
Во рамки на интервју серијалот „Луѓето зад е-трговијата“, АЕТМ ги става во фокус луѓето и тимовите кои секојдневно придонесуваат за развојот на е-трговијата во Македонија – преку нивните искуства, предизвици, успеси и перспективи.
Во ова издание разговараме со Видое Стојковски, Генерален менаџер на The Chesterfield Brand за градењето на премиум бренд на пазар каде цената често е главниот фактор при купување, значењето на препораките и повторните купувања и за градење на успех со доследност, внимание на деталите и искуство поради кое клиентот сака повторно да се врати.
Како ја оценувате моменталната состојба на е-трговијата во Македонија и кои се најголемите можности за нејзин понатамошен развој?
Евидентно е дека македонската е-трговија направи огромен чекор напред во последните години бидејќи денес веќе не разговараме за тоа дали луѓето ќе купуваат онлајн, туку од кого ќе купуваат.
Според мене, следната фаза на развој нема да ја одредува технологијата, туку довербата. Верувам дека најголемата можност за македонските компании е да престанат да ја гледаат е-трговијата само како продажен канал туку да почнат да ја градат како целосно корисничко искуство. Веб-продавница денес може да отвори секој, но бренд на кој клиентите ќе му веруваат, ќе му се вратат и ќе го препорачаат, се гради многу потешко.
Која лекција во бизнисот ја научивте на потежок начин?
Една од најважните лекции што ја научив е дека кај премиум брендовите вистинското позиционирање на пазарот се гради преку доследност, посветеност кон клиентите и внимание на секој детал, а не преку агресивни попусти и краткорочни кампањи.
The Chesterfield Brand е премиум бренд и како таков наша цел не е да се натпреваруваме со цени, туку да го донесеме купувачкото искуство и задоволството на клиентот на врвно ниво. Тоа започнува од првиот впечаток, продолжува и се надоградува во текот на целото шопинг искуство и завршува оној момент кога клиентот ќе биде задоволен и среќен со својот избор.
Кој момент или постигнување би го издвоиле како најзначаен?
За мене, најголемиот успех не е поврзан со еден момент или бројка.
Најголемо постигнување го сметам тоа што постојано сме сведоци на клиенти кои ни доаѓаат по препорака од задоволни купувачи… а особено ни е драго и дека истите тие купувачите ни се враќаат повторно, што е потврда дека во Македонија публиката препознава квалитет и е подготвена да инвестира во производ што нуди вистинска вредност.
Лично за мене, ова е доказ дека за релативно кратко време, со премиум бренд каков што е The Chesterfield Brand успеавме да изградиме доверба и препознатливост на еден специфичен пазар како македонскиот каде што цената многу често е главниот и одлучувачки фактор при носење одлука за купување.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочува е-трговијата денес?
Дефинитивно за македонската е-трговија најголемиот предизвик е довербата.
Предизвик не е да го донесеш купувачот на твојот веб сајт или социјални медиуми и да му го претставиш твојот производ. Има безброј нерегистрирани онлајн продавници кои можат да го направат истото со платена реклама – а потоа клиентот да доживее катастрофално онлајн искуство кое ќе ја разниша неговата доверба во онлајн купувањето.
Вистинскиот предизвик е како тој посетител да добие чувство на сигурност и доверба во вас и вашиот бренд.
Каде ја гледате македонската е-трговија во следните три години?
Верувам дека во следните неколку години ќе видиме многу поголема професионализација на пазарот. Ќе се инвестира повеќе во корисничкото искуство, персонализацијата и градењето долгорочни односи со клиентите.
Според мене, иднината нема да ја одредува тоа кој има најдобра технологија, затоа што таа ќе биде лесно достапна за сите. Разликата ќе ја прават довербата, јасната приказна на брендот и способноста да создадете искуство поради кое клиентот ќе сака повторно да се врати.
Каков е вашиот впечаток од членството во АЕТМ?
За мене, најголемата вредност на АЕТМ е што активно работи на едукација и развој на целиот екосистем на е-трговијата во Македонија.
Од една страна, преку своите активности придонесува за информираност и едукација на потрошувачите. Од друга страна, создава заедница во која компаниите можат да се поврзат и со размена на искуства и практики заеднички да придонесуваат за развојот на индустријата.
Верувам дека силен пазар не се гради така што секој ќе работи само за себе, туку кога сите заедно ги подигнуваме стандардите. Колку повеќе професионални компании има на пазарот, толку поголема доверба ќе имаат потрошувачите и толку побрзо ќе се развива е-трговијата во Македонија. Затоа ја сметам улогата на АЕТМ е исклучително важна и би охрабрил што повеќе компании да се приклучат и активно да придонесуваат кон оваа заедничка цел.