News from e-commerce

Повеќе од 30 говорници од 9 држави ќе учествуваат на првата Конференција за е-трговија во Македонија

Официјално ја објавуваме финалната програма за Конференција за е-трговија, која ќе се одржи на 26-ти октомври во хотел Мериот во Скопје. Агендата е составена од поздравни обраќања, главни говори, панел дискусии и неколку изненадувања за учесниците, а ќе биде реализирана од страна на триесетина говорници од 9 држави. Покрај локалните учесници и експерти за е-трговија, ќе има говорници и од Калифорнија (САД), Велика Британија, Чешка, Словенија, Бугарија, Србија, Полска и Белгија. Агендата има специфичен формат со цел да ги покрие сите аспекти од циклусот на електронската трговија и ќе започне со генерална анализа на сегашната ситуација на пазарот, по што следи дискусија за можностите за ширење на достигот на локалните е-трговци во границите на ЕУ, а ќе заврши со презентации и дискусии на теми како да се направи добар маркетинг, да се обезбеди квалитетна поддршка и корисничко искуство, како правилно да се искористат системите за плаќање и како без проблеми да се достави нарачаниот продукт.

Конференцијата ќе започне со кратки поздравни говори и воведни обраќања од претседателот на АЕТМ и ко-основач на Групер, д-р Нина Ангеловска, Министерот за информатичко општество и администрација г-дин Дамјан Манчевски, Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој г-дин Јован Деспотовски, Гувернерот на НБРМ г-ѓа Анита Бежоска и Менаџерот за Бугарија и Македонија на Мастеркард (Mastercard), г-ѓа Вања Манова. Во овие поздравни обраќања, говорниците ќе споделат клучни факти, предизвици, статистики и очекувања за е-трговијата од нивните домени на работење.

 

Потоа, Директорот за владини работи на EMOTA (European eCommerce & Omni-Channel Trade Association), г-ѓа Тријн Сааг (Triin Saag), ќе одржи говор во кој ќе ги истакне клучните можности и предизвици за македонските е-продавници во границите на ЕУ, по што ќе следи првата панел дискусија во која учество ќе земат локални е-трговци (paket.mk, Pazar3.mk, kupikniga.mk, platinavrata.mk) кои ќе ги споделат своите искуства на домашниот пазар.

 

За компромисот помеѓу функционалностите кои носат удобност наспроти факторите за намалување на ризик, ќе говори г-дин Богдан Боченек, раководител во Одделот за управување со измами во Mastercard, по што следи нова панел дискусија на тема „Иднината на е-трговијата како продажен канал за големите трговци“, во која искуства ќе споделат директори од Македонски Телеком, оне.Вип, ЕВН, Еуролинк осигурување и Спорт Вижн (Sport Vision) Србија.

 

Потоа, учесниците на конференцијата ќе можат да слушнат за маркетинг и користење на гејмификација како тактика за привлекување и задржување на корисници од светскиот експерт на оваа тема г-дин Ју-каи Чу, кој е автор, говорник и извршен директор на компанијата Окталисис Груп (Octalysis Group). Продолжувајќи ја дискусијата на темата маркетинг, привлекување на нови корисници, искористување на алатки и последни трендови, своја презентација ќе има и г-дин Супратим Бисвас, главен директор за приходи во КлеверТеп (CleverTap), кој ќе зборува за ефектот на вештачката интелигенција и машинското учење врз маркетингот. Ќе презентира и г-ца Михаела Плесникова од Киви (Kiwi.com), компанија која генерира повеќе од 1 милијарда евра годишни приходи преку е-трговија, и ќе објасни како се гради добар е-комерц бизнис кој продава сам по себе.

На темата плаќања, главен говор ќе одржи г-дин Денис Поточник, ко-основач на еден од најуспешните е-трговци во Словенија, кој ќе зборува за бесплатни премиум процеси на наплата како нова ера во онлајн купувањето. Споредба на некогашните и сегашните процеси на плаќање ќе направи и г-ѓа Биљана Доновска Гечева, генерален директор на Касис (Casys). Темата ќе заврши со панел дискусија во која ќе учествуваат претставници на Народна Банка на РМ, НЛБ Банка, Халк Банка (HalkBank), Стопанска Банка а.д. Скопје и Касис (Casys), кои ќе дискутираат за сегашните начини на плаќање, како и за предизвиците и ограничувањата кои пазарот ги има во овој домен.

 

Формалната агенда на конференцијата ќе биде комплетирана со панел дискусија на тема достава, во која учество ќе земат претставници на Царинска управа на РМ, ДХЛ (DHL), Агенцијата за пошти и компанијата ЕкоВелосипедист. Ќе се дискутира за начините на кои продуктот може да биде испорачан до крајниот корисник.

 

На крај, учесниците ќе имаат можност за меѓусебно запознавање и размена на искуства на коктел забава поддржана од спонзорите на конференцијата.

 

Картите, можат да се купат онлајн со плаќање преку кредитна картичка или фактура на www.ecommerceconference.mk. Бидејќи интересот за картите е голем а количините се ограничени, купете ги вашите карти уште денеска!  

Генерален спонзор на конференцијата е Мастеркард (Mastercard),  златен партнер е ДХЛ (DHL), додека silver партнери се Акцент компјутери, ЕВН и Спорт Вижн (Sport Vision).  Домаќин и водител на конференцијата ќе биде познатиот актер Сашко Коцев. Организатор на конференцијата е Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, првата и единствена асоцијација во државата која цели кон инклузивна е-трговија и има мисија да создаде иднина за е-трговски развој и успех на земјата.

Related content