News from e-commerce

[Луѓето зад е-трговијата] Јасмина Апостолоска, Cosmo: Иднината на е-трговијата ќе им припадне на компаниите што инвестираат во технологија, податоци и лојалност

Во рамки на интервју серијалот „Луѓето зад е-трговијата“, АЕТМ ги става во фокус луѓето и тимовите кои секојдневно придонесуваат за развојот на е-трговијата во Македонија – преку нивните искуства, предизвици, успеси и перспективи.

Во ова издание разговараме со Јасмина Апостолоска, Cosmo, за променливите навики и очекувања на онлајн купувачите, важноста на квалитетното и персонализирано корисничко искуство и зошто оперативната подготвеност е подеднакво важна како и добриот производ.

Со Јасмина зборуваме и за предизвиците со плаќањата и доставата, влијанието на нерегистрираните продавачи врз довербата во е-трговијата, но и за иднината на пазарот – од quick commerce и loyalty програми до social commerce и AI shopping асистенти.

Како ја оценувате моменталната состојба на е-трговијата во Македонија и кои се најголемите можности за нејзин понатамошен развој?

Јасмина: Е-трговијата во Македонија е дефинитивно во побрз развој од кога и да е и станува дел од секојдневието, особено кај помладите генерации. Сепак, сметам дека можности за подобрување има уште многу, со оглед на тоа што новитетите во технологијата се случуваат речиси на дневно ниво и потребна е подготвеност да се следат овие трендови. Компаниите кои инвестираат во технологија, квалитетна база на податоци, како и програми со кои се наградува лојалноста на корисниците, ќе бидат оние кои ќе се позиционираат како лидери на пазарот.

Која е најголемата промена што ја забележавте во вашата индустрија во последните 5 години и како таа влијаеше врз вашиот бизнис?

Јасмина: Ова прашање го одговарам како некој кој работел во неколку различни онлајн бизниси низ годините. Она што можам да го забележам е дека купувачките навики значително се менуваат, купувачите повеќе од кога и да е се во потрга по квалитетно купувачко искуство и производи и услуги прилагодени на нивните преференци. Истите купувачи многу често се преплавени со понуда на производи кои не им се во интерес, па токму затоа исклучително важно е компаниите правилно да ги таргетираат и да одговорат на нивните потребни во моментот кога тие се актуелни.

Која лекција во бизнисот ја научивте на потежок начин, а би сакале некој да ви ја кажеше порано?

Јасмина: Важноста на подготовката и оперативните системи се клучни за е-трговијата. Можете да го имате најдобриот и најквалитетниот производ, но доколку вашата е-продавница не е лесна за навигација, доколку корисникот не може лесно да го најде она што го бара, или пак има проблем во моментот на наплата, тогаш многу лесно тој ќе се откаже од купување.

Според вас, кои се најголемите предизвици со кои се соочува е-трговијата денес и што сметате дека треба да се промени или подобри за да бележи уште побрз раст?

Јасмина: Плаќањето при достава и недовербата на купувачите за онлајн плаќања е нешто на што треба сè уште да се работи. Во Македонија, методот за плаќање при достава е се уште неизбежен доколку трговецот сака да го зголеми бројот на нарачки. Целиот овој процес освен што е комплициран за трговците, го зголемува и бројот на откажани, односно неподигнати нарачки за кои доставата паѓа повторно на товар на трговецот.

Дополнително, состојбата со компаниите за достава иако подобрена, треба да достигне уште повисоко ниво во однос на брзината и професионалноста. И секако, постоењето на нерегистрираните трговци кои продаваат преку пораки на социјалните мрежи или слични канали, таканаречената “сива зона во е-трговијата” е хендикеп за компаниите кои продаваат преку официјални канали и дополнително ја зголемува недовербата кај купувачите за сите е-трговци, бидејќи секој од нас знае барем по еден случај на измама или незадоволен купувач преку ваквите продажби во инбокс.

Како вештачката интелигенција (AI) веќе влијае врз вашиот бизнис и на кои полиња гледате најголем потенцијал за нејзина примена во иднина?

Јасмина: Вештачката интелегенција влијае врз секој бизнис, а јас сум од оние кои сметаат дека со нејзиното користење компаниите можат многу да постигнат, под услов тоа да е правилно, планирано и со јасна цел. Кај е-трговијата, особено интересни се моделите за вештачка интелегенција како што се Шопинг асистентите налик Sparky на Wallmart, кадешто обичното пребарување со клучни зборови е заменето со целосна клиентска услуга, интегрирање на продукт каталози од платформите како Shopify, Etsy и др; во ChatGPT и Claude, оптимизирање на процесите за креација и одржување на платформите за е-продажба, автоматизација на извештаи и форкастинг за нарачки на производи за продажба, како и значително влијание во креативниот сегмент – маркетинг, реклами и креирање на содржини.

Каде ја гледате македонската е-трговија во следните три години и кои трендови очекувате најмногу да го обликуваат пазарот?

Јасмина: Е-трговијата дефинитивно се движи кон quick commerce, каде купувачот за многу брзо време ќе може да ги добие нарачните производи, за половина час па и пократко, без разлика за каков вид на производи станува збор. Како што спомнав и претходно, сé поважно ќе стане купувачите да бидат дел од лојални програми кои ќе го наградуваат секое нивно купување и преку кои ќе им се нудат персонализирани понуди. 

Она што исто така сметам дека ќе биде присутно на пазарот е развојот на social commerce, регулирана продажба преку социјални платформи како Мета, Тик Ток итн. каде купувањето се случува веднаш додека купувачот гледа одреден производ на објава, реклама или каталог.

Каков е вашиот впечаток од членството во АЕТМ и кои бенефити ви донеле најголема вредност? Што би им препорачале на компаниите кои сè уште не се дел од АЕТМ?

Јасмина: АЕТМ e одлично место каде што и новите, и искусните е-трговци може да разменат искуства, да научат многу нови вештини, да посетат интернационални настани поврзани со е-трговија и да остварат меѓусебна соработка. Членството во АЕТМ навистина вреди и го препорачувам за компаниите кои работат со е-трговија, а се уште не се членки. 

Related content

Асоцијација за е-трговија на Македонија
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.