Зошто ви е неопходен извештајот за електронска трговија во Северна Македонија?

Електронската трговија се стреми да биде примарен канал за продажба на производи и услуги во светски рамки, а таа тенденција нема да ја заобиколи ниту Северна Македонија. Се повеќе класични продавници ќе отвораат електронски продавници и се повеќе бизниси својата продажба ќе ја ориентираат исклучиво кон онлајн продажбата како примарен и единствен канал за продажба. Од една страна трендовите веќе се дефинирани и го менуваат секојдневието на трговијата, додека оние кои сакаат да останат конкурентни ќе биде потребно да се прилагодат на трендовите кои ќе овозможат соодветно позиционирање на глобалниот и локалниот пазар.

Светскиот тренд не го заобиколува ниту домашниот пазар, каде од една страна постојано се зголемува бројот на компании кои носат одлука за отворање на интернет продавница, но и бројот на потрошувачи кои се одлучуваат купувањето да го извршат преку интернет што е особено позитивно за целиот сегмент. Домашните компании во претходните години беа воздржани од користењето на интернетот како канал за продажба, но се поголемиот притисок од глобалниот пазар и особено плановите за продажба на производи и услуги на странските пазари, придонесуваат забрзано да бараат начини за приклучување кон електронската трговија. Со тоа се овозможува раст на целиот сектор и простор за настап на уште поголем број на компании. 

Истражувањето ќе овозможи сите заинтересирани компании за имплементација и развој на електронската трговија да добијат целосен приказ за моменталната состојба во оваа дејност во нашата земја и соодветно на истата да ја креираат својата развојна стратегија.

Неколку значајни теми ќе се обработат во самото истражување. Најпрво ќе се анализира финансискиот обрт на електронската трговија во Северна Македонија, преку Анализа на финансиските извештаи на сите компании кои поседуваат активни веб продавници.

Понатаму, детално ќе се анализираат финансиските перформанси на онлајн продавниците, зависно од концептот на продажба, односно дали најголем дел од плаќањата се реализираат онлајн, преку веб продавница или се користи можноста за плаќање на врата.

Електронската трговија во земјава можеме да ја поделиме на електронски продавници кои продаваат исклучиво онлајн и електронски продавници кои онлајн плаќањето го нудат како дополнителен канал за продажба на веќе постоечкото портфолио на производи и услуги. Овде ќе бидат анализирани специфичноста на домашниот пазар и потребата за дефинирање на предизвиците со кои се соочуваат компаниите со продажба како на домашниот, така и на странските пазари. Преку извештајот, компаниите кои планираат проширување на продажбата на странските пазари ќе се стекнат со соодветни параметри како да ги надминат предизвиците уште пред да започнат со реалната продажба на производите односно услугите и соодветно да го искористат потенцијалот за раст преку излегување на странските пазари.

Иако домашниот онлајн пазар е сеуште во почетните стадиуми на развојот, конкуренцијата помеѓу електронските продавници значајно се зголемува, која што е дополнително интензивирана од нелојалните конкуренти чие влијание на целиот регуларниот бизнис е потребно дополнително да се дефинира.

Теми кои се опфатени во истражувањето:

  • Начини на продажба
  • Трендови на е-трговијата во С. Македонија
  • Испорака на производи
  • Маркетинг и промотивни активности
  • Пазарен интензитет и конкуренција
  • Идно проширување и иновации
  • Дефинирање на предизвиците во работењето
  • Задоволство од соработката со банките
  • Општи интернет навики на потрошувачите
  • Запознаеност со е-продавниците и потрошувачките навики на интернет
  • Моментални потрошувачки навики
  • Фактори со влијание при онлајн пазарење
  • Преферирани е-продавници од потрошувачите

За добивање на целосната слика за е-трговијата во Северна Македонија, потребно е и анализирање на однесувањето на потрошувачите, бидејќи на крајот тие се оние кои ја носат одлуката сопствените средства наместо во класични маркети да ги потрошат во е-продавниците. Во спроведеното истражување се обработени сите начини на користење, пазарење, бариери и навики на потрошувачите при онлајн купување. Од особена важност е обработката на факторите со влијание врз потрошувачите при носење на одлуката за онлајн купување, кои се обработени и по сите демографски групи, за да се дефинираат и осцилациите и разликите кои постојат кај Македонскиот потрошувач.

Истражувањето за електронска трговија во Северна Македонија во 2019 година е реализирано од Асоцијација за е-трговија на Македонија, Агенцијата за истражување и консалтинг Инсајдер ИД и Бонитетната агенција Таргет Груп. Презентацијата на дел од податоците ќе биде на втората годишна конференција за е-трговија “Бизнис раст со е-трговија”.