АЕТМ и ДПИ ќе соработуваат за заеднички придонес во борбата со сивата економија во е-трговијата

Со цел намалување на сивата економија во е-трговијата и зајакнување на меѓусебната соработка на Асоцијацијата за е-трговија и Државниот пазарен инспекторат, претседателката на АЕТМ, Др. Нина Ангеловска и в.д. директорката на ДПИ, Анета Симеска Димоска потпишаа меморандум за соработка.

Во меморандумот се наведува дека АЕТМ и ДПИ ќе разменуваат информации од заеднички интерес, ќе споделуваат тековни и нови искуства, ќе учествуваат на настани од областа за е-трговија, ќе разменуваат професионални совети и ќе придонeсуваат за развојот на соодветни програми од областа на е-трговијата за потребите на корисниците на услугите на страните. Државниот пазарен инспекторат и Асоцијацијата исто така ќе организираат и заеднички активности поврзани со сивата економија во е-трговијата, кои ќе имаат за цел да влијаат на намалувањето на сивата екомонија во е-трговија и да го поттикнат работењето на е-трговците како регистрирани правни субјекти, следејќи ги прописите од законската регулатива, како и да поттикнат раст и развој на е-трговијата во Република Северна Македонија.

„Само со заеднички пристап можеме да влијаеме и да направиме посериозни промени. Потпишувањето на меморандумот означува заедничка реализација на активности кои ќе влијаат кон надминување на предизвиците со сивата економија во е-трговијата, меѓу кои најизразена е појавата на бројни нерегистрирани субјекти кои своите производи и услуги ги продаваат преку социјални медиуми, без издавање на фискална сметка или фактура за направената купопродажба. Ова е прв чекор од нашата соработка со Државниот пазарен инспекторат која во периодот кој следи ќе биде интензивирана во насока на заеднички придонeс кон намалување на сивата економија и понатамошен развој на е-трговијата.”  – вели претседателот на АЕТМ, Нина Ангеловска.

Преку потпишувањето на овој меморандум Државниот пазарен инспекторат се стекна  со Почесно членство во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

„Во време на брз пораст на е-трговијата во нашата држава и предизвиците кои таа ги носи со себе, како од аспект на контрола на работењето на е-трговците, што е и основна надлежност на ДПИ, така и од аспект на размена на искуства, информации за проблемите во работењето, но и потребата од соодветна законска регулатива, а се со цел да има коректна конкуренција и регулиран пазар, сметавме дека ни е потребно да оствариме една вакава соработка со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, што секако е од обостран интерес. Оваа соработка ќе доведе до зајакнување на позицијата на ДПИ за поддршка на активности поврзани со е-трговијата, до реализација на заеднички проекти од областа на истражувањето, управување со знаење, промени и организациски развој, како и стратешки менаџмент и секако ќе доведе до зголемување на видливоста на работата и надлежностите на ДПИ на локално, регионално и национално ниво.” – изјави В.Д. Директорот на ДПИ, Анета Симеска Димоска

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се стреми да ги поддржи интересите на компаниите од е-трговијата, да ги намали бариерите кои го ограничуваат растот и развојот на оваа индустрија, како и да придонесе кон зголемување на свеста и знаењето поврзано со е-трговијата преку многубројни проекти, иницијативи, соработки со владин и невладин сектор, организација на едукативни настани и изработка на анализи и извештаи. Борбата против сивата економија е еден од ограничувачките фактори за понатамошен развој на е-трговијата и затоа е потребен холистички пристап за да се влијае врз нејзино намалување.