News from e-commerce

[Интервју] Иновативниот пристап на Пакет.мк

Пакет.мк е онлајн супермаркет кој започна со работа на почетокот на 2018 година. Компанијата настапи со иновативен пристап воведувајќи функции за македонските купувачи кои до сега не ги имаше понудено ниеден супермаркет. Ако имаме предвид дека понудата во е-трговијата значајно влијае врз раздвижувањето на пазарот на е-трговијата и придонесува за едукација на населението, без сомнеж може да кажеме дека улогата на Пакет.мк во раздвижувањето на е-трговијата во Македонија изгледа ветувачки. До сега, тие имаат стекнато околу 500 клиенти (купувачи) и отприлика 1000 нарачки. За да дознаеме нешто повеќе, направивме интервју со Драган Јосифовски, основачот на Пакет.мк.

 

Како се одлучи да отвориш онлајн супермаркет? Дали имаше претходно искуство во оваа област? Дали виде потенцијал на пазарот за овој бизнис?

Имам искуство со два слични проекти. Едниот е divano.mk, а другиот се’ уште не е објавен, но се работи за платформа за онлајн нарачки за пица деливери сервис.

Пред да се вратам во Македонија работев на неколку консалтинг проекти во Лондон каде, покрај другото, ја анализирав e-commerce индустријата. Online groceries ми беше посебно интересна, бидејќи се уште е во зачеток. Бев импресиониран од тоа како Amazon и Ocado успеваат да ги поттиснат етаблираните ланци на супермаркети.

Paket.mk работи од 9 до полноќ, ветува испорака за 2 часа и купувачот добива СМС за нарачката. Претпоставувам ова е една од клучните конкурентски предности кои ги имаш, а дополнително креира и customer delight. Сепак сигурно не е лесно да го воведеш и испорачаш целиот процес. Може ли да ни кажеш повеќе за идејата за процесот, неговата имплементација (дали искористи готово open source софтверско решение, или градеше од ново и сл.), предизвиците и бенефициите?

За разлика од конкурентите, ние интензивно користиме технологија за овој дел. Речиси целиот процес е автоматизиран, што ни овозможува да бидеме толку брзи. Од друга страна, подолгото работно време ни овозможува да ги ублажиме пиковите. Користиме готово решение кое е прилагодено на нашите потреби. Решението е речиси целосно интегрирано со е-продавницата.

Paket.mk има сопствена достава. Зошто се одлучи за ова решение? (недоверба во квалитетот на постојните, не сакаше да зависиш од тоа бидејќи ти игра голема улога, скапи се?)

Поради контрола на квалитетот. Доставата на намирници е специфична и тешко се остварува преку outsourcing. Потребна е специјализирана достава.

Со кои предизвици се соочуваше при започнувањето на бизнис и со кои се справуваш денес?

Оваа индустрија работи со многу SKUs. Затоа беа потребни многу ресурси за да се изградат базите на производи и добро да се организираат. Од друга страна, тешко беше да им се објасни концептот на stakeholder-ите. Повеќето беа скептични, па беше тешко да создадеме добра преговарачка позиција. Но, најтешко беше да се организира логистиката. Немавме од каде да влечеме локално искуство, па секој процес го дизајниравме од почеток.

Како ги надмина/надминуваш овие предизвици?

Создадовме демо верзија која ја покажувавме на stakeholder-ите. Направивме бизнис план кој содржи многу податоци и анализи од реномирани извори. Обезбедивме релевантни извештаи од Euromonitor. Во однос на логистиката, се менувавме секој ден. Буквално преку ден учевме, а навечер ги редизијниравме процесите. Гледавме да користиме што повеќе технологија. Да ја сведеме потребата од ад-хок одлучување на минимум.

Кои се купувачите на Paket.mk (таргет)?

Млади домаќинства, кариеристи и мајки со мали деца (бебиња).

Какви беа очекувањата и каква е ситуацијата сега после неколку месеци работа? (викаат дека каков е почетокот на бизнисот многу говори за понатамошниот раст и развој или со други зборови ако денот по утрото се познава дали ќе ти биде добар денот?)

Почетокот беше изненадувачки добар. Уште во првиот ден имавме 2 нарачки. За неколку недели постигнавме ниво од 10-тина нарачки на ден. Потоа растот се стабилизираше, но нагорниот тренд продолжи. Пиковите полека почнаа да се израмнуваат, што ни овозможи посериозно да планираме и да правиме подолгорочни проекции.

Единствена опција за плаќање на Paket.mk е со платежна картичка. Дали имаш барања од потенцијални купувачи за да платат на врата? Дали планираш да воведеш и друг канал за плаќање?

Има барања, но не се премногу. Мислам дека голем дел од потрошувачите ја разбираат предноста на картичките.

Од каква природа се најчесто прашањата кои ги добиваш од купувачите?

Најчесто прашуваат дали е достапен одреден производ. Мислам дека не се навикнати дека она што се нуди онлајн, тоа е всушност и достапно. Прашуваат дали има опција да се додаде уште нешто во нарачката, да ни пишат за да им докупиме уште нешто. Веројатно тоа е резултат на ситуацијата со македонската е-трговија: повеќето е-трговци се спремни да прават секакви исклучоци.

Кои се идните планови за Paket.mk?

Зголемување на асортиманот, инвестирање во логистика и подобрување на UI.

Какви програми, политики или мерки сметаш дека се потребни за стимулирање за отворање на повеќе компании за е-трговија?

Поедноставување на имплементацијата за payment gateways. Подобрување на услугите на Македонски пошти. Изработка на водичи за имплементација/усогласување со регулативата поврзана со готовинско работење, ДДВ, фактури и сл. Организирање на повеќе настани за вмрежување. Субвенционирање за учество на конференции/саеми во странство.

 

 

 

 

Related content