Амазон ангажирал 100.000 нови работници, за да остане во чекор со онлајн нарачките, предизвикани од корона вирусот

Амазон вели дека појавата на корона вирусот предизвикала наплив на онлајн нарачките, па сега гигантот додава 100.000 нови работни места со полно и со скратено работно време низ САД за да остане во чекор со побарувачката.

Работните места ќе бидат во магацините на Амазон и во мрежата за испорака. Компанијата соопшти дека клиентите најверојатно ќе имаат малку подолг период на испорака од вообичаениот, поради големиот обем на нарачки, кои растат, како што се шири корона вирусот.

„Веруваме дека нашата улога да бидеме од корист на клиентите и на заедницата во ова време е клучна и сакаме да се погрижиме луѓето да ги добијат потребните производи, кога им се потребни. Ние работиме деноноќно со нашите партнери за продажба за да обезбедиме достапност на сите наши производи и да овозможиме и дополнителен капацитет за испорака на сите нарачки“.

Кога прв пат избувнувна корона вирусот, Амазон исто така мораше да се справи и со продавачите на својата страница кои се обидуваа да профитираат на корона вирусот. На почетокот на овој месец, Амазон соопшти дека повлекол повеќе од 1 милион производи поради нивно зголемување на цените или лажно рекламирање дека дејстуваат против коронавирусот. „Активно ја следиме нашата е-продавница и отстрануваме понуди што ја нарушуваат нашата политика“, велат од компанијата во својот блог пост.

Компанијата дополнително соопшти и дека се консултира со медицински и здравствени експерти за препорачаните безбедносни мерки на претпазливост во рамките на своите капацитети и спроведува „социјално растојание на работното место“ и засилено чистење.

Во нашата земја исто така, е-трговците помагаат да се следат препораките од надлежните за зачувување на јавното здравје и одржување на социјално дистанцирање. Зголемен е обемот на онлајн нарачките како и бројот на домашните е-трговци кои нудат поволности како бесплатна достава или попуст при онлајн нарачка, со цел што е можно повеќе да се користат онлајн услугите помеѓу нашите сограѓани.