…. но пред да започнеш да ја пополнуваш апликацијата, прочитај ги сите дополнителни информации од јавниот повик подоле
1. ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, во партнерство со компанијата Visa, објавува јавен повик насловен “Е-трговија: Супермоќ за локалните бизниси” за учество во програмата за отворање на дополнителен продажен канал (е-продавница во рамки на маркетплејс) и зајакнување на вештините за е-трговија и дигитален маркетинг наменети за микро, мали и средни компании кои немаат своја е-продавница.

Идејата зад проектот е да им помогне на учесниците да го подобрат нивното онлајн присуство со цел добивање на нови клиенти и зголемена продажба, како и да им помогне за унапредување на процесите за работа во е-трговијата, преку зајакнување на нивните дигитални вештини.

2. ЦЕЛ

Цел на повикот е микро, малите и средните компании да добијат можност да отворат дополнителен продажен канал – е-продавница во рамки на локален маркетплејс, да ги унапредат процесите во своето работење и да се во тек со последните трендови во е-трговијата, преку зајакнување на нивните дигитални вештини поврзани со е-трговија и дигитален маркетинг, со што ќе им се помогне да ја зголемат својата видливост и онлајн продажби.

Со овој повик, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се вклучува во напорите за зајакнување на конкурентноста на микро, малите и средни компани и нивно мотивирање за подобрување и унапредување на нивното работење поврзано со е-трговија.

3. ОД ШТО СЕ СОСТОИ ПРОГРАМАТА?
3.1. Отворање на нов продажен канал – е-продавница

Селектираните компании ќе добијат вредносен пакет од 1.000 евра за:
– да отворат е-продавница во рамки на една од понудените маркетплејс платформи
– маркетинг промоција со цел зголемување на е-продажбите.

3.2 Едукативен практичен семинар

Одбраните кандидати ќе имаат можност да присуствуваат на еднодневен практичен семинар „Сѐ за е-трговија“ со физичко присуство, каде што ќе бидат опфатени дел од следните теми: алатки за менаџирање и одржување на е-продавница, алатки за дигитален маркетинг за е-трговија, маркетинг и рекламирање на социјалните медиуми итн. Учесниците ќе имаат можност да научат нови алатки и тактики кои ќе им помогнат во унапредување на работењето во областа на е-трговијата и зголемување на е-продажбите.

4. ВРЕМЕТРАЕЊЕ НА ПРОГРАМАТА

Изборот на компаниите кои ќе бидат дел од програмата за отворање на е-продавница ќе се одвива во март 2023 година. Едукативниот семинар ќе се одвива еднократно, во текот на месец април 2023 година. По завршување на едукативниот семинар, учесниците ќе можат да контактираат со тимот на АЕТМ и со предавачите за отворените прашања поврзани со темите опфатени на семинарот и со нивното работење.

5. КОЈ МОЖЕ ДА УЧЕСТВУВА?

Јавниот повик е отворен за сите микро, мали и средни компании кои немаат постоечка е-продавница или не се дел од онлајн маркетплејс, односно не ги продаваат своите производи/услуги онлајн, а се заинтересирани да почнат. Ќе бидат поддржани 15 компании, а едукативниот семинар ќе можат да го посетат по најмногу двајца претставници од секоја компанија.

6. ШТО ДОБИВААТ УЧЕСНИЦИТЕ?

Отворање на своја е-продавница во рамки на постоечка маркетплејс платформа во рок од една година и продавање на своите производи онлајн;

Еднодневен практичен семинар „Сѐ за е-трговија“ во Скопје (со физичко присуство) на значајни теми поврзани со водење на е-продавница, одржани од експерти во областите на е-трговија и дигитален маркетинг со долгогодишно искуство;

Сертификат за успешно завршување на програмата од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ;

7. КАКО ДА СЕ ПРИЈАВИТЕ И РОК ЗА АПЛИЦИРАЊЕ

За да се пријавите треба да ја пополните онлајн апликацијата тука, најдоцна до 15.03.2022 до 23:59 часот.

8. ВРЕДНОСТ НА ПРОГРАМАТА

Средствата потребни за програмата за отворање на дополнителен продажен канал – е-продавница во рамки на маркетплејс и унапредување на дигиталните вештини поврзани со е-трговија ги обезбедува АЕТМ, во партнерство со компанијата Visa, преку иницијативата „Поддршка на локалните бизниси со помош на е-трговија”. Пријавените компании бесплатно можат да учествуваат во програмата, но подлежат на процес на селекција и избор.

9. КРИТЕРИУМИ ЗА ЕВАЛУАЦИЈА НА УЧЕСНИЦИТЕ

Поради ограничен број на учество, ќе се прави избор на учесници кои ќе можат бесплатно да отворат своја е-продавница и да го следат едукативниот практичен семинар за зајакнување на дигиталните вештини за е-трговија и дигитален маркетинг.

Основните критериуми за учество на компаниите се следните:

Правен статус на апликантот (да е регистриран правен субјект и да е микро, мало или средно претпријатие)
Да не ги продава своите производи и/или услуги онлајн моментално (преку своја е-продавница или онлајн маркетплејс)
Да има комплетно пополнета апликација /пријава


10. ИЗБОР И ЕВАЛУАЦИЈА

Комисија составена од експерти во областа на е-трговијата ќе ги разгледува апликациите и по однапред утврдените критериуми наведени во овој јавен повик ќе ги одбере учесниците кои ќе ја следат програмата за отворање на нова е-продавница и за зајакнување на дигиталните вештини за е-трговија и дигитален маркетинг.
Со цел дополнителна поддршка на жените претприемачи и младите кои успеале да започнат сопствен бизнис, сите жени претприемачи и апликанти под 29 години ќе добијат дополнителни 5 поени.

11. РОК НА ЗАПОЧНУВАЊЕ СО УЧЕСТВО ВО ПРОЕКТОТ

Рокот за започнување со учество во проектот е веднаш по потпишувањето на договор за учество со АЕТМ преку кој учесникот ќе се обврзе за следење на бесплатните обуки за развој на дигиталните вештини и постсавување на производите на некој од локалните маркетплејс платформи.

12. ПРИВАТНОСТ

Доколку се пријавите за учество на Јавниот повик се подразбира дека ја имате дадено Вашата согласност за обработка на личните податоци за целите за кои ги доставувате. Овие податоци ги собира Асоцијацијата за е-трговија во Македонија за потребите на јавниот повик и ќе се користат токму за овие цели.

Апликантите чии апликации ќе бидат избрани ќе бидат јавно објавени на веб страницата на АЕТМ и ќе бидат контактирани на приложените е-меил адреси.
Секој пријавен апликант го задржува правото да побара бришење на податоците согласно законските норми и политиката за приватност.

МАРКЕТПЛЕЈС ПЛАТФОРМИ КАДЕ МОЖЕ ДА СЕ ОТВОРИ Е-ПРОДАВНИЦА

Среќно!