ВЕ МОЛИМЕ ПРОЧИТАЈТЕ ГИ СИТЕ ИНФОРМАЦИИ ПОДОЛУ ПРЕД ДА ЗАПОЧНЕТЕ СО ПОПОЛНУВАЊЕ НА АПЛИКАЦИЈАТА.

1. ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ
Асоцијацијата за е-трговија на С.Македонија – АЕТСМ, во партнерство со компанијата Visa, објавува јавен повик насловен “Е-трговија: Супермоќ за локалните бизниси” vol. 3 за учество во програмата за отворање на дополнителен продажен канал (е-продавница во рамки на маркетплејс или своја е-продавница со сопствено софтверско решение) и зајакнување на вештините за е-трговија и дигитален маркетинг наменети за микро, мали и средни компании кои немаат своја е-продавница. Идејата зад проектот е да им помогне на учесниците да го подобрат нивното онлајн присуство со цел добивање на нови клиенти и зголемена продажба, како и да им помогне за унапредување на процесите за работа во е-трговијата, преку зајакнување на нивните дигитални вештини.

2. ЦЕЛ
Цел на повикот е микро, малите и средните компании да добијат можност да отворат дополнителен продажен канал – е-продавница во рамки на локален маркетплејс или своја е-продавница со сопствено софтверско решение, да ги унапредат процесите во своето работење и да се во тек со последните трендови во е-трговијата, преку зајакнување на нивните дигитални вештини поврзани со е-трговија и дигитален маркетинг, со што ќе им се помогне да ја зголемат својата видливост и онлајн продажби. Со овој повик, Асоцијацијата за е-трговија на С.Македонија – AETСM се вклучува во напорите за зајакнување на конкурентноста на микро, малите и средни компани и нивно мотивирање за подобрување и унапредување на нивното работење поврзано со е-трговија.

3. ОД ШТО СЕ СОСТОИ ПРОГРАМАТА?
3.1. Поддршка за отворање на нов продажен канал – е-продавница
Селектираните компании ќе добијат вредносен пакет од 1.000 евра за:
– Да отворат своја е-продавница како дел од една од понудените маркетплејс платформи и да добијат маркетинг пакет за промоција со цел зголемување на е-продажбите или
– Да отворат своја е-продавница со сопствено софтверско решение

*Вредносниот пакет ќе се исплаќа директно на одбраните маркетплејс платформи или IT компании за отворање на е-продавницата, техничка поддршка, маркетинг активности итн.


3.2 Едукативен практичен семинар
Одбраните кандидати ќе имаат можност да присуствуваат на еднодневен практичен семинар „Сѐ за е-трговија“ со физичко присуство, каде што ќе бидат опфатени дел од следните теми:
– алатки за менаџирање и одржување на е-продавница,
– алатки за дигитален маркетинг за е-трговија,
– маркетинг и рекламирање на социјалните медиуми итн.

Учесниците ќе имаат можност да научат нови алатки и тактики кои ќе им помогнат во унапредување на работењето во областа на е-трговијата и зголемување на е-продажбите. По завршување на семинарот, учесниците ќе добијат сертификат за успешно завршување на програмата од Асоцијацијата за е-трговија на С.Македонија – АЕТСМ;

4. ВРЕМЕТРАЕЊЕ НА ПРОГРАМАТА
Изборот на компаниите кои ќе бидат дел од програмата за отворање на е-продавница ќе се одвива во месец мај 2025 година. Едукативниот семинар ќе се одвива еднократно, во текот на месец јуни 2025 година. По завршување на едукативниот семинар, учесниците ќе можат да контактираат со тимот на АЕТСМ и со предавачите за отворените прашања поврзани со темите опфатени на семинарот и со нивното работење.

5. КОЈ МОЖЕ ДА УЧЕСТВУВА?
Јавниот повик е отворен за сите микро, мали и средни компании кои немаат постоечка е-продавница или не се дел од онлајн маркетплејс, односно не ги продаваат своите производи/услуги онлајн, а се заинтересирани да почнат. Ќе бидат поддржани 20 компании, додека пак, едукативниот семинар ќе можат да го посетат по најмногу двајца претставници од секоја компанија. Апликантот треба да е регистриран правен субјект и да не бил поддржан во претходна иницијатива за отворање на е-продавница од страна на АЕТСМ.

6. ШТО ДОБИВААТ УЧЕСНИЦИТЕ?
Преку овој јавен повик, поддржаните 20 компании ќе имаат можност да добијат:
– Отворат нов, профитабилен канал за продажба
– Ја зголемат видливоста и препознатливоста на својот бренд онлајн
– Ги надградат вештините за е-трговија и дигитален маркетинг за поголем успех
– Привлечат нови клиенти и го прошират пазарот
– Го зголемат обемот на продажба и ги зголемат приходите

7. ВРЕДНОСТ НА ПРОГРАМАТА
Средствата потребни за програмата за отворање на дополнителен продажен канал – е-продавница во рамки на маркетплејс или со сопствено софтверско решение и унапредување на дигиталните вештини поврзани со е-трговија ги обезбедува АЕТСМ, во партнерство со компанијата Visa, преку иницијативата „Поддршка на локалните бизниси со помош на е-трговија” vol. 3.
Пријавените компании бесплатно учествуваат во програмата, но подлежат на процес на селекција и избор. Партнерите на програмата (ИТ компании и маркетплејс платформи) финансиски или консултантски може да придонесат во поддршката на ММСП во процесот на отворање на е-продавница.

8. КАКО ДА СЕ ПРИЈАВИТЕ И РОК ЗА АПЛИЦИРАЊЕ
За да се пријавите треба да ја пополните онлајн апликацијата тука, најдоцна до 16.05.2025 до 23:59 часот.

9. КРИТЕРИУМИ ЗА ЕВАЛУАЦИЈА НА УЧЕСНИЦИТЕ
Поради ограничен број на учество, ќе се прави избор на учесници кои ќе можат бесплатно да отворат своја е-продавница и да го следат едукативниот практичен семинар за зајакнување на дигиталните вештини за е-трговија и дигитален маркетинг. Основните критериуми за учество на компаниите се следните:
– Пријавениот кандидат да е регистриран правен субјект и да е микро, мало или средно претпријатие)
– Пријавениот кандидат да не ги продава своите производи и/или услуги онлајн моментално (преку своја е-продавница или онлајн маркетплејс)
– Пријавениот кандидат да има комплетно пополнета апликација
– Пријавениот кандидат да нема претходно обезбедена поддршка за отворање на е-продавница од страна АЕТСМ во рамки на ваков или сличен повик.

10. ИЗБОР И ЕВАЛУАЦИЈА
Комисија составена од експерти во областа на е-трговијата ќе ги разгледува апликациите и по однапред утврдените критериуми наведени во овој јавен повик ќе ги одбере учесниците кои ќе ја следат програмата за отворање на нова е-продавница и за зајакнување на дигиталните вештини за е-трговија и дигитален маркетинг. 
Со цел дополнителна поддршка на жените претприемачи и младите кои успеале да започнат сопствен бизнис, сите жени претприемачи и апликанти под 29 години ќе добијат дополнителни 5 поени.


11. РОК НА ЗАПОЧНУВАЊЕ СО УЧЕСТВО ВО ПРОЕКТОТ
Рокот за започнување со учество во проектот е веднаш по потпишувањето на договор за учество со АЕТСМ преку кој учесникот ќе се обврзе за следење на бесплатните обуки за развој на дигиталните вештини и поставување на производите во рамки на ново-изградената е-продавница или на некој од локалните маркетплејс платформи.
12. ПРИВАТНОСТ
Доколку се пријавите за учество на Јавниот повик се подразбира дека ја имате дадено Вашата согласност за обработка на личните податоци за целите за кои ги доставувате. Овие податоци ги собира Асоцијацијата за е-трговија во Северна Македонија за потребите на јавниот повик и ќе се користат токму за овие цели.  Апликантите чии апликации ќе бидат избрани ќе бидат јавно објавени на веб страницата на АЕТСМ и ќе бидат контактирани на приложените е-меил адреси. Секој пријавен апликант го задржува правото да бара бришење на податоците за законските норми и политиката за приватност.

Среќно!