News from e-commerce

[E-commerce Industry Talks] CASYS – 25 години зад трансакциите што ја движат дигиталната трговија

Кога плаќаме со картичка во продавница, подигнуваме пари од банкомат или завршуваме онлајн нарачка, целиот процес трае само неколку секунди. Но зад тие неколку секунди стои комплексна инфраструктура која овозможува трансакцијата да стигне од трговецот, преку банките и меѓународните платежни системи, до успешно плаќање.

Веќе 25 години CASYS е еден од клучните играчи зад тој процес во Македонија и регионот.

По повод јубилејот, во новото издание на E-commerce Industry Talks разговаравме со Филомена Пљаковска Аспровска, генерален и извршен директор на CASYS и првиот вработен во компанијата, за развојот на дигиталните плаќања, растот на е-трговијата и иднината во која плаќањето сè повеќе ќе станува – невидливо.

Од 10.000 трансакции до над 1,2 милиони месечно

CASYS започнува со процесирање на првата трансакција на 19 август 2002 година, а со електронска трговија работи од 2007 година.

Колку е променет пазарот најдобро покажуваат бројките.

Пред околу една деценија, преку системот на CASYS биле интегрирани околу 50 до 100 е-трговци, со приближно 10.000–15.000 онлајн трансакции месечно.

Денес?

Повеќе од 1.500 интегрирани трговци и над 1.200.000 онлајн трансакции секој месец.

Овој раст не зборува само за развојот на CASYS, туку и за огромната промена во навиките на македонските потрошувачи и зрелоста на домашната е-трговија.

„CASYS е невидливиот играч во процесот на плаќање.“

Следната ера: помалку кликови, помалку friction

Ако изминатите години беа период во кој корисниците учеа да плаќаат онлајн, следната фаза е плаќањето да стане толку едноставно што речиси нема ни да го забележуваме.

Меѓу трендовите кои CASYS ги издвојува се токенизацијата, дигиталните паричници, instant payments и примената на AI за превенција од измами.

Токенизацијата и дигиталните паричници треба постепено да ја елиминираат потребата при секое купување повторно да внесуваме 16 цифри од картичката, име, презиме и CVC код.

А една од новостите која директно ќе го подобри checkout искуството на македонските е-трговци е интеграцијата на Apple Pay и Google Pay, за која CASYS веќе е во фаза на имплементација.

Целта е едноставна: плаќање со минимален број чекори и што помалку friction.

„Подобар checkout процес е поважен од поголем број корисници. Ако процесот оди мазно и купувањето може да се заврши во два клика, поголема е веројатноста корисникот повторно да се врати.“

AI влегува и во светот на плаќањата

Вештачката интелигенција веќе има свое место и во платежната индустрија.

CASYS има формирано посебен оддел за иновации кој работи на интерни AI решенија, а голем потенцијал се гледа токму во превенцијата од измами и препознавањето ризични трансакции пред тие да бидат одобрени.

AI отвора можности и за самите е-трговци – од подобра корисничка поддршка до анализа на однесувањето и огромната количина податоци која секоја онлајн продавница ја генерира.

Сепак, технологијата не го заменува целосно човекот.

„Таму каде што треба да се донесе одлука и да постои одговорност зад неа, луѓето ќе останат фактор уште долго време.“

На е-трговците веќе не им останува простор за чекање

Пораката на CASYS до компаниите кои сè уште немаат онлајн продажба е директна: онлајн продавницата веќе не е дополнителен канал – туку дел од нормалниот начин на функционирање на бизнисот.

Но само отворање е-продавница не е доволно.

Една од најчестите грешки кај е-трговците, според Пљаковска Аспровска, не е недостатокот на пари, туку недостатокот на знаење.

Од маркетинг и pricing, преку checkout и корисничко искуство, до анализа на податоците – онлајн продавницата бара исто толку сериозно управување како и физичкиот бизнис.

Ако 100 луѓе ја посетат продавницата, а само 10 ја завршат нарачката, останатите 90 не се само „изгубени купувачи“. Тие се податок кој треба да покаже каде постои проблем во искуството.

„Не е грешката во парите. Грешката е во знаењето.“

Следниот голем предизвик не е плаќањето – туку целиот процес

Довербата во онлајн плаќањето значително се промени во последната деценија. Денес предизвикот сè повеќе се поместува од самото плаќање кон целокупното корисничко искуство.

Кога ќе пристигне нарачката? Како ќе биде доставена? Што ако производот треба да се врати? Колку брзо ќе бидат рефундирани средствата?

Токму логистиката, испораката, враќањето на производите и јасната комуникација со купувачот се областите каде CASYS гледа голем простор за следниот чекор во развојот на македонската е-трговија.

А како ќе плаќаме за пет години?

Одговорот можеби е најинтересниот дел од разговорот.

Плаќањето постепено ќе престане да биде посебна активност. Ќе биде интегрирано во други процеси, со зачувани платежни податоци, токенизација и дигитални паричници – без постојано внесување податоци и без непотребни чекори.

На прашањето што побрзо ќе исчезне – готовината или пластичната картичка – одговорот на Пљаковска Аспровска е јасен:

„Картичките, дефинитивно.“

А кога во Rapid Fire делот требаше со само еден збор да ја опише иднината на плаќањата, одговорот можеби најдобро го сумира целиот разговор:

„Невидливи.“

Погледнете го целото интервју со Филомена Пљаковска Аспровска, генерален и извршен директор на CASYS, во новото издание на E-commerce Industry Talks, каде разговараме за 25 години CASYS, развојот на е-трговијата во Македонија, Apple Pay и Google Pay, AI, токенизацијата и иднината на дигиталните плаќања.

Related content

Асоцијација за е-трговија на Македонија
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.