1. ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, на 16.05.2022 година, во рамки на проектот „Дигитални вештини за раст” (анг. „Digital Skills for Growth”) објавува јавен повик за учество во едукативна и практична програма за зајакнување на дигиталните вештини за е-трговија и дигитален маркетинг наменети за компании од секторите за туризам, информатичка и комуникациска технологија (ИКТ) и агро-секторот.
Проектот „Дигитални вештини за раст”, кој е поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) има за цел на компаниите да им помогне при унапредување на процесите за работа во е-трговија преку зајакнување на дигиталните вештини на учесниците, да им овозможи унапредување и олеснето менаџирање на нивните е-продавници и да го подобри нивното онлајн присуство со цел добивање на нови клиенти и зголемена продажба.
2. ЦЕЛ
Цел на повикот е компаниите од овие сектори да добијат можност да ги унапредат процесите во своето работење и да се во тек со последните трендови во е-трговијата, преку зајакнување на нивните дигитални вештини поврзани со е-трговија, дигитализација и маркетинг, со што ќе им се помогне на компаниите да ја зголемат својата видливост и онлајн продажби.
Со овој повик, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се вклучува во напорите за зајакнување на конкурентноста на компаниите од овие сектори и мотивирање на е-трговците за подобрување и унапредување на нивното работење.
3. ОД ШТО СЕ СОСТОИ ПРОГРАМАТА?
3.1. Едукативни сесии
Одбраните кандидати ќе имаат можност да присуствуваат на три (3) практични едукативни сесии со физичко присуство на следните теми:
Aлатки за дигитален маркетинг за е-трговија
Mаркетинг и рекламирање на социјалните медиуми
Дигитализација на процеси и алатки за менаџирање и одржување на е-продавница
Учесниците ќе имаат можност да работатат на решенија за нивните компании преку алатките кои ќе им помогнат во унапредување на нивното работење за конкретни случаи кои произлегуваат од нивната работа.
3.2. Менторски сесии
Со цел да се олесни процесот на совладување на новите алатки за развој на капцитетите на учесниците, а преку тоа и на компаниите, ќе бидат обезбедени 2 менторски сесии по секоја едукативна сесија. На менторските сесии подетално ќе се дискутира за отворените прашања кои произлегуваат од сесиите и практичната примена на стекнатото знаење. Учесниците ќе добијат помош околу задачите кои ќе произлезат од сесиите и насоки за подобрување на бизнисите од кои доаѓаат.
3.3. Презентација на платформи за е-трговија
На крајот на програмата неколку платформи за е-трговија ќе ги претстават своите модели за работа, како и можностите и начините за соработка. Преку потенцијалната соработка со овие платформи е-трговците учесници ќе можат да ја зголемат својата достапност и видливост на пазарот, а со тоа и својата продажба и профит.
4. ВРЕМЕТРАЕЊЕ НА ПРОГРАМАТА
Секоја од едукативните сесии ќе трае по четири часови со вклучена пауза за ручек/кафе. Едукативните сесии ќе се одвиваат еднаш неделно на две недели, во текот на месец јуни и првата недела од јули 2022 година. Помеѓу едукативните сесии учесниците ќе можат да се вклучат на две онлајн менторски сесии со предавачите со времетраење од по еден час, со можност за дискусија за отворените прашања на темите на сесиите.
5. КОЈ МОЖЕ ДА УЧЕСТВУВА?
Јавниот повик е отворен за сите компании од агро-секторот, секторите за туризам и информатичка и комуникациска технологија (ИКТ) кои имаат постоечка е-продавница или се дел од онлајн маркетплејс, односно ги продаваат своите производи/услуги онлајн. Секоја компанија може да учествува со најмногу 2 учесници.
6. ШТО ДОБИВААТ УЧЕСНИЦИТЕ?
Три професионално организирани практични едукативни сесии во Скопје (со физичко присуство) на значајни теми поврзани со водење на е-продавница, одржани од експерти во областите на е-трговија и дигитален маркетинг со долгогодишно искуство;
Онлајн менторски сесии помеѓу едукативните сесии, за подетално разработување на темата на едукативна сесијата и можност да развијат конкретни решенија за нивните компании
Сертификат за успешно завршување на програмата од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ;
Networking и поврзување со претставници од екосистемот на е-трговијата;
Обезбеден оброк и кафе пауза на секоја од едукативните сесии.
7. КАКО ДА СЕ ПРИЈАВИТЕ И РОК ЗА АПЛИЦИРАЊЕ
За да се пријавите треба да ја пополните онлајн апликацијата тука, најдоцна до 31.05.2022 до 23:59 часот.
8. ЦЕНА НА ПРОГРАМАТА
Најголемиот дел од средствата потребни за организација на прогамата за унапредување на дигиталните вештини во овие три сектори ги обезбедува АЕТМ преку иницијативата „Дигитални вештини за раст”, која е поддржана од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ). Промотивната цена за следење на сите три едукативни сесии од страна на учесниците изнесува 990 денари по едукативна сесија, односно 2.970 денари по учесник за целата програма. За компаниите кои ќе обезбедат двајца учесници, предвиден е попуст на оваа цена.
9. КРИТЕРИУМИ ЗА ЕВАЛУАЦИЈА НА УЧЕСНИЦИТЕ
Поради ограничен број на учество, ќе се прави избор на учесници кои ќе можат да ги следат едукативните сесии за зајакнување на дигиталните вештини за е-трговија и дигитален маркетинг по промотивна цена. Критериумите за избор на учесниците се следните:
Комплетност при пополнување на апликацијата
Правен статус на апликантот (да е регистриран правен субјект)
Да ги продава своите производи и/или услуги онлајн (преку своја е-продавница или онлајн маркетплејс)
Да припаѓа на еден од секторите за туризам, информатичка и комуникациска технологија или агро-секторот
10. ИЗБОР И ЕВАЛУАЦИЈА
Комисија составена од експерти во областа на е-трговијата ќе ги разгледува апликациите и по однапред утврдените критериуми наведени во овој јавен повик ќе ги одбере учесниците кои ќе ја следат програмата за зајакнување на дигиталните вештини за е-трговија и дигитален маркетинг по промотивна цена. Евалуацијата ќе се прави по принцип “прв дојден – прв услужен” се до финално постигнување на вкупната бројка на максимум учесници на програмата.
Апликантите чии апликации ќе бидат избрани ќе бидат јавно објавени на веб страницата на АЕТМ и ќе бидат контактирани на приложените е-меил адреси.