ПОЛУГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА РАБОТАТА НА АЕТМ [Јануари – Јуни 2018]

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија беше формирана со основна цел да ја креира иднината на е-трговијата во земјава. Во изминатите шест месеци работевме напорно и со голема волја и пасија да влијаеме кон промени, да придонесеме кон елиминирање на бариерите кои стојат на патот на развојот и да креираме поволна клима за одржлив раст и развој на индустријата во целост. Работевме со сите засегнати страни и се залагавме за подигнување на свеста за важноста, капацитетот и потенцијалот на е-трговијата за Македонија. Асоцијацијата беше основана во декември 2017 година и за помалку од една година успеа да ја добие довербата од речиси 40 компании кои станаа нејзини членови и поддржувачи. Преку бројните интервјуа, гостувања во ТВ емисии и објавени текстови во медиумите, како и преку организираните едукативни настани, Асоцијацијата не само што ја креираше свеста за нејзиното постоење туку значајно придонесе кон подигнување на свеста за важноста на е-трговијата за економскиот раст и развој на земјата. Напорната работа беше препознаена од страна на Министерството за Информатичко Општество и Администрација, од Народната Банка на Република Македонија, како и од Царинската управа кои станаа почесни членови на Асоцијацијата.

Дел од иницијативите кои ги реализиравме во изминатиот период:

  • [Март] Одржано првото годишно собрание каде се сретнаа претставниците на компаниите членки и разменија контакти, искуства, размислувања и сугестии за предизвиците со кои се соочува индустријата;
  • [Март] Организирана првата прес-конференција на која присуствуваа почесни гости кои ја дадоа својата поддршка и ја презентиравме мисијата, визијата и програмата на АЕТМ за 2018 година пред јавноста;
  • [Април] Организиравме дводневни обуки, тренинзи и работилници “Жени во е-трговија” наменети за зголемување на знаењето за е-трговија и градење на капацитети кај ММСП;
  • [Април] Претседателот на АЕТМ, Д-р Нина Ангеловска ја претстави Македонија на првиот глобален годишен состанок на Асоцијациите за е-трговија, кој беше дел од агендата на UNCTAD Е-commerce Week во Женева;
  • [Јуни] После петмесечна напорна работа и интензивно истражување, на 21 јуни го објавивме и промовиравме Извештајот од сеопфатната анализа за е-трговијата насловен: “Подготвеност, потенцијал, фактичка состојба, бариери и препораки за развој на е-трговијата во Р. Македонија”.

Се што до сега постигнавме немаше да биде можно без поддршката на нашите членови, партнери и соработници кои ни ја дадоа поддршката и довербата уште на самите почетоци, за што сме многу благодарни. Би сакале да изразиме голема благодарност до нашиот главен поддржувач, Mastercard, кој го овозможи креирањето на сеопфатниот Извештај од Анализата на е-трговијата во Македонија кој претставува појдовна точка за сите наши понатамошни делувања. Благодарност и до банките, Народната Банка на Р.Македонија, е-трговците и останатите засегнати страни кои дадоа значаен придонес при изработката на анализата.  

За да прочитате повеќе за за нашата работа во изминатиот период, како и дел од планираните иницијативи погледнете го Полугодишниот извештај [Јан-Јун 2018]