
Во рамки на интервју серијалот „Луѓето зад е-трговијата“, АЕТМ ги става во фокус луѓето и тимовите кои секојдневно придонесуваат за развојот на е-трговијата во Македонија – преку нивните искуства, предизвици, успеси и перспективи.
Во ова издание разговараме со Кирил Роглев, Founder & CEO на BioShop, за неговиот професионален пат, клучните промени што ги забележува во индустријата и начинот на кој се справува со современите бизнис предизвици во е-трговијата.
1. Како ја оценувате моменталната состојба на е-трговијата во Македонија и кои се најголемите можности за нејзин понатамошен развој?
Е-трговијата во Македонија веќе не е алтернативен канал, туку станува нормален дел од секојдневието. Купувачите се сè поинформирани, имаат поголема доверба во онлајн плаќањата и очекуваат брза, едноставна и транспарентна услуга.
Најголемата можност ја гледам во професионализацијата на целото искуство: подобри веб-продавници, точни информации за производите, брза и професионална достава, лесни рекламации и квалитетна корисничка поддршка, кои водат кон поголема доверба кон домашните е-трговци. Македонија е мал пазар, но токму затоа компаниите што ќе изградат доверба, силен бренд и добра услуга можат многу брзо да се издвојат.
За нас во Bioshop, онлајн продажбата не е само продажен канал и извор на промет. Таа е начин подобро да го разбереме купувачот, да му понудиме содржина, совет, рутина и производ што навистина му одговара и го прави задоволен, а воедно да ги научиме навиките и желбите на купувачите, што понатаму ни помага во кроењето на нашата стратегија на развој.
2. Која е најголемата промена што ја забележавте во вашата индустрија во последните 5 години и како таа влијаеше врз вашиот бизнис?
Најголемата промена е тоа што купувачот денес е далеку поинформиран и поедуциран, дигитално „пописмен“. Пред да донесе одлука, споредува, чита состав, бара препораки, гледа видеа, проверува рецензии и очекува јасен и транспарентен одговор веднаш.
Во индустријата за природна козметика, органска храна и wellness производи, тоа е особено важно. Луѓето не купуваат само цена или амбалажа, туку бараат вредност, доверба, квалитет и нешто што ќе го одликува нивниот начин на живот. Тоа нè натера како компанија уште повеќе да вложуваме во едукација, содржина, подобра презентација на производите и подобра комуникација со купувачите.
Денес не е доволно само да имаш добар производ. Треба да знаеш јасно да објасниш зошто тој производ е добар, за кого е наменет и како правилно се користи.
3. Која лекција во бизнисот ја научивте на потежок начин, а би сакале некој да ви ја кажеше порано?
Една од најважните лекции е дека растот мора да биде следен со систем. Кога бизнисот расте брзо, лесно е фокусот да биде само на нови брендови, нови производи, нови пазари и нови можности. Но, ако паралелно не се градат процеси, тим, финансиска дисциплина, контрола на залихи и јасна организација, растот може да стане товар наместо предност.
Би сакал некој порано да ми кажеше дека понекогаш најдобрата деловна одлука не е да кажеш „да“ на секоја укажана можност, туку да знаеш кога да забавиш, да поставиш подобар систем и потоа да продолжиш посилно.
Во бизнисот ентузијазмот е многу важен, но долгорочно победува комбинацијата од визија, дисциплина и конзистентност.
4. Кој момент или постигнување од развојот на вашата компанија/кариера би го издвоиле како најзначаен?
Како најзначајно би го издвоил тоа што од идеја и мал семеен бизнис прераснавме во препознатлив бренд и платформа за природна козметика, органска храна и здрав начин на живот, кој е препознаен кај многумина на македонскиот пазар.
За мене најголемото постигнување не е само бројот на производи или брендови, туку довербата што ја изградивме кај купувачите. Кога некој ќе каже „ова го земав од Bioshop затоа што знам дека е внимателно избрано“, тоа е најголема потврда дека сме на вистинскиот пат.
Најмногу сум горд на тимот, бидејќи зад секој производ, секоја нарачка и секоја препорака стојат луѓе што секојдневно работат со многу труд, внимание и посветеност.
5. Според вас, кои се најголемите предизвици со кои се соочува е-трговијата денес и што сметате дека треба да се промени или подобри за да бележи уште побрз раст?
Најголемите предизвици се довербата, логистиката/доставата, нелојалната конкуренција и квалитетот на корисничкото искуство. Сè уште има купувачи кои се скептични кон онлајн плаќањата, сè уште има премногу проблеми и предизвици со доставата, многу често рекламациите не се лесни како што се очекува да бидат, пазарот губи голема енергија борејќи се со нелојалната конкуренција и сивата економија, а дел трговците имаат големи проблеми со точноста на залихите и транспарентноста при своите објави.
За побрз раст потребно е уште повеќе да се работи на доверба: верификувани е-трговци, јасни правила, брза и фер постапка за рекламации, подобра институционална заштита на купувачите, но и на легалните трговци, како и поголема едукација. Истовремено, домашните е-трговци мора да понудат искуство, кое може да конкурира дури и со странските платформи, не секогаш со најниска цена, туку со квалитет, сигурност, брзина, локална поддршка и вистинска грижа за купувачот.
Онлајн искуството не завршува со кликот на „купи“. Вистинското искуство почнува потоа, односно дали информацијата е точна, дали доставата е брза и професионална, дали производот е добро спакуван и согласно описот и карактеристиките на веб-страницата и можеби најважно од сè, дали купувачот ќе се врати повторно.
6. Како вештачката интелигенција веќе влијае врз вашиот бизнис и на кои полиња гледате најголем потенцијал за нејзина примена во иднина?
Вештачката интелигенција веќе влијае врз начинот на кој работиме, особено во подготовката на содржините (copywriting), анализата на податоците, маркетингот, преводите, описот на производите, како и подоброто разбирање на потребите на купувачите.
Кај нас најголем потенцијал гледам во персонализацијата. Во нашата индустрија купувачите често бараат совет: која рутина е соодветна за нивната кожа, кој производ е подобар за одредена потреба и/или проблем, што да изберат ако имаат чувствителност, алергија или специфичен начин на исхрана. ВИ може многу да помогне во тоа процесот да биде побрз, попрецизен и покорисен.
Но, верувам дека ВИ треба да биде поддршка, а не замена за човечката експертиза. Во производите поврзани со здравје, убавина и благосостојба, довербата и човечкиот пристап остануваат незаменливи.
7. Каде ја гледате македонската е-трговија во следните три години и кои трендови очекувате најмногу да го обликуваат пазарот?
Во следните три години очекувам македонската е-трговија да стане уште позрела, поконкурентна и многу повеќе ориентирана кон квалитет на услуга. Ќе има помалку импровизација, а повеќе сериозни компании кои ќе инвестираат во технологија, логистика, податоци, корисничко искуство и бренд.
Најсилни трендови ќе бидат AI-персонализацијата, social commerce, мобилното купување, автоматизацијата, побрзата достава и поврзувањето на онлајнот со физичките канали. Купувачот повеќе нема да прави голема разлика меѓу продавница, Instagram, веб-страница или marketplace. Тој ќе очекува едно исто, добро и конзистентно искуство насекаде.
Мислам дека најуспешни ќе бидат компаниите што ќе знаат да комбинираат технологија со доверба. Брзината е важна, но довербата е она што го враќа купувачот повторно.
8. Каков е вашиот впечаток од членството во АЕТМ и кои бенефити ви донеле најголема вредност? Што би им препорачале на компаниите кои сè уште не се дел од АЕТМ?
Мојот впечаток од АЕТМ е многу позитивен. За нас членството не е само формалност, туку можност да бидеме дел од заедница која активно работи на развој на е-трговијата во Македонија.
Најголема вредност гледам во едукацијата, размената на искуства, пристапот до релевантни информации, настаните, анализите и можноста да се слушнат реални предизвици од други компании. АЕТМ има важна улога затоа што ги поврзува е-трговците, институциите, банките, логистичките компании и сите други делови од екосистемот.
На компаниите кои сè уште не се дел од АЕТМ би им препорачал да се приклучат. Ако сериозно гледаат на е-трговијата, членството носи знаење, видливост, поддршка и чувство дека не си сам во процесот на развој. Колку повеќе компании се вклучени, толку побрзо ќе расте целиот пазар.