News from e-commerce

[Луѓето зад е‑трговијата] Сара Спасовска, sarafashion.mk: Довербата на потрошувачите мора сите заеднички да ја градиме

Во рамки на интервју серијалот „Луѓето зад е-трговијата“, АЕТМ ги става во фокус луѓето и тимовите кои секојдневно придонесуваат за развојот на е-трговијата во Македонија – преку нивните искуства, предизвици, успеси и перспективи.

Во ова издание разговараме со Сара Спасовска од sarafashion.mk, за важноста на брзата достава, конкуренцијата од глобалните играчи, градењето доверба кај потрошувачите и зошто иднината припаѓа на компаниите што успешно ги поврзуваат физичките и дигиталните продажни канали.

Е-трговијата во Македонија е во фаза на континуиран раст, но сè уште е далеку од својот целосен потенцијал. Сметам дека постои значителен простор компаниите кои имаат физички продавници да посветат поголем фокус на онлајн продажбата, додека оние што веќе инвестираат во овој канал со текот на времето ќе успеат да пренасочат поголем дел од потрошувачите кон онлајн купување.

Најголемите можности за понатамошен развој ги гледам во обезбедување побрза и поефикасна испорака, примена на персонализиран маркетинг и воведување на „click & collect“ концептот, кој успешно ги поврзува физичките и онлајн каналите на продажба и овозможува подобро корисничко искуство. Истовремено, пазарот нуди простор и за нови играчи кои својот бизнис модел ќе го базираат исклучиво на онлајн продажба.

Конкретно во секторот за е-трговија, како едно од најзначајните достигнувања би го издвоиле развојот и лансирањето на нашата нова веб-платформа. Таа придонесе за инстантно зголемување на онлајн продажбите, пред сè благодарение на подобреното корисничко искуство и интуитивниот, user-friendly дизајн кој им овозможува на потрошувачите полесно и побрзо купување.

Паралелно, работевме и на оптимизација на оперативните процеси, вклучително и воведување на модел за испорака од повеќе продавници. Ова ни овозможи побрза и поефикасна достава, а со тоа и значително подобро искуство за нашите купувачи. Сметаме дека токму комбинацијата на технологија, ефикасни процеси и фокус на потребите на потрошувачите е клучот за успешен развој на е-трговијата.

Предизвиците околу доставата, недоволната доверба и сè уште недоволно развиената навика за онлајн купување остануваат клучни. Дополнително, присуството на големите странски платформи претставува сериозна конкуренција за домашните трговци. Потребни ни се компании за достава кои ќе гарантираат испорака во рок од еден ден, а во поголемите градови и испорака истиот ден. Истовремено, довербата на потрошувачите мора заеднички да ја градиме, а државата да помогне преку поефикасна борба против сивата економија и нерегистрираните продавачи, кои во голема мера придонесуваат за недоверба кај купувачите.

Драго ми е што постои асоцијација која активно се залага за развојот на е-трговијата и ги поддржува компаниите од овој сектор. Најголема вредност за нас имаат едукативните настани, можностите за вмрежување и создавање нови соработки. Дополнително, верификацијата на е-продавниците преку АЕТМ и Беџот за верификуван е-трговец придонесува за поголема доверба кај потрошувачите. На сите компании кои се занимаваат со интернет продажба би им препорачала да станат членови на АЕТМ, бидејќи членството носи исклучиво придобивки.

Related content