Народната банка на Република Северна Македонија ги објави статистичките податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба заклучно до 31.12.2018 година. Платежните трансакции со платежни картички се поделени во три различни категории засновани врз резидентноста на обезбедувачите на платежните услуги.
Станува збор за следниве категории:
1) домашни платежни картички кои реализрале трансакции кон домашни e-commerce трговци;
2) странски платежни картички кои реализрале трансакции кон домашни e-commerce трговци;
3) домашни платежни картички кои реализрале трансакции кон странски e-commerce трговци;
Согласно податоците за реализирани трансакции во текот на 2018 година, објавени на веб страната на НБРСМ бројот и вредноста на реализирани онлајн нарачки и купувања во последните 12 месеци покажува дека е-трговијата во земјава е во пораст. Во текот на 2018 година реализирани се вкупно 5.435.285 онлајн трансакции, спрема 4.293.214 онлајн трансакции во текот на 2017 година што претставува пораст од 21%. Од аспект на вредноста на трансакциите, исто така се забележува пораст. Во 2018 година вредноста на трансакциите реализирани на виртуелните места на продажба изнесува 139 милиони евра (8.554.339.610,00 денари), што во споредба во 2017 година кога се реализирале 113 милиони евра (6.946.126.105,00 денари) претставува пораст за 18.79%.
Македонците потрошиле 133,7 милиони евра онлајн
Македонците во текот на 2018 година стекнуваат се повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките, може да се забележи од порастот на бројот и вредноста на трансакциите со домашни картички онлајн, кон домашни и странски онлајн трговци. Имено, во текот на 2018 година македонците потрошиле вкупно 133,7 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 23,8 милиони евра (17,8%) во однос на претходната година.
Во оваа категорија, евидентно е дека поради ограничената понуда на производи и услуги кои се нудат онлајн во Македонија, поголем дел од трансакциите се насочени кон странски веб страни, односно странски онлајн продавници. Конкретно, 64% од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во Македонија се одлеале во странство, односно се реализирани кон трговци надвор од Македонија, додека 36% од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во Македонија.
Странците двојно го зголемиле бројот на трансакции направени онлајн кон македонските онлајн продавници
Имателите на платежни картички издадени во странство значително го зголемиле бројот и вредноста на онлајн трансакциите. Бројот на онлајн трансакции реализирани во 2018 година, во корист на виртуелни места на продажба во Македонија бележи пораст од 132% во однос на 2017 година. Она што е особено значајно за е-трговците од Македонија е дека во текот на 2018 година реализирани се вкупно 120.291 трансакција од страна на иматели на платежни картички од странска банка во корист на домашен трговец, односно, изразено во вредност вкупно 5,4 милиони евра се влеале во Македонија на име онлајн купување од странство, што претставува пораст за околу 78% во однос на 2017 година. Веројатно, голем удел во овие трансакции имаат иселените лица од државата кои купуваат производи и/или користат услуги во Македонија, но во секој случај оваа ставка бележи позитивно влијание врз македонската економија.
Ако ја земеме предвид вредноста на онлајн трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон онлајн продавници во Македонија (48,1 милиони евра), надополнета со вредноста на онлајн трансакциите реализирани со странски платежни картички кон онлајн трговци во Македонија (5,4 милиони евра), можеме да заклучиме дека правните лица чија дејност претставува е-трговијата, односно вршат продажба на производи и услуги во Македонија приходувале вкупно 53,5 милиони евра.
Во Македонија заклучно со 31.12.2018 година активни се 871 витруелни ПОС уреди
Согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (веб страници за е-трговија), заклучно со 31.12.2018 година во Република Северна Македонија активни се 871 продажно место. Станува збор за активно регистрирани витруелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки кои во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги.