fbpx
+389 78 58 44 48
info@ecommerce.mk

Новости

За шест месеци потрошени 84 милиони евра онлајн, пораст од 26% во однос на истиот период лани!

Народната банка на Република Северна Македонија ги објави статистичките податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба заклучно до 30.06.2019 година. Платежните трансакции со платежни картички се поделени во три различни категории засновани врз резидентноста на обезбедувачите на платежните услуги. 

Станува збор за следниве категории:

1) домашни платежни картички кои реализирале трансакции кон домашни e-commerce трговци;

2) странски платежни картички кои реализирале трансакции кон домашни e-commerce трговци;

3) домашни платежни картички кои реализирале трансакции кон странски e-commerce трговци;

Согласно податоците за реализирани трансакции во текот на првото полугодие од 2019 година, објавени на веб страната на НБРСМ бројот и вредноста на реализирани онлајн нарачки и купувања во периодот од 01 јануари до 30 јуни покажува дека е-трговијата во земјава е во пораст споредбено со истиот период лани. Во текот на првото полугодие од 2018 година реализирани се вкупно 2.565.964 онлајн трансакции, наспроти 3.161.899 онлајн трансакции во текот на 2019 година што значи дека во текот на 2019 година се направиле 595.935 повеќе онлајн трансакции во анализираниот период, што претставува пораст од 23,2%. Од аспект на вредноста на трансакциите, исто така се забележува пораст. Во 2019 година вредноста на трансакциите реализирани на виртуелните места на продажба во првите шест месеци изнесува 84,1 милиони евра, што во споредба во 2018 година кога се реализирале 66,8 милиони евра претставува пораст за 25.9%.

Македонците се повеќе пари трошат на онлајн купување

Дека македонците во текот на 2018 година стекнуваат се повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките, може да се забележи од порастот на бројот и вредноста на трансакциите со домашни картички онлајн, кон домашни и странски онлајн трговци. Имено, во текот на првото полугодие од 2019 година македонците потрошиле вкупно 80,5 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 15,1 милиони евра (23,4%) во однос на истиот период претходната година.

Во оваа категорија, евидентно е дека поради ограничената понуда на производи и услуги кои се нудат онлајн во Македонија, поголем дел од трансакциите се насочени кон странски веб страни, односно странски онлајн продавници. Но, како позитивен аспект од анализираните податоци претставува намалувањето на зависноста од странски производи, бидејќи конкретно, 59,6% од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во Македонија се одлеале во странство, односно се реализирани кон трговци надвор од Македонија, додека 30,4% од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во Македонија. Во текот на 2018 година дури 64% од плаќањата на македонците се одлеале надвор од државата.

Странците го зголемиле бројот на трансакции направени онлајн кон македонските онлајн продавници за неверојатни 71,4%

Имателите на платежни картички издадени во странство значително го зголемиле бројот и вредноста на онлајн трансакциите. Бројот на онлајн трансакции реализирани во првото полугодие од 2019 година, во корист на виртуелни места на продажба во Македонија бележи пораст од 71,4% во однос на истиот период во текот на 2018 година. Она што е особено значајно за е-трговците од Македонија е дека во текот на првите шест месеци од тековната 2019 година реализирани се трансакции во вкупна вредност од 3,6 милиони евра, кои се влеале во Македонија на име онлајн купување од странство. 

Во Македонија заклучно со 30.06.2019 година активни се 933 витруелни ПОС уреди

Согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (веб страници за е-трговија), заклучно со 30.06.2019 година во Северна Македонија активни се 933 продажни места. Станува збор за активно регистрирани витруелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки кои во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги. Виртуелните места на продажба на крајот на месец јуни 2018 година биле 785, што значи дека за период од 12 месеци бројот на онлајн продавници се зголемил за 148 новоотворени, или за 12 нови веб продавници месечно во просек.

Виктор Стојкоски

Post a comment