pazar3

News from e-commerce

Pazar3.mk: Најголемата македонска платформа за огласи што го редефинира локалниот пазар

Во 2006 година, кога само околу 30% од територијата на Македонија имаше пристап до интернет, се појави првата домашна платформа за бесплатни огласи – Pazar3.mk. Денес, речиси две децении подоцна, оваа платформа е еден од најпосетуваните сајтови во земјата, со околу 50.000 дневни посети од 40.000 корисници, и постојано проширување на своето присуство на регионалниот пазар.

Од скромен почеток до една од најпосетуваните платформи во земјата

Pazar3.mk започна како платформа за бесплатни огласи, но веќе во 2009 година воведе наплата за одредени услуги, при што го постави стандардот за ваков тип дигитален сервис во земјата. Со текот на годините, успеа да се етаблира како една од платформите со најголема доверба кај граѓаните, благодарение на лесната регистрација и објава на огласи, можноста за автоматско обновување на огласите, корисничка поддршка и чет функција и постојано воведување на нови опции за промоција и споделување. Категории кои што се најпосетувани и најпребарувани на оваа платформа се:

  • Автомобили
  • Недвижности
  • Бела техника
  • Мобилни телефони
  • Мебел
  • Услуги и работа

Сите овие категории бележат континуиран интерес, и голем број од огласите се споделуваат и на социјалните медиуми, благодарение на новите промотивни опции.

Следење на нови трендови

Во последниве години, Pazar3.mk доживеа дигитална трансформација – од неодамна лансираше мобилни апликации за iOS и Android, со над 195.000 преземања. 83% од посетите на нивната платформа доаѓаат од мобилни уреди, што ја потврдува адаптацијата кон новите навики на корисниците. Воведени се напредни опции како subscription модел за бизниси, recurring payments, и card-on-file за компании кои постојано објавуваат огласи. Нудат и опција за карго достава на дел од пратките. Дополнително, во pazar3.mk забележуваат значаен раст од 25% во периодот 2023–2025 на онлајн плаќања за огласи со картички, што укажува на пораст и довербата во оваа домашна платформа и зголемените дигитални вештини на населението.

Од домашна платформа до регионален играч 

Pazar3.mk денес успешно функционира и на неколку други пазари во регионот и тоа во Србија, Албанија, Косово, Црна Гора (каде што моментално се работи на ребрендирање) и дури и во Авганистан, што ја прави оваа македонска приказна уште поинспиративна. Огласите од Македонија можат лесно да се споделат и во пазарите во Албанија и Косово, овозможувајќи им на корисниците поширока изложеност и побрза продажба.

“Во рамки на нашето регионално присуство, покрај пазарот во Македонија, успешно оперираме и во Албанија (www.merrjep.al) и Косово (www.merrjep.com). Во Албанија бележиме околу 50.000 сесии и 35.000 уникатни корисници дневно, со над 30.000 нови огласи секој ден. Во Косово, нашата платформа е исто така силно позиционирана – со 40.000 сесии и 30.000 корисници дневно, како и над 15.000 нови огласи дневно. Како сервис провајдер, не се соочуваме со клучниот предизвик на меѓународната е-трговија поврзан со достава на производи, но постојат други фактори кои бараат постојано прилагодување – од усогласување со локалните регулативи и разбирање на пазарните навики, до оптимизација на маркетинг стратегиите за секој пазар поединечно. Секој пазар има свои особености и предизвици, како што се адаптацијата на платформата на локалниот јазик, културните разлики и конкурентната динамика, кои бараат внимателен и фокусиран пристап.“ – вели Ајлин Шеали, оперативна менаџерка на pazar3.mk. 

Поглед напред

Со значителното зголемување на бројот на активни корисници, особено кај делот на физички лица, Pazar3.mk ја потврдува својата позиција како една од најпопуларните веб платформи во Македонија. Но, уште поважно – покажува како една домашна иницијатива може да прерасне во регионален бренд што одговара на потребите на илјадници корисници секој ден. Покрај успехот со Pazar3.mk, под истата визија, ќе започне со работа и уште еден бренд на оваа компанија – Bonbona.mk – онлајн продавница посветена на облека со уникатен стил.

Зошто Pazar3.mk е важен за македонскиот пазар?

Pazar3.mk одамна не е само веб-страница за огласи, туку веб платформа која активно учествува во дигитализацијата на трговијата во Македонија. Таа овозможува лесен пристап до купување и продавање на половни и нови производи, директно меѓу граѓаните, без потреба од посредници, што ја прави особено важна алатка за микро и индивидуални економски активности. Преку поддршка на циркуларната економија, локалната размена, и понуди на услуги, недвижности и работа, Pazar3.mk ја збогатува понудата на македонската е-трговија со модел што не е класичен онлајн шоп, туку флексибилен, достапен и ориентиран кон секојдневните потреби на корисниците.

Со воведувањето на мобилни апликации, онлајн плаќања, subscription модел и достава, платформата покажува зрелост и подготвеност да се прилагоди на новите трендови во е-трговијата – и со тоа станува мост помеѓу традиционалното огласување и современите дигитални трговски практики. Со својат доверба кај корисниците и континуиран раст, Pazar3.mk останува еден од клучните чинители во развојот на македонската е-трговија.

Related content