E-commerce, web development и дигитализација се клучните зборови кои секогаш одат заедно кога станува збор за развивање на бизнисот, осовременување на пазарот и адаптирање на бизнисот кон дигиталната ера во глобализацијата. Токму затоа, од особена важност е разгледувањето на повеќе различни технологии за развој на e-commerce сајтови и барање на најбрзото и најоптималното решение.
Ако идејата е уникатна, не треба да си дозволиме трошење на време со комплицирани решенија. Битно е да имаме што побрзо решение кое има многу поддржувачки алатки и активно ги среќава сите потреби на самиот бизнис. Трендовите и технологиите еволуираат постојано, па така и вашата платформа за е-бизнис треба да еволуира. Технологијата која треба да биде изберена за вашиот онлајн бизнис ги предетерминира перформансите, сигурноста и стабилноста кои се круцијални за вашата платформа.
Градење на e-commerce платформа е долг процес кој бара многу време, ресурси и поддршка од цел тим. После месеци кодирање, пишување и тестирање, се што сака еден бизнис е таа платформа да започне со работа брзо и лесно. Да биде лесно адаптабилна и автоматизирана. Да работи беспрекорно од аспект на менување и додавање производи, визуелизација и описи, алгоритми за цени и сл.
Кога почнувате со развивање на вашата онлајн платформа, добро е да имате некои спремни решенија и функционалности, и да му заштедите време на програмерскиот тим да не ги пишува сите модули од почеток. Доколку избраниот framework ви обезбедува пакети кои се веќе спремни за имплементација, ви овозможуваат додавање производи или услуги, конфигурирање на checkout-от или интеграција на порти за плаќање, вие ќе заштедите многу време и средства во развивањето на вашата онлајн продавница. Освен тоа, докажани модули кои веќе се тестирани и функционираат за многу други бизниси, може се решението кое треба да го имплементирате и вие. Како таква, Ruby on Rails е технологија на која се базираат е-commerce сајтови како Airbnb, Apple, Bloomberg, Dribble, Groupon, Hulu, Kickstarter, Zendesk, YellowPages и многу други успешни компании.
Rails Ruby on Rails е технологијата која сакаме да ја актуелизираме како една зрела технологија која има активна поддржувачка заедница и обезбедува out-of-the-box решенија кои го прават development процесот полесен и побрз.
Од таа причина, после 5 години, Rails Girls работилница повторно се враќа и во Македонија. Целта на овие работилници е да бидат влезна точка за што повеќе девојки во програмерскиот свет, дигитализацијата и развој на веб технологии. Настанот е бесплатен, а учесничките треба да имаат основно познавање од работа на компјутер и да можат да донесат лаптоп. Rails Girls Skopje 2019 ќе се одржи на 12 и 13 април во просториите на Web Factory.
За настанот, работилницата и Rails Girls како глобална иницијатива, разговаравме со организаторите Мариана Јаневска, Ивана Спасова и Михајло Штерјов.
Каква иницијатива е Rails Girls? Кажете ни нешто повеќе за настанот?
Михајло: Rails Girls е глобална непрофитна организација чија цел е да обезбеди алатки и заедница на девојки заинтересирани за програмирање и развој на нивните идеи. Сето ова, преку обезбедување на искуство во развивање на дигитални нешта и преку зголемување на достапноста на технологијата. Започната е во Финска од Linda Liukas и Karri Saarinen.
Првата работилница е одржана во Хелсинки во 2010. Веќе 9 години, се организира на преку 220 локации во светот. Навистина ни е мило бидејќи од годинава и Скопје се наоѓа на мапата на Rails Girls помеѓу Токио, Чикаго, Лондон, Луксембург, Брисел, Лос Анџелес и многу други. И ние ќе се потрудиме ова да остане така, и секоја година се повеќе да ја приближуваме технологијата и самата работилница и до девојките во Македонија.
Од каде потекна иницијативата за организирање на оваа работилница и во Скопје?
Мариана: Во 2014 јас бев ментор на првата работилница Rails Girls во Скопје. За мене беше уникатно и прекрасно искуство бидејќи тогаш бев на самите почетоци на мојата програмерска кариера и успеав да го споделам мојот ентузијазам со сите учесници. Беше микс на кодирање, учење, запознавање и забава.
Оваа година, заедно со моите колеги Ивана и Михајло, со гордост може да кажеме дека после 5 години успеавме да го вратиме пинот на Скопје, и да бидеме една од 227-те светски градови каде успешно е преземена оваа глобална иницијатива.
Која е целта на настанот и на глобалната иницијатива?
Ивана: Сметаме дека е од особена важност да се актуелизираат и организираат вакви настани и работилници бидејќи живееме во ера на дигитализација и ИТ едукацијата, дури и на базично ниво, е многу важна бидејќи претставува чекор напред во промена на размислувањата и придонесува за демократизација на технологијата како избор на професија и на женската популација. Целта на работилницата и на самата иницијатива е да вклучи што поголем број на учеснички кои успешно ќе бидат воведени во web development од менторите, ќе создаде цврста заедница за отворена соработка помеѓу сите девојки кои се заинтересирани да навлезат во светот на технологијата од страната на паметното користење, создавање, и развивање на идеи.
Последните години многу се актуелни дебати и статистики за теми како родова еднаквост. Сепак, таа родова еднаквост во развиени општества каде сите имаме еднакви права за образование треба да биде разгледана и низ призмата на ИТ едукацијата. Односно, акцентирањето на избор на глобално-конкурентни професии, континуираната доедукација, учење и пробување на нови технологии и паметното адаптирање во дигиталниот глобален свет на секоја девојка би биле прашањата на кои треба да им посветиме поголемо внимание.
Rails Girls не е обична работилница, повеќе е можност и влезна точка во програмирање и web development. Целта е да ја актуелизира технологијата, да ја направи подостапна и да ги тргне стигмите дека програмирањето е навистина тешко и невозможно. И сето ова преку изработка на апликација во Rails, бидејќи јазикот и технологијата се многу beginner-friendly, а форматот на работилницата е одличен за вовед на почетници.
Мариана: Апликантите за време на оваа работилница ќе научат основи на sketching, prototyping, базично програмирање и ќе бидат воведени во светот на технологијата. Не сакаме настанот да биде погрешно сфатен дека за еден викенд учесниците ќе станат програмери, бидејќи воопшто не е така. Меѓутоа е еден голем чекор за вовед во технологијата и сметаме дека многу од учесниците понатаму ќе продолжат да учат а ние сме тука за да им помогнеме во тоа.
Ова е одличен workshop за сите:
- кои се заинтересирани за програмирање но, не знаат од каде да почнат
- работат во IT компанија но, не од техничката страна и сакаат да комуницираат поефективно и поефикасно кога станува збор за програмирање
- сакаат да се запознаат со Rails
- потребно им е менторство за да добијат поголема самодоверба при изработка на апликација од идеја до реализација
Апликациите се отворени за сите кои се заинтересирани да помогнат како ментори, и секако за сите девојки кои сакаат да се приклучат како учесници на настанот. Настанот ќе биде на македонски и англиски јазик.
Сите кои кои имаат искуство во Web Development и сакаат да помогнат како ментори споделувајќи го ентузијазмот за програмерство, потребно е да ја пополнат следнава форма.
Доколку сакате да се пријавите како учесник, аплицирајте тука.
До сега се пристигнати над 100 апликации, потврдени се 10 ментори со големо искуство во Ruby on Rails и во Web Development и JetBrains како прв потврден спонзор.
Работилницата е закажана на 12 и 13 Април, во просториите на Web Factory LLC. За сите новости и информации следете ги Rail Girls Skopje, на друштвените мрежи: Twitter, Facebook, Instagram!