Четирите големи онлајн пазари кои се активни во Европа – Alibaba, Amazon, eBay и Rakuten France – ја потпишаа Заложбата за безбедност на производите произлезена од Европската комисија. Оваа заложба значи дека тие побрзо ќе ги отстрануваат опасните и небезбедните продукти од нивните онлајн пазари. Тие сега ќе преземат акција во рок од два дена при известување од локалните власти за небезбедни продукти и во рок од 5 дена при известување од страна на корисниците на нивните е-продавници. Воедно, ќе обезбедат јасен начин за корисниците да можат да ги пријавуваат ваквите продукти, но и мерки за спречување овие продукти повторно да се појават во нивните продавници откако веќе биле отстранети.
Комесарот за правда, потрошувачи и еднаквост на ЕУ, Вера Журова, рече: “Сè повеќе и повеќе луѓе во ЕУ пазарат онлајн. Е-трговија отвори нови можности за потрошувачите, нудејќи им поголем избор по пониски цени. Потрошувачите треба да бидат еднакво сигурни кога купуваат онлајн како кога купуваат офлaјн. Исто така, ги повикувам и другите онлајн пазари да се приклучат на оваа иницијатива, како би го направиле интернетот побезбедно место за ЕУ потрошувачите.“
Онлајн продажбата претставува 20% од вкупната продажба во 2016 година во ЕУ (Еуростат). Се повеќе и повеќе опасни производи пријавени во системот за брзо предупредување се продаваат на интернет. Ова ја покажува потребата сите онлајн пазари да продолжат и понатаму да ги засилат нивните напори кога станува збор за отстранување на опасните производи. Директивата за е-трговија на ЕУ содржи постапки за известување и процедури за отстранување на продуктот, но тоа не го регулира детално. Овие четири големи онлајн пазари се согласија на серија на обврски за да се обезбеди поголема заштита на корисниците на ЕУ пазарот.
Alibaba Group, Amazon, eBay и Rakuten-France се обврзаа да ги преземат следните чекори:
- Реакција за два работни дена доколку локалните власти известат за продукт кој не е безбеден. Компаниите ќе ја следат ситуацијата и ќе ги информираат властите за преземените мерки.
- Обезбедување јасен начин преку кој корисниците може да известат за небезбеден продукт во е-продавницата. За пријава од страна на корисниците за ваков продукт тие ќе одговорат во рок од 5 работни денови.
- Ќе се консултираат со Системот на ЕУ за брзо предупредување за опасни производи, но и од други извори како органите одговорни за преземање соодветни акции од оваа област.
- Ќе обезбедат контакт лице за надлежните институции од земјите членки на ЕУ за известување за опасни производи и за понатаможна комуникација за работи од областа на безбедни продукти.
- Ќе преземат мерки за да се спречи повторно појавување на пазарот на продукти кои веќе биле отстранети поради безбедност.
- Ќе обезбедат информации и тренинзи за е-трговците за зголемување на знаењата за европската легислатива за безбедност, ќе бараат да се делува согласно регулативата и ќе обезбедат линк на е-трговците од европската реглатива за безбедност на производи.
Е-трговците и Европската комисија ќе изготвуваат извештај за прoгресот на ова тема на секои 6 месеци.
Извор: Европска комисија