Се одржа првата сесија од серијалот настани за унапредување на е-трговијaта во нашата земја

На 16 декември во просториите на Фондот за иновации и технолошки развој се одржа првата сесија од серијалот „E-commerce Afterwork сесии”, на тема: „Со извоз до поголема конкуретност на е-трговците. Што треба да знаат сите потенцијални извозници во е-трговијата?”, организирана од нашата Асоцијација за е-трговија на Македонија. Оваа сесија беше наменета за сите моментални и потенцијални извозници, во ко-организација со Царинската управа, а со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој.

Целта на оваа сесија беше да се согледаат главните предизвици на е-трговците за извоз, да се дискутираат заедно со говорниците на сесијата и заеднички да им се помогне, со цел да се зголеми конкуретноста на странските пазари.

На сесијата присуствуваа стотина претставници од најразлични компании за е-трговија, кои ги извезуваат или сакаат да ги извезуваат своите производи. На сесијата се разви конструктивна дискусија на која присутните ги образложија проблемите со кои се соочуваат: скапите административни и царински процедури, бавната испорака на производите со релативно големи трошоци, непостоењето на број за следење на пратките кај дел од поштите и нереспонсивност кај дел од поштит на барањата на клиентите. Е-трговците исто така, напоменаа дека дел од нив отвораат компании во други земји, за да имаат побрза и посигурна испорака, како и дека на доставата треба да се гледа посериозно, како значаен дел од маркетинг стратегиите на извозниците, како легален документ во однос на рокот на испорака.

Е-трговците наведоа дека клиентите кои купуваат од други земји, доколку немаат тракинг број реагираат и понекогаш е-трговците, поради бавната или нетранспарентн достава, мораат да ги рефундираат средствата во целост. Од оваа сесија се увиде дека најевидентен е проблемот со броевите за следење на пратките кај дел од поштите, кои во многу земји не функционираат и поради кои купувачите од странство имаат недоверба кон македоските продавачи.

Сесијата ја отвори Министерката за финансии Нина Ангеловска која посочи дека покрај бројните придобивки на е-трговијата, можноста за извоз е пожелна за секоја компанија и е значаен контрибутор на бруто домашниот производ во за секоја држава. Таа посочи дека иако податоците на Државниот завод за статистика покажуваат охрабрувачки податоци за развојот на е-трговијата во нашата земја, она што не е охрабрувачки се податоците за компаниите со над 10 вработени, од кои само 55,6% имаат веб страница, а само 3,6 % напрвиле онлајн продажба во 2019 година. Податоци за онлајн извоз нема, но во овие информации не се опфатени микро претпријатијата со помалку од 10 вработени, кои претставуваат над 90% од субјектите. „Овие микро претпријатија можеби и најмногу можат да ги искористат можностите кои ги нуди е-трговијата за извоз. За жал, компаниите во Република Северна Македонија се доста бавни во усвојувањето на е-трговијата за извоз, но затоа овие работилници можат да потикнат, но воедно да ги детектираат сите предизвици кои холистички треба да ги решаваме.” -рече Ангеловска.

Директорот на Царинската управа на Македонија, Ѓоко Танасоски пак, изјави дека од неодамна е воведена е-царинска декларација за 0 денари, која ќе може да ја подготвува секое физичко лице кое сака да направи извоз, без потреба од посредници. Танасовски најави и дека Царинската управа е подготвена да направи симулација за припрема на декларација од страна на физичко лице и од страна на овластените работници, со цел понатамошно олеснување и стимулирање на извозот во нашата земја.

На оваа сесија, присуствуаа и говореа и помошник директорот на Сектор за царински систем, Златко Ветеровски, Офелија Бајо, началник на Одделение за царински и даночни постапки во Царинската управа, Марина Антова, Продажен супервизор во DHL Express Macedonia, Ѓино Шкријељ, генерален директор на Фалкон Логистик и  Драги Цветковски, маркетинг директор во Македонска Пошта АД Скопје, кои преку панел дискусија ги информираа присутните за актуелните новости, поедноставените административни процедури на Царинската управа, кои се предностите на брзата испорака, како до побезбедна испорака, осигурување на пратките, како и за актуелните проекти на кои ги работат, меѓу кои е и проектот на Царинската управа со Македонска Пошта за имплементирање на броеви за следење на пратките.

Оваа сесија беше правата од серијалот информативни сесии за е-трговија кои ќе се одржуваат еднаш во месецот, а ќе имаат за цел да ги едуцираат сите засегнати страни, за сѐ што е поврзано со е-трговија, со цел зголемен раст и развој на е-трговијата во нашата земја. Мисија на Асоцијацијата е да креира иднина за раст и развој на е-трговијата во Македонија преку поддршка на компаниите заинтересирани за е-трговија, да придонесе за што поголемо знаење за можностите кои ги нуди е-трговијата, како и намалување и надминување на бариерите.