
Во рамки на интервју серијалот „Луѓето зад е-трговијата“, АЕТМ ги става во фокус луѓето и тимовите кои секојдневно придонесуваат за развојот на е-трговијата во Македонија – преку нивните искуства, предизвици, успеси и перспективи.
Во ова издание разговараме со Клаудија Николовски, основач на Mama Drama, за патот на градење бренд кој не се темели само на производи, туку и на приказна, вредности и заедница. Разговараме за тоа како се менува однесувањето на онлајн купувачите, зошто автентичноста станува клучна за современите брендови, кои се најголемите предизвици за малите и средни компании во е-трговијата, како и за улогата на технологијата и AI во иднината на онлајн продажбата.
Како ја оценувате моменталната состојба на е-трговијата во Македонија и кои се најголемите можности за нејзин понатамошен развој?
Е-трговијата во Македонија е во значителен подем и денес гледаме многу поголема доверба кај потрошувачите во споредба со пред неколку години. Особено порасна свеста дека и домашните брендови можат да понудат квалитетно, професионално и безбедно онлајн купувачко искуство.
Една од најголемите можности за понатамошен развој е дигитализацијата на малите и средни компании. Сметам дека секој бизнис, покрај своето физичко присуство, треба да биде присутен и онлајн. Тоа повеќе не е предност, туку неопходност за раст и конкурентност на пазарот.
Втората важна област е логистиката. Испораката сè уште претставува предизвик и верувам дека има простор за значително подобрување. Побрза, посигурна и поефикасна достава директно влијае врз задоволството на купувачите и нивната доверба во е-трговијата.
Третата голема можност ја гледам во извозот и освојувањето на нови пазари надвор од нашите граници. Македонските брендови имаат огромен потенцијал и не треба да се ограничуваат само на домашниот пазар. Со правилна стратегија, постепен развој и квалитетен производ, тие можат успешно да продаваат и да се позиционираат на регионални и светски пазари.
Која е најголемата промена што ја забележавте во вашата индустрија во последните 5 години и како таа влијаеше врз вашиот бизнис?
Позитивната промена што ја забележав во последните неколку години, а кон која и се стремев од првиот ден, е тоа што купувачите денес не купуваат само производ, туку препознаваат приказна, вредности и искуство.
Во модната индустрија автентичноста стана подеднакво важна како и самиот производ. Луѓето сакаат да знаат кој стои зад брендот, како се создава производот и кои вредности ги застапува компанијата од која купуваат.
За нас, како бренд, тоа беше голема можност да изградиме заедница околу Mama Drama и да создадеме нешто повеќе од обична продажба на облека. Од самиот почеток целта ни беше да изградиме искрен и препознатлив бренд со кој луѓето ќе се поврзуваат. Денес, чекор по чекор, создаваме емоционална поврзаност и доверба со нашите купувачи, а токму тоа го сметам за една од најголемите вредности што еден бренд може да ги има.

Која лекција во бизнисот ја научивте на потежок начин, а би сакале некој да ви ја кажеше порано?
Една од најважните лекции што ја научив во бизнисот е дека растот не треба да се брка по секоја цена и по секоја брзина. Секако дека секој претприемач посакува побрз раст, но уште поважно е тој раст да биде стабилен, одржлив и компанијата да биде подготвена за сите предизвици што доаѓаат со него.
Исто така, многу важна лекција е внимателно да ги избирате луѓето со кои работите и верувајте на инстиктот кога е важно да излезете од некоја соработка. Добриот тим, вистинските партнери и заедничките вредности се основа за секој успешен бизнис. Погрешните избори ве чинат многу време, енергија и ресурси.
Во почетоците мислев дека успехот значи постојано да воведуваш нови производи, нови идеи и нови проекти. Со текот на времето сфатив дека најголемата вредност често се крие во фокусот, конзистентноста и квалитетот. Подобро е да направите неколку работи навистина одлично, отколку многу работи просечно.
Денес верувам дека долгорочниот успех не се гради преку брза експанзија, туку преку стабилен раст, цврсти темели, вистински луѓе околу вас и доследност во она што го правите.
Кој момент или постигнување од развојот на вашата компанија/кариера би го издвоиле како најзначаен?
Мислам дека најзначајниот момент се одвива моментално, за кој би можела да раскажам во некој нареден период. Прифативме промени кон не’ носат кон подобро и за дел од нив, АЕТМ играат голема улога на која сме благодарни.
Според вас, кои се најголемите предизвици со кои се соочува е-трговијата денес и што сметате дека треба да се промени или подобри за да бележи уште побрз раст?
Конкуренцијата во е-трговијата е сè поголема, а вниманието на потрошувачите сè пократко. Денес не е доволно само да имате веб-продавница. Купувачите очекуваат брзо, едноставно и пријатно корисничко искуство, квалитетна комуникација и сигурна испорака.
Според мене, еден од најголемите предизвици сè уште е логистиката. Иако има напредок, има простор за подобрување во брзината, флексибилноста и квалитетот на доставата, што директно влијае врз задоволството на купувачите.
Дополнително, потребна е поголема едукација и поддршка за малите и средни компании кои сакаат да влезат во светот на е-трговијата. Многу добри производи и брендови сè уште не го користат целосно потенцијалот на онлајн продажбата.
Исто така, сметам дека треба повеќе да се работи на поддршка на домашните брендови за излез на странски пазари. Македонските компании имаат квалитет, креативност и потенцијал да бидат конкурентни и надвор од нашите граници, а токму е-трговијата е една од најголемите можности за тоа.

Како вештачката интелигенција (AI) веќе влијае врз вашиот бизнис и на кои полиња гледате најголем потенцијал за нејзина примена во иднина?
AI веќе ни помага во креирање содржини, маркетинг активности, анализа на податоци и оптимизација на одредени процеси, што ни овозможува да работиме побрзо, поефикасно и да носиме подобри одлуки.
За мал бренд како Mama Drama, AI претставува одлична можност бидејќи ни помага да заштедиме време и ресурси, а истовремено да го задржиме фокусот на креативноста, развојот на производите и комуникацијата со клиентите.
Во иднина гледам најголем потенцијал во персонализацијата на понудите и содржините, подоброто разбирање на потребите и навиките на купувачите, како и во автоматизацијата на дел од комуникацијата и корисничката поддршка. Верувам дека AI нема да ја замени човечката креативност и автентичност, но ќе биде моќна алатка која ќе им помогне на компаниите да бидат поефикасни и поконкурентни.
Каде ја гледате македонската е-трговија во следните три години и кои трендови очекувате најмногу да го обликуваат пазарот?
Очекувам македонската е-трговија да продолжи со уште поголем раст. Ќе гледаме сѐ повеќе брендови кои ќе продаваат надвор од државата, поголема персонализација преку AI и уште посилна улога на социјалните мрежи во процесот на купување. Купувањето ќе стане побрзо, поедноставно и поинтегрирано со платформите кои луѓето секојдневно ги користат.
Каков е вашиот впечаток од членството во АЕТМ и кои бенефити ви донеле најголема вредност? Што би им препорачале на компаниите кои сè уште не се дел од АЕТМ?
Најголема вредност за нас е чувството дека не сме сами на овој пат. Преку АЕТМ имаме можност да учиме од искуствата на други компании, да ги следиме најновите трендови и да бидеме дел од заедница која искрено работи на унапредување на е-трговијата во Македонија.
На компаниите кои сè уште не се дел од АЕТМ би им препорачала да се приклучат уште денес. Без разлика дали сте на самиот почеток или веќе имате изграден бренд, секогаш има нешто ново да се научи. Ние во Mama Drama веруваме дека најубавите приказни се создаваат кога луѓето се поддржуваат меѓусебно, а токму тоа го добивате кога сте дел од една ваква заедница – знаење, поддршка, нови идеи и мотив да продолжите да растете.