News from e-commerce

Интервју со Славчо Таушанов, Евроинс Осигурување: Во ерата на AI победникот ќе го одреди брзината на учење, а не големината на буџетот

Новиот оперативен директор на Евроинс, г-дин Славчо Таушанов, носи искуство во меѓународен бизнис развој и дигитална трансформација на осигурување. Во ова интервју ги споделува стратешките планови на компанијата, посебно оние поврзани за дигитализацијата на процесите која ќе биде клучен фокус на идниот развој на Евроинс Оигурување.

1. Дојдовте на позицијата COO во период на брзи промени. Како ја гледате улогата на оперативниот менаџмент во трансформацијата на Евроинс Осигурување АД Скопје?

Кога дојдов во Евроинс, видов компанија со одлична основа, која во континуитет остварува позитивни финансиски резултати, но и со голем потенцијал за напредок. Мој приоритет беше да ги идентификуваме местата каде можеме да бидеме значително побрзи, поефикасни и поблиску до клиентите и веднаш да почнеме да работиме на тоа, не само да планираме.

Во моментов работиме паралелно на неколку трансформациски проекти. Развиваме Eurora, наш in-house, web-базиран систем за продажба на осигурување со напреден CRM модул, кој ќе го промени начинот на кој нашите тимови работат со клиентите. Воведуваме дигитална архива интегрирана со BPM систем во процесот на штети, со цел значително побрза обработка и realtime увид за клиентите. Постепено ги мигрираме и финансиските и сметководствените процеси кон Microsoft Dynamics 365 Business Central. Тоа не се изолирани проекти, тоа е една конзистентна визија за компанијата каква сакаме да бидеме.

2. Евроинс неодамна стана член на Асоцијација за е-трговија на Македонија (АЕТМ). Зошто и колку е важно осигурителните компании да бидат дел од дигитални екосистеми?

Одлуката беше природна, не протоколарна. Осигурувањето веќе не е производ кое клиентот го бара само кога му е потребно, тоа станува интегриран дел од секојдневното дигитално искуство: при online купување, резервација на патување, користење на fintech апликации. Ако сакаме да бидеме таму каде се клиентите, мораме да бидеме присутни во тие екосистеми.

АЕТМ ни нуди токму тоа, директна поврзаност со компаниите и платформите кои го обликуваат дигиталниот пазар во Македонија. Истовремено, со Eurora градиме инфраструктура која ни овозможува да интегрираме наши производи во надворешни дигитални канали на начин кој досега не беше можен.

3. Корисниците очекуваат брзи и целосно дигитални услуги. Дали осигурителната индустрија доволно брзо се адаптира?

Кратко и директно: не секогаш. Индустријата прави напредок, но честопати инерцијата на старите системи и процеси ја успорува трансформацијата. Она што клиентот го доживува кај банките или телекомуникациите, брзина, транспарентност, 24/7 достапност, станува стандард за очекување и во осигурувањето. Ние мораме да се мериме со тие искуства, не само со конкуренцијата во секторот.

Кај нас најголем фокус имаме на автоматизација на процесите и дигитализација на документацијата, подобрување на online продажбата и воведување на real-time следење на статусот на штети за клиентите. Тоа не се луксузи, тоа се базични очекувања на денешниот корисник.

4. Каде ќе има најголемо влијание AI во осигурувањето? Дали Евроинс веќе работи на конкретни иницијативи?

AI нема да трансформира само еден сегмент, ќе влијае на целиот синџир: од прием во осигурување и проценка на ризик, преку обработка и детекција на измами во штети, до персонализација на понудите и автоматизација на корисничката комуникација. Но разликата помеѓу компаниите нема да биде во тоа дали го користат AI, туку колку паметно и одговорно тоа го прават.

Ние веќе конкретно работиме на тоа. Потпишано е NDA за воведување на AI решение во делот на прием во осигурување и процена на штети. Сепак, јасен принцип ни е дека нема да имплементираме ниту едно AI решение без потврдена точност и надзор од страна на наши луѓе. Во осигурувањето, грешката не е само технички проблем, таа директно влијае на животите и финансиите на луѓето. Тоа е одговорност која ја сфаќаме сериозно.

5. На кои области ќе се фокусира Евроинс во следниот период во однос на технологии и корисничко искуство?

Приоритетите се јасни: целосна дигитализација на процесите, интеграција на системите и елиминација на рачните, неефикасни чекори кои го успоруваат работењето.

Конкретно тоа значи финализирање на Eurora со CRM и продажни модули, воведување на дигитална архива интегрирана со BPM за процесирање на штети и постепена транзиција кон Dynamics 365 Business Central. Но исто толку важно е да не градиме дигитализација заради дигитализација. Секој чекор мора да значи конкретно подобрување за клиентот или за вработените.

6. Ако издвоите само една работа клучна за иднината на осигурувањето во следните 5 години, која би биде?

Способноста за адаптација. Не технологијата сама по себе, не AI, не дигитализацијата, туку способноста на компанијата брзо да ги чита промените и да реагира на нив пред да станат проблем или пропуштена можност.

Компаниите кои ќе успеат не се нужно оние со најголеми буџети, туку оние со најбрз процес на учење, кои тестираат, мерат, коригираат и се движат напред без долги бирократски циклуси.

За Евроинс сакам тоа да биде наша карактеристика. Не да бидеме компанија која следи трендови со задоцнување, туку компанија која другите во секторот ја гледаат и прашуваат: “Како тие тоа го прават?”

Related content