News from e-commerce

[ИНТЕРВЈУ] Драган од Paket.mk: Инвестицијата на Eleven Ventures ќе ни помогне да го направиме Paket како што сме го замислувале

Во 2018 на Paket.mk беше направена првата нарачка на производ и многу набрзо се позициониравте како еден од лидерите во онлајн трговијата во Македонија, поради посветеноста на користењето на современа технологија и имплементација на нови бизнис модели, а тоа ви донесе раст од 400%, особено за и по Ковид периодот.  5 години подоцна имате нешто големо со што би се пофалиле, а тоа е… 

Драган: Paket успеа да го продолжи растот и пост-ковид без некои позначителни инвестиции од надвор. Тоа е нешто што ретко се случуваше низ Европа. Исто така, Paket изгради исклучително ефикасен и скалабилен модел кој е подготвен за брз раст. Уште повеќе, Paket стана доминантниот играч кој освои удел на пазарот како ретко во која од другите индустрии. Сега, Paket стана место на кое потрошувачите во Скопје можат да ги задоволат сите потреби за неделно пазарување.

Како дојде до тоа Eleven Ventures да инвестира во Paket.mk и што значи оваа инвестицијата за вашата компанија?

Драган: Инвестицијата дојде преку стандарден VC процес во фаза на seed финансирање. Започна со прв контакт, па пичување пред еден од партнерите, па започнување на процес на евалуација и преговори. Добро е да се знае дека VC фондовите, за разлика од банките, приватните инвеститори или други извори на капитал, се во суштина дизајнирани да соработуваат со стартапи и тоа во раните фази од развојот. Па така, процесот е оптимизиран за овој тип на компании и VC тимовите знаат како да го водат истиот без да претставува потешкотија за самиот стартап. Секако, се бара одредена зрелост на компанијата, но уште повеќе бизнис зрелост на основачите.

Инвестицијата од Eleven за нас е пресвртен момент во развојот на Paket. Истата ќе ни овозможи да го направиме Paket како што сме го замислувале одамна и сигурно ќе направиме скок од 2-3 години кои би ни требале доколку би сакале да го постигнеме истото преку органски раст. Конкретно, ќе понудиме асортиман и промоции кои не само што ќе им парираат на ланците на супермаркети, туку и во многу аспекти ќе бидат подобри и ќе донесат нови стандарди во македонската трговија. Последователно, Paket се подготвува за излез во регионот со што значително ќе го зголемиме пазарниот потенцијал и ќе се обидеме да ги промениме потрошувачките навики и во другите поголеми градови од регионот.

Какви стратешки предности и можности за раст очекувате дека ова инвестиција на Eleven Ventures ќе донесе на Paket.mk?

Драган: Инвестицијата од Eleven има два аспекти. Едниот е финансискиот аспект и тој со сигурност ќе ги подобри перформансите на компанијата. Ќе успееме да понудиме сѐ она што им е потребно на купувачите и сѐ тоа ќе можат да го набават од едно место.


Другиот аспект е пристапот до мрежа на знаење, искуство и контакти. Тоа за нас има уште поголемо значење, бидејќи се работи за семејство кое создава балканси лидери со светски апетити. За нас, Eleven е вистински фасилитатор и можам слободно да кажам дека не стави на fast-track кон успехот.

Дали Eleven Ventures ќе има активна улога во процесите на управување или одлучување на Paket.mk, и ако да, како?

Драган: Eleven, како и сите VC фондови, има одредена функција во стратешкото управување, но основачите се клучни во визијата и финкционирањето на компанијата. Постои јасна дистинкција помеѓу основач и инвеститор, а тоа е навистина важност за успех на долг рок.

Дали оваа инвестиција ќе помогне во подобрување или зголемување на некои специфични аспекти на логистиката, технологијата или корисничкото искуство на клиентите на Paket.mk? Но, и дали ќе помогне во стратешко проширување во регионот и ако е така, кон кои региони или пазари целите?

Драган: Ќе има подобрувања во сите аспети од „продуктот“ на Paket. Ние и досега бевме лидери во логистиката, технологијата и корисничкото искуство и тоа се должеше на претходните инвестиции во технологија и процеси кои не однесоа многу понапред од конкуренцијата во е-трговијата во Македонија. Сега, ќе направиме одредени оптимизации кои ќе ни овозможат поголема ефикасност, но фокусот на нашиот развој ќе биде кон обезбедување на понуда која ќе не однесе пред конкуренцијата која доаѓа од физичката малопродажба. Paket ќе стане место кое на потрошувачите ќе им обезбеди супериорен начин за неделно пазарување во однос на физичките супермаркети.
Да, дефинитивно Paket ќе излезе и надвор, но сѐ уште е рано да се зборува за конкретните држави и градови. 

Дали се планира проширување на понудата на услуги на Paket.mk или фокусот првенствено ќе биде ставен на оптимизирање на постоечките услуги?

Драган: Секако дека ќе се прошират услугите кои ги нуди Paket – и кон потрошувачите и кон трговците и добавувачите. Веќе имаме започнато циклус на иновации и набрзо ќе започнеме да ги споделуваме. Од една страна, Paket ќе стане уште подобро место за неделно пазарување на најлесен, најудобен и најизвесен начин, а од друга страна Paket ќе стане навистина значаен канал за трговците и добавувачите кој ќе им овозможи на ефикасен и одржлив начин на стигнат до своите потрошувачи.

За крај, ваш совет до е-трговците кои работат кон прибирање на инвестиции? Што би ги советувале во поглед на како успешно да стигнат до тоа што го бараат?

Драган: Градете бизнис кој ќе вреди многу за 10 години, а не доволно за 1 година. Поставете си високи цели и не се задоволувајте со просечноста со која сме соочени секојдневно. Македонските и балканските потрошувачи можат да имаат навики и потреби како и потрошувачите во развиените земји, но стартапите се оние кои ќе ги забележат тие трендови и ќе започнат да ги менуваат секојдневно и сеопфатно.

Related content