Новости од е-трговија

Преку соработка со Кинеската комора за е-трговија, АЕТСМ ќе отвора нови можности за македонските компании

Гуангжоу, Кина, мај 2025 година — Асоцијацијата за е-трговија на С. Македонија (АЕТСМ) и Кинеската комора за е-трговија (CECC) потпишаа Меморандум за соработка, со кој се поставуваат основите за заедничка соработка и развој на партнерства во областа на е-трговијата и дигиталната економија. Потпишувањето претставува значаен чекор напред во насока на унапредување на прекуграничната е-трговија, размена на знаења и информации, и градење на долгорочни партнерства меѓу македонскaтa и кинеската бизнис заедница.

Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, д-р Нина Ангеловска Станков, веќе извесен период престојува во Кина во рамки на работна посета, каде активно работи на воспоставување на партнерства и истражување можности за меѓународна соработка. Е-трговијата во Кина е меѓу најразвиените и најиновативните во светот, а можностите за остварување на соработки се големи. 

– “Екосистемот на е-трговија во Кина е неверојатно развиен и интегриран, од кој што има многу што да се научи. Купувањето онлајн е дел од секојдневие за милиони луѓе. Она што го прави исклучителен овој систем е тоа што целата инфраструктура – од нарачка, плаќање, складирање, па сè до достава е дигитално поврзана и автоматизирана. Технологијата е длабоко интегрирана во секој аспект од животот со цел да го направи функционирањето поефикасно и поорганзирано. Брзата испорака на пратки во толку големи градови е возможна благодарение на густата мрежа на магацини (fulfillment центри) што се поставени близу до градовите; автоматизација и роботизација во складиштата; интегрирани логистички системи; достава со лесни електрични возила. Покрај тоа мрежата на out-of-home delivery е широко распространета, со густа мрежа на пакетомати за самостојно подигнување на пратките.” – објасни претседателката на АЕТСМ, Ангеловска Станков  

Во рамки на посетата, Ангеловска оствари повеќе средби со претставници од Кинеската комора за е-трговија, на кои беа разгледувани конкретни можности за соработка, размена на знаења и искуства, поддршка за македонските компании, како и отворање на нови канали за зголемување на увозот и извозот и пристап до нови пазари за членките на АЕТСМ.

Меморандумот со Кинеската комора за е-трговија (CECC) предвидува соработка во неколку клучни области, вклучувајќи промоција и поддршка на прекуграничната е-трговија помеѓу двете земји, размена на информации, добри практики и политики, како и организирање на заеднички настани, бизнис средби, вебинари и саеми. Дополнително, меморандумот опфаќа поддршка на извозно-увозни активности на членовите на двете организации и поттикнување на еднаквост и вклучување на жените во е-трговијата и дигиталната економија.

„Овој Меморандум претставува значаен исчекор во нашата мисија да ја поттикнеме меѓународната соработка и да создадеме нови можности за македонските компании на глобалната сцена. Соработката со Кинеската стопанска комора за е-трговија отвора нови перспективи за размена на знаење, пристап до огромниот кинески пазар и унапредување на прекуграничната е-трговија. Во време кога дигиталната економија станува сѐ поцентрална за економскиот раст, потребно е да се градат мостови за подобри соработки и прогрес. Ова партнерство отвора врати за пристап до вредни ресурси и нови соработки, но и создава поттик за иновации преку директна поврзаност со еден од најиновативните и најдинамични пазари во светот – Кина.“, изјави д-р Ангеловска Станков.

Кинеската комора за е-трговија (CCEC) е национална корпоративна организација во електронската индустрија, составена од компании, здруженија и индустриски тела кои се занимаваат со производство, дистрибуција и истражување на електронски производи. Комората брои над 16.000 компании членки. 

„Со овој меморандум воспоставуваме стратешко партнерство помеѓу Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија и Кинеската комора за е-трговија за унапредување на соработката во областа на е-трговијата и дигиталната трговија. Тој ги опфаќа областите на соработка како што се размена на експертиза, заеднички настани и поддршка за членовите, со заедничка посветеност на инклузивен раст и родова еднаквост во дигиталната економија.“, изјави Лин Ханџонг, Заменик генерален секретар на CECC.

Со овој меморандум за соработка, АЕТСМ го зацврстува своето меѓународно присуство и создава можности за соработка со една од најсилните и најразвиени економии во светот. Потпишаниот документ е доказ за заедничката заложба за продлабочување на односите, градење на доверба и отворање на нови можности за членовите на двете организации.

Ова партнерство претставува почеток на еден подинамичен и поинтегриран пристап кон глобалната е-трговија, со фокус на иновациите, конкурентноста и дигиталната трансформација.