува да се внесат адреси кои не се од истата земја.

4. Која е причината и оправданоста за препознаените практики на гео-блокирање?

За одговарање на четвротото истражувачко прашање беа спроведени вкупно 44 интервјуа со претставници од разни е-трговци од ЦЕФТА пазарите, од кои 38% продаваат услуги, додека преостанатите 62% продаваат производи. Според интервјуата, над 90% од продажбите во е-продавниците доаѓаат од домашни купувачи. Само 30% продаваат/ доставуваат до други пазари во ЦЕФТА. Најчестите причини за одбивањето на продажба низ ЦЕФТА пазарите се:

  • Царински постапки – високите царински такси што клиентите треба да ги платат и сложените царински процедури додаваат административни потешкотии и неизвесност
  • Проблеми со достава – високите трошоци за испорака ги прават производите неконкурентни, а локалните курирски служби немаат воспоставено партнерства/процеси за справување со испораки во другите пазари
  • Недостаток на стандардизација – недостатокот на јасни, униформни правила и регулативи, стандардизација и недостаток на поедноставени процеси го прават патот до испораките помеѓу пазарите уште потежок за е-продавницитеЦЕФТА пазари претставници

Што ако пречките би биле отстранети?

Кога на е-трговците им беше презентирано “What If” сценарио, т.е. доколку би биле отстранети пречките како што се царински такси и процедури, регулативи и логистика и би се воспоставиле стандардизирани процеси, повеќето од е-продавниците изразија подготвеност и ентузијазам да започнат да продаваат онлајн на клиенти надвор од нивниот локален пазар.

 

Инаку, Акциониот план за Заеднички Регионален Пазар 2021-2024 година на ЦЕФТА предвидува слободно движење на производи и услуги во ЦЕФТА регионот и доближување до веќе постоечкиот модел на т.н. Единствен пазар на ЕУ. Реализирањето на активностите од Акциониот план, меѓу кои е и отстранувањето на неоправданите практики за гео-блокирање ќе овозможат домашните купувачи да имаат поголем избор и да можат да нарачуваат онлајн од продавници од регионот, а домашните е-трговци да стигнат до поширока база на купувачи од регионот.