Засилени активности против сивата економија во е-трговијата

Денес, во организација на Министерството за финансии и на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, се одржа работна средба на тема „Дигитална фискализација и сузбивање на даночната евазија во е-трговијата”, со цел да се помогне во собирање на релевантни информации, сознанија и мислења од сите засегнати страни за сузбивање на сивата економија во нашата земја.

На оваа работна средба присуствуваа министерката за финансии Нина Ангеловска, директорите на царинската, даночната управа и финансиската полиција – Ѓоко Танaсоски, Сања Лукаревска и Арафат Муареми, директорот на државниот пазарен инспекторат – Стојко Пауновски, директорот на Агенција за пошти – Билјана Аврамоска- Ѓореска, како и преставници на Асоцијацијата за е-трговија и претставници од бизнис секторот.

Согласно најновите податоци од Асоцијацијата за електронска трговија, обемот на плаќање со картички кај електронски продавници пораснал за 26%, односно изнесува 86 милиони евра во првото полугодие од годинава. Министерката посочи дека овие бројки покажуваат дека електронската трговија е во пораст и со решавање на сивата економија освен подобрување на приходите во државната каса, ќе се подобрат условите за работа за оние компании кои работат според законот.

Според Министерката Ангеловска, ќе следат засилени контроли кај оние субјекти кои воопшто не се регистрирани како правни субјекти и ќе се изработи акциски план во кој ќе се дефинираат сите чекори за да се испорачаат максимални резултати, за што има поддршка и од Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ).

„Процесот за нелојалната конкуренција во е-трговијата најчесто оди отприлика вака: производите влегуваат на пазарот, некој ги продава нелегално на социјални мрежи, а на другиот крај го имате купувачот кому му е испорачан производот за кој не добива фискална сметка. Ако не е задоволен од производот, поднесува жалба до Државниот пазарен инспекторат, но оттаму му велат дека не можат да постапат по Законот за заштита на потрошувачи бидејќи немаат фискална сметка. Затоа, кога зборуваме за нерегистриран правен субјект во е-трговијата, потребен ни е холистички пристап – Владата да биде партнер со бизнисот, но и самите институции да се поврзат меѓу себе. За таа цел ќе формираме работна група на оваа тема.” – рече Ангеловска.

Дел од заклучоците на денешната работна средба беа во насока на тоа дека со конкретни мерки ќе се адресира сивата економија во е-трговијата. Пример за такви мерки се скенирање на пратките и технолошко поврзување на електронските продавници со Управата за јавни приходи, со што ќе се подобри контролата во дигиталната трговија. Исто така, ќе се отвори и е-платформа на која граѓаните ќе можат да ги пријавуваат сите оние кои вршат нерегистрирана е-трговија.

Министерката за финансии напомена дека со мерките кои ќе се преземаат ќе се заштитат сите оние компании кои работат легално и плаќаат даноци и останати давачки, но ќе се заштитат и интересите на потрошувачите.