
Во ера на забрзана дигитализација и сè поинтензивна конкуренција – како од домашните, така и од меѓународните брендови – одржувањето и развојот на силен и препознатлив бренд претставува вистински предизвик. Sara Fashion, веќе препознатливо име на македонскиот пазар со традиција подолга од 25 години, успева да го задржи вниманието на потрошувачите со постојана адаптација, иновативен пристап и стабилна дигитална трансформација. Во овој разговор со Сара Спасовска, директорка за е-трговија, откриваме кои се темелите на успехот на брендот, како се гради доверба во онлајн купувањето и кои се плановите за интернационализација на Sara Fashion.
Во услови на зголемена конкуренција од странски брендови, економски предизвици и менување на навиките на потрошувачите – што, според вашето искуство, е клучно за еден македонски бренд да се развие успешно, да биде продуктивен и да изгради силен и препознатлив идентитет како што тоа го прави Sara Fashion?
Сара: Во своето работење Sara Fashion како бренд кој постои повеќе од 25 години се соочувал со разни предизвици. Потрошувачките навики постојано се менуваат и клучно е истите навремено да се забележат и да се прилагоди понудата на потрошувачите. Важно е да знаете на кого продавате и со својата понуда и маркетинг активности да сознатете вредност за таа целна група. Како бренд треба да се биде конзистентен со комуникацијата кон своите потрошувачи но таа комуникација да не биде еднострана односно да се најде начин како постојано да да се добива feedback од потрошувачите. Исто е важно да се биде достапен дали е тоа преку добра локација на продавница, онлајн страница или пак комбинација од двете. Од аспект на понуда да се увиди што недостасува на нашиот пазар и да се понудат такви производи или услуги.
Ние како бренд постојано пробуваме да го оправдаме нашиот слоган а тоа е: “Сара Фешн, Секогаш повеќе” кој е всушност е и дел од нашиот идентитет. Тоа значи избор, квалитет за пристапни цени, достапност со повеќе од 70 локации низ нашата држава, онлајн страна sarafashion.mk каде што нашите производи се достапни 24/7 и секако добра корисничка поддршка.
Од кога производите на Sara Fashion се достапни онлајн? Кога ја отворивте вашата е-продавница и какво е процентуалното влијание на истата во целокупната продажба, вклучувајќи ги и физичките продавници?
Сара: За прв пат ја лансиравме нашата веб страна во 2017 година кога купувачите се уште немаа навика да купуваат онлајн. Низ годините тоа се повеќе се менуваше особено забележавме голем раст за време на пандемијата. Минатата година ја лансиравме нашата нова веб страна која овозможува едно подобро искуство за купување онлајн на нашите потрошувачи. Среќни сме што од година на година имаме троцифрен раст во продажбите и се зголемува процентуалното учество во целокупната продажба. Она што e важно според нас е да се понуди флексибилност во онлајн продажбата односно да се има добра политика за замена и поврат на производите во корист на купувачите, опции за плаќање и корисничка подршка со која купувачите ќе се чуствуваат сигурно да нарачаат.

Имате производство и голем асортиман на производи (чорапи, долна облека, костими за капење итн), со физички локации сте достапни во Македонија и во Србија, може ли да веруваме дека производите на Sara Fashion со помош на е-трговијата набрзо ќе може да се продаваат насекаде во светот?
Сара: Плановите и желбата да се шири брендот на странски пазари никогаш не згаснуваат. Моментално сме во процес на изработка на нова веб платформа за Република Србија каде што планот е брендот да стане подостапен и веруваме дека онлајн продажбите можат да ги надминат и продажбите од продавниците. Како и во Македонија така и во Србија сме достапни со нашите производи на платформата на Ananas што е еден дополнителен канал на онлајн продажба. Малкумина знаат дека со физички продавници сме достапни и во Косово, Грција на островот Кипар а наскоро најавуваме отварање и во Црна Гора. Мое мислење е дека со добар маркетинг план и инвестиција, Sara Fashion може да се продава глобално. Важно е да се знаат потребите за конкретниот пазар и да се имаа соодветен пристап.
Постојат ли пречки за да го направите тоа?
Пречки или предизвици секако дека има. Од законски регулативи до логистичка организација, јазични бариери и слично. Според мене би требало да се оди етапно односно да се рашири онлајн продажбата низ балканските држави па потоа да се пристапи кон земјите од Европската Унија и подалеку.

Како гледате на иднината на е-трговијата кај нас? Дали се зголемува довербата кај потрошувачите? Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате?
Сара: Сметам дека од година на година довербата на потрошувачите расте и се повеќе луѓе се одлучуваат да нарачуваат онлајн. Moe мислење е дека иднината е она што е сегашност во развиените држави а тоа е драстично зголемување на онлајн продажбите во сите индустрии и сектори како и побрза достава.
Најголем предизвик во моментот ни е доставта. За жал се уште нема пошта кај нас која нуди 100% брза и сигурна достава а тоа се одразува на задоволството на купувачот и целокупното искуство кои тие го имаат. Друг предизвик се странските брендови и трговци кои нудат производи по цени кои македонските брендови не можат да конкурираат заради сите трошоци и давачки кон државата кои ги имаaт а тие се ослободени. Тука можам да ги спомнам и профилите на социалните мрежи кои продаваат производи со неригистрирани фирми и се дел од сивата економија, дел од нив прават разни измами кои ја рушат довербата на потрошувачите во онлајн купувањето.
Кој е вашиот совет за мали бизниси кои штотуку започнуваат со е-трговија?
Сара: Да си дадат време. Успехот не се случува преку ноќ, треба работа, упорност и постојано испробување нови начини. Од голема важност е да се вложува во маркетинг особено кај новите бизниси кои допрва треба да се пробијат на пазарот.
Како сте задоволни од членството во АЕТСМ? Кои се најголемите придобивки што ги добивате како член и дали би го препорачале членството на други компании кои сѐ уште не се дел од оваа заедница?
Сара: Драго ми е што постои асоцијација која се залага за бизнисите кои се занимаваат со е-трговија. Придобивките се многу бројни. Настаните кои се организираат се многу корисни за едукација како и за стекнување на нови познанаства со луѓе кои работат во истата или слична област со кои имаме шанса да склучуваме соработки. Можноста што ја нуди АЕТСМ за верификување на веб страната на трговците нуди поголема сигурност за самите потрошувачи. Секој кој се занимава со интернет продажба препорачувам да стане член на АЕТСМ, бидејќи може да има само бенефит.
Разговорот со Сара Спасовска ни овозможи да ѕирнеме зад сцената на еден од највпечатливите домашни модни брендови. Примерот на Sara Fashion покажува дека долгорочниот успех бара визија, доследност, внимателно слушање на пазарот и храброст да се вложува во промени. Со јасна стратегија, силна етика на работа и фокус на квалитетно корисничко искуство, брендот успешно се позиционира на домашниот и регионалниот пазар, оставајќи простор и за глобален раст. За сите мали и средни претпријатија кои се на почетокот на своето дигитално патување, Sara Fashion претставува инспиративен пример како преку упорност и адаптибилност може да се постигне значаен успех.