News from e-commerce

Агенцијата за пошти: Зголемена заштита на корисничките права и раст на поштенските услуги во 2024

На јавниот состанок на Агенцијата за пошти, директорот Сретен Миладиновски ја презентираше моменталната состојба на поштенскиот пазар и резултатите од првото полугодие на 2024 година. Тој информира дека годинава се зајакнати надзорните механизми, а програмата за надзор е целосно имплементирана, при што се извршени 25 инспекции, а осум даватели на услуги се санкционирани за прекршоци според Законот за поштенски услуги.

“ Годинава беа извршени најмногу контроли на поштенските оператори, што се должи и на зголемениот број даватели на услуги во поштенскиот сообраќај.  Во земјата функционираат 34 лиценцирани компании, од нив 33 се на слободниот пазар. Постапувано е кон 12 лиценцирани компании и само кај една е одземена лиценцата за работа” – вели Миладиновски

Граѓаните најмногу се жалеле на доставата на пратките, поради што Агенцијата спроведе три вонредни надзори. Дополнително, директорот најави иницијативи за намалување на плаќањето со готовина при испораката на пратки, како и воведување на задолжително однапред плаќање при онлајн нарачки.

Според презентираната анализа од страна на Даниела Спасиќ- Томовска, раководителка на директоратот за следење и анализа на пазарот,  обемот на поштенски услуги во првото полугодие од 2024 година е зголемен за 3,7 %, што резултирало со раст на приходите за 15 %. Давателите на слободниот пазар бележат раст на приходите од 27 %, додека Македонска пошта бележи раст од 1,9 %. И покрај тоа, бројот на вработени кај Македонска пошта е намален за 8,8 %, додека кај останатите даватели има пораст од 14,8 %.

“Развојот на е-трговијата дава големи можности  за развој на пазарот на поштенските услуги во Македонија. Кај овој начин на тргување има зголемување на испораката на пратки за 45 % во однос на првото полугодие во 2023 година, и тоа кај универзалната услуга за 1,5 % и 27 % кај давателите на слободниот пазар” – истакна Спасиќ-Томовска.

На настанот беше истакнато и барањето од страна на претставниците на меѓународните поштенски оператори да се зголеми прагот за царинење на пратки, со цел да се олесни е-трговијата и да се намалат оптоварувањата за граѓаните.

Директорот Миладиновски најави засилени контроли за наредната година, како и активности за подобрување на условите во поштенскиот пазар во соработка со релевантните институции.

Целосната анализа на пазарот е достапна на овој линк

Related content