Агенција за пошти: Во првата половина од 2022 преку е-трговија се доставени 102.496 e-commerce пакети и 930.380 пакети со откупнина

Десет лиценцирани даватели на поштенски услуги престанале да работат на поштенскиот пазар од почетокот на годинава, а прогнозите на регулаторот се дека на почетокот на следната година ќе престанат да функционираат уште неколку. Намалената економска активност на стопанството воопшто, како и зголемените трошоци за енергенси во структурата на цените на поштенските услуги, ја намали побарувачка за услуги за пакети и писма.

Во четврток, 22.12 се одржа јавен состанок на Агенција за пошти на кој се соопшти дека годината што изминува поштенскиот пазар ја завршува со 36 даватели на поштенски услуги, а 10 се избришани од регистарот на лиценцирани даватели. Несоодветната достава на пратки, начинот на вршење на доставата на нотарски платен налог, оштетување на пратки и неисплатена откупнина се најчестите причини за претставките до Агенцијата за пошти, а чиј број годинава изнесувал 29.

Кај бројот на рекламации кај давателите на поштенски услуги на слободниот пазар во првата половина од годинава има зголемување од 59,7% во однос на 2021 година, додека кај давателот на универзалната услуга има намалување. До АД Пошта на Македонија се поднесени 273 рекламации, а 500 до останатите даватели на услуги. Бројот на рекламации кај давателите на поштенски услуги е 0,004% во однос на вкупно остварениот обем.

Кога станува збор за пратки од електронска трговија, во првото полугодие од 2022 година се доставени 102.496 пакети и 4.854 писма. Кај давателите на слободниот пазар во првата половина од годинава има намалување на услугите за е-трговија за околу 3,4%, а зголемување на пакетите со откупнина за околу 200%. Во првото полугодие на 2022 година давателот на универзалната услуга бележи намалување на обемот на пакети за околу 3% во однос на првото полугодие на 2021 година.

Кај приходите за првото полугодие на 2022 година кај даватели на поштенски услуги на слободниот пазар има зголемување од 9,5%, а целиот поштенски сектор има зголемување на приходите од 0,5%.

– Во 2022 година се издадени вкупно пет општи овластувања, од кои само три се за нови старт-ап компании, другите за проширување на мрежата и услугите. Но и интересот за влез е драстично намален годинава, имаме само две отфрлени нотификации поради откажување на подносителите во текот на постапката. Во 2020 и 2021 година вкупно 12 го изгубиле статусот на даватели и се избришани од регистарот, односно по шест годишно, додека во 2022 година 10 даватели го изгубиле статусот и се избришани од регистарот на лиценци, рече директорката на АП Билјана Аврамовска Ѓоревска.

Во последните три години вкупно 22 правни субјекти го изгубиле статусот на даватели на поштенски услуги. Од овие 22 правни субјекти два обезбедувале поштенски услуги над 10 години, еден девет години, четири имале просечен век на поштенско економска активност од пет до седум години, девет имале просечен век на поштенско економска активност од две до четири години, а со најмал просечен век од 1 до 1.5 години на поштенско економска активност биле шест даватели. Карактеристично за овие 22 даватели, без оглед на годините на економска активност и основот по кој го изгубиле Општото овластување, е тоа што во последните шест месеци воопшто не обезбедувале, или со незначителен обем обезбедувале поштенски услуги.

– Имајќи ги во предвид овие показатели, поткрепени со мониторингот и шестмесечните извештаи, кај три до четири даватели на поштенски услуги, меѓу кои две старт-ап, забележан е намален обем на обезбедување услуги и проценката на Агенцијата е дека на почетокот на 2023 година со голема веројатност ќе им престане поштенско економската активност, информира Аврамовска Ѓореска.

Анализата на АП покажа дека причините за излегување од пазарната трка се должат на намалената економска активност на стопанството како резултат на пост ковид и војната во Украина и порастот на цените и енергетскaта криза, како и конкуренцијата која подразбира потреба од одржување на проектирано ниво на рентабилност, квалитет на услуги и задржување на клиентите.

Во 2022 година примени се и евидентирани вкупно 29 претставки и два управни приговори од корисници на поштенски услуги. Податоците од оваа година, наведе Аврамовска Ѓореска, укажуваат на тоа дека кориснисите за одредени проблеми со доставата успеваат да пронајдат заедничко решение со давателите и не поднесуваат претставки до Агенцијата за пошти.

Овој напредок се должи пред се на зголемената транспарентност и во зголеменото ниво на информираност на корисниците на услугите за рекламациските постапки.

Предизвик за Агенцијата за пошти во следната година ќе биде усвојување на новиот закон за поштенските услуги со кој ќе се доуреди делот на дефинирањето и опфатот на универзалната услуга, дефинирањето на поштенските услуги, доставата на поштенските пратки и пристапот до мрежа согласно со меѓународните стандарди. Втор предизвик за регулаторот е донесување на стратегијата за развој на поштенските услуги од страна на Владата на, која, нагласи директорката, како стратешки документ ќе ги утврди правците за развој на еден модерен, ефикасен и европски ориентиран пазар на поштенските услуги.

Од АП во 2023 година очекуваат да заврши процесот на хармонизирање и усогласување на домашното законодавство со ЕУ-acquis во областа на пазарот на поштенските услуги преку имплементација на ЕУ Регулативата 2018/644 за меѓународна достава на пакети. Со тоа, укажа Аврамовска Ѓоревска, ќе се обезбедат транспарентни цени за внатрешен и меѓународен сообраќај и ќе се прецизираат процедури за идентификација на цени во меѓународен сообраќај.

АП, најави директорката, информираше и дека остануваат посветени на евроинтеграциските процеси со активно учество во работните групи за подготовка на преговарачките позиции за пристапување на државата во Европската Унија во рамки на Поглавјето 8. Политика на конкуренцијата и Поглавјето 3. Право на основање и слобода на давање услуги, за област 3.3 Поштенски услуги, кој е дел од кластерот 2 – Внатрешен пазар. Скрининг процесот во овој домен се очекува веќе во јануари.