Интервју со г-ѓа Анита Ангеловска-Бежоска, гувернер на НБРМ: Финтек компаниите ќе ја поттикнат конкуренцијата и ќе придонесат кон воведување иновативни решенија за плаќања во е-трговија

Разговаравме со д-р Анита Ангеловска-Бежоска, гувернер на Народната банка на Република Македонија, која стапи на функцијата гувернер во мај 2018 година, со речиси дванаесетгодишно претходно работно искуство во институцијата. 

Д-р Анита Ангеловска-Бежоска ни открива дека основните начела во работењето и носењето на одлуките е определбата за врвен професионализам и максимален личен ангажман. Од аспект на дигиталните вештини на населението, Ангеловска-Бежоска смета дека придонесот на банките е во едукацијата на населението преку изработка на брошури и организирање интерактивни дискусии, бидејќи само 39% од населението се запознаени со можноста за плаќање преку мобилен. Од друга страна, неопходно ќе биде компаниите да се интегрираат на пазарот со нови технологии за вршење плаќања и дистрибуција на производи/услуги, а воедно нови компании од Финтек-секторот, се очекува да ја поттикнат конкуренцијата и да придонесат кон воведување иновативни решенија за извршување на плаќањата во електронската трговија со пониски трансакциски трошоци.

Гувернерката во продолжение истакнува дека НБРМ како регулатор на работата на комерцијалните банки во Македонија, ги следи новите технологиии за извршување на плаќањата и делува како „катализатор“ во примената на новите иновативни решенија, како што се: плаќања од лице на лице, инстант плаќањата и виртуелизација на платежните картички кои овозможуваат плаќања со мобилни телефони на физичките места на продажба, очекувајќи за пет години отсега Македонија да успее да го намали и расчекорот кој тековно постои во однос на поразвиените економии во доменот на дигитализацијата и употребата на ефикасни и сигурни безготовински инструменти за извршување на плаќањата.

Прочитајте го целосното интервју, во кое посебен акцент се става на развојот на НБРМ во периодот кој следи, од аспект на едукација на населението, стратегијата за намалување на готовината во оптек, користењето на алтернативните канали за плаќање (електронско банкарство и електронска трговија) и ограничувањето на трошоците кои произлегуваат од работата со платежни картички согласно регулативата на ЕУ.

АЕТМ: Почитувана госпоѓо Ангеловска-Бежоска, од неодамна сте на позицијата гувернер на НБРМ, а воедно сте првата жена гувернер во Реублика Македонија. Кои ќе бидат основните начела врз кои ќе се темели стратегијата на НБРМ додека Вие сте на позицијата гувернер на НБРМ? 

Анита Ангеловска-Бежоска: Откога сум именувана за гувернер на НБРМ па наваму, во медиумските написи често се нагласува дека сум првата жена којашто е предложена и именувана да ја врши оваа многу одговорна функција во државата. Но, имајќи предвид дека централната банка е стожерна, високопрофесионална институција, ценам дека пред сè е важно што довербата ми беше доверена исклучиво поради мојата професионална биографија, работното искуство и постигнатите резултати во моето работење. Инаку, би сакала да потенцирам дека повеќе години наназад, над 60% од стратегиските, оперативните и тактичките раководители во нашата институција се жени.

Како и во севкупната моја досегашна работна кариера, така и при вршењето на гувернерската функција, основниот двигател во работењето и во носењето на одлуките ми е определбата за врвен професионализам и за максимален личен ангажман. Централнобанкарското работење, а особено во периодот по глобалната економска криза, носи бројни професионални предизвици. Затоа е неопходно постојано да се вложува во надградба на знаењата и вештините на кадарот. Тоа е вложување во институционалниот капацитет. Затоа, повеќепати имам нагласено дека во рамки на мојата определба за професионализам, во периодот што е пред нас, посебно место зазема вложувањето во развојот и надградбата на професионалниот тим на институцијата, со цел натамошно јакнење на институционалниот капацитет на НБРМ. Само со таков тим, кој е способен да ги следи трендовите во централнобанкарското работење во глобални рамки и да одговори на новонастанатите предизвици во работењето, ќе можеме да успееме во определбата за која се заложив од првиот ден на мојот гувернерски мандат – годините што се пред нас да бидат период во кој ќе се унапредува работата на НБРМ, преку проекти, новитети и реформи коишто ќе претставуваат и нови чекори по патот којшто води кон Европскиот систем на централни банки.

Накратко, високата стручност и професионалност и целосната посветеност на остварувањето на целите и задачите на централната банка, како од моја страна, така и од страна на целиот стручен тим на НБРМ, се и ќе бидат основните начела врз кои се темели и ќе се темели остварувањето на стратегијата на нашата институција. Убедена сум дека само со придржување до таквите начела може да се продолжи со успешно и целисходно водење на монетарната политика и да се оствари развој на севкупното централнобанкарско работење во нашата држава. Во Стратегискиот план на НБРМ за периодот 2019 – 2021 година, покрај стратегиската поставеност на монетарната политика сврзана со остварувањето на законски утврдените цели на централната банка, како стратегиски приоритети, меѓу другото, се издвоени и ефикасното управување со девизните резерви на Република Македонија, поддршката на развојот на домашните финансиски пазари, одржувањето на сигурноста, стабилноста и ефикасноста на домашните платни системи, унапредувањето на прекуграничните плаќања и забрзувањето на процесот на дигитализација на домашната економија. Во Планот, одделно внимание му е посветено и на развојот на истражувачката дејност на НБРМ, втемелена на примената на современи аналитички алатки по примерот на современите централни банки, како и на обезбедувањето квалитетни статистички податоци и збогатување на постојниот статистички опус, во согласност со меѓународните и европските статистички барања и стандарди.

Во овој контекст, би сакала да истакнам дека НБРМ редовно ги следи меѓународните стандарди и најдобрите практики и врши нивно постојано усогласување.  Така, на пример, минатата недела беше донесена нова Одлука за методологијата за управување со кредитниот ризик, која е изработена во насока на усогласување на домашната регулативата со барањата на меѓународниот стандард за финансиско известување МСФИ 9, како и со одредбите од европските стандарди донесени од страна на Европскиот банкарски орган и Европската централна банка, пред сè во однос на дефинирањето на нефункционалните и реструктурираните кредитни изложености. Оваа одлука, која ќе се применува од средината на следната година, директно е сврзана со една од главните цели нотирани во Стратегискиот план: одржување стабилен и сигурен банкарски систем, како основен предуслов за финансиска стабилност и за одржлив економски раст на земјата. Исто така, од минатиот месец, спроведовме значајни методолошки промени со кои постигнавме усогласување на монетарната статистика, статистиката на останатите финансиски институции и статистиката на каматните стапки со најновите меѓународни и европски стандарди. Сето ова е директно сврзано со остварувањето и на стратегиската цел за нашата подготвеност за приклучување во Европскиот систем на централни банки.

Секако, пред нас се и бројни активности поврзани со влезот во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската Унија. Свесни сме дека ни претстои уште многу макотрпна работа, но подготвени сме да одговориме на сите предизвици. Придржувајќи се до начелата на нашата институција за стручност и професионалност и со целосната посветеност на работата, тимски и координирано, ние како централна банка ќе продолжиме успешно да ја извршуваме нашата функција, да го градиме кредибилитетот и да бидеме стожер на макроекономската стабилност.

АЕТМ: Според податоците на Народната банка  за декември 2017 година, само 8,4% од вкупниот број на трансакциските сметки во сопственост на физичките и правните лица нудат можност за вршење дигитални плаќања, а од клиентите на банките се неактивни. Како ја гледате улогата на банките во поглед на едукацијата на населението и дали сметате дека преземаат доволно активности во овој дел?

Анита Ангеловска-Бежоска: Дигиталните плаќања овозможуваат брзина, сигурност, заштеда во време за клиентите преку намалување на редовите на чекање кај шалтерските работници и секако, пониски провизии во споредба со оние кои ги нудат традиционалните методи на плаќања преку шалтерите на банките. Истовремено, дигиталните плаќања овозможуваат заштеди и на страната на банките, поради што тие во изминатиот период презедоа одредени активности за промоција на дигиталните канали на плаќања. Така, бројот на извршени трансакции од страна на физички и правни лица, со кредитни трансфери иницирани електронски за 2017 година изнесуваше 24.772.837 трансакции, или 42% од вкупниот број трансакции  со кредитни трансфери, што воедно претставува годишен раст на електронски иницираните кредитни трансфери за 6%. Исто така, евидентиран е значителен нагорен тренд во зголемувањето на бројот на трансакции со платежни картички во земјата за 2017 година или 43.646.631 трансакција, што претставува  годишно зголемување за 19% во однос на 2016 година. Овие показатели го потврдуваат напредокот на Република Македонија во доменот на дигитализацијата на платните услуги на пазарот.

Од аспект на начинот на инцирање на кредитните трансфери, Република Македонија е со релативно ниско учество на електронски кредитни трансфери (42%) во вкупниот број кредитни трансфери, во споредба со старите земји членки на ЕУ (91%) и земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (86%). Ваквата состојба укажува на тоа дека сепак, сè уште постои простор и потреба за зголемување на дигитализацијата во платежната сфера. Во таа смисла, придонесот на банките во едукацијата на населението би подразбирал изработка на брошури и организирање интерактивни дискусии со населението и компаниите во кои подробно ќе бидат објаснети придобивките од дигиталните плаќања, и тоа не само преку дескриптивен приказ на целокупниот процес на функционирање на електронското банкарство, туку и преку давањето јасна слика за придобивките од иницирањето електронски кредитни трансфери, употребата на платежните картички на физичките лица и виртуелните места на продажба (плаќањата преку интернет), па сè до употребата на мобилниот телефон како инструмент за плаќање во секојдневниот живот.

АЕТМ: Како може да влијае Народната банка за поттикнување на едукацијата на населението?

Анита Ангеловска-Бежоска: Веќе неколку години наназад, НБРМ става поголем акцент и на финансиската едукација на населението. Дел од активностите наменети за подигнување на нивото на финансиска писменост во земјава ги спроведовме во соработка со Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Комисијата за хартии од вредност и Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување, со кои заедно учествуваме и во националното Координациско тело за финансиска едукација. Некои од активностите се спроведени и во соработка со Сојузот на микрофинансиски институции.

Неспорно е дека во изминатите години НБРМ пред сè беше фокусирана на едуцирање на најмладите генерации, но во претстојниот период, нашето вложување во финансиската едукација ќе биде насочено и кон возрасната популација. Во контекст на тоа, особено значајно е што годинава за првпат извршивме мерење на нивото на финансиска писменост кај возрасното население во Република Македонија. Добиените резултати од мерењето се меѓународно споредливи, бидејќи прашалникот и севкупното мерење беа спроведени во согласност со методологијата на Меѓународната мрежа за финансиска едукација (ИНФЕ) при Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Меѓу другото, резултатите покажуваат дека над 80% од населението во најголема мера се запознаени со кредитните картички, тековните и штедните сметки. Но, од друга страна, само 39% од населението се запознаени со можноста за плаќање преку мобилен телефон (MobiPay), при што запознаеноста е поизразена кај помладото население од 24 до 35-годишна возраст.

Во трите најважни компоненти на финансиската писменост – финансиско знаење, финансиско однесување и финансиски ставови, според добиените одговори, населението има релативно добро познавање за вредноста на парите низ времето, за пресметката на камата и на сложена камата. Речиси половина од испитаниците одговориле точно на зададените прашања. Во однос на втората компонента, испитаниците покажаа сличен резултат, односно на прашања поврзани со одговорното управување со парите и домашниот буџет, активното штедење, навременото плаќање на обврските, поставувањето долгорочни финансиски цели, внимателното селектирање на финансиските производи и услуги, точно одговорија 42% од испитаниците. Од аспект на третата компонента, 20% од испитаниците немаат конкретни ставови во однос на тоа дали финансиските средства треба да се штедат или да се трошат, и како да управуваат со нив на долг рок.

Во однос на финансиското знаење и финансиските ставови, Македонија треба да ја подобри стратегијата за зголемување на нивото на финансиска писменост кај населението. Во однос, пак, на втората компонента – финансиско однесување, нашата држава има подобри резултати од Естонија, Унгарија, Бразил, Хрватска, Полска, Аргентина и Италија, а е на исто ниво со Чешка и Грузија.

Генерално, податоците укажуваат на тоа дека е потребна поголема информираност и едукација на возрасната популација во земјава, за употребата на различните современи банкарски и други финансиски производи и услуги.

Во моментов, податоците добиени со ова мерење ги користиме за да ги утврдиме сите прашања коишто се клучни за едуцирање на населението во следниот неколкугодишен период. Активно работиме и на утврдување и одмерување на најсоодветните активности коишто би можеле да дадат конкретни резултати од подигнувањето на нивото на финансиска писменост. Притоа, секако ќе настојуваме да ги примениме и најдобрите практики на централните банки од еврозоната, коишто имаат традиција во финансиското едуцирање на популацијата во нивните држави. Очекуваме да оствариме  голем дел од овие активности и во соработка со другите институции коишто заедно со НБРМ учествуваат во Координациското тело за финансиска едукација, бидејќи наш заеднички интерес е при следното мерење на нивото на финансиската писменост да имаме многу подобри резултати од оние коишто ги имаме добиено годинава. Искрено верувам дека ќе успееме во тоа.

АЕТМ: Во 2017 година се отвориле 113 нови онлајн продавници согласно со статистиката на НБРМ. Асоцијацијата за е-трговија на Македонија спроведе детална анализа за утврдување на бројот на активни е-трговци на пазарот, која е дел од сеопфатниот извештај кој беше воедно поддржан и од Народната банка. На крајот на 2017 година имало само 500 активни веб-страници на е-трговци. Според Вас, што треба да се направи за да се зголеми бројот на онлајн трговци и да се зголеми обемот на трансакции реализирани онлајн?

Анита Ангеловска-Бежоска: Примената на новите технологии во областа на плаќањата и нивното воведување од страна на домашниот банкарски сектор изискува поголема промоција на веќе воспоставената инфраструктура за дигитални плаќања во домашната економија, со цел поактивно користење од страна на постоечките, но и прифаќање од новите е-трговци, а со самото тоа и зголемување на прометот кој ќе се оствари преку интернет-страниците, преку кои ги нудат производите и услугите. Промовирањето на плаќањата преку интернет во споредба со традиционалните методи на плаќања подразбира преземање кампањи за подигнување на јавната свест за придобивките за трговците и купувачите, во смисла на брзи и ефикасни плаќања извршени од местото на живеење или работните канцеларии со достапност 24 часа / 7 дена во неделата, транспарентни известувања за успешноста на извршените трансакции, моментално располагање на паричните износи на сметките на трговците во чија полза се направени плаќањата, промотивно намалување на цените на одредени категории производи од страна на трговците заради стимулирање на плаќањата преку интернет, навремено располагање на производите и услугите кај купувачите, бесплатна достава на производите до адресите определени од купувачите или нивна достава по симболична цена итн.

Во претстојните години за Република Македонија ќе биде значајно компаниите да се интегрираат на пазарот со нови технологии за вршење плаќања и дистрибуција на производи/услуги. За да се постигне оваа интеграција, неопходна е планирана акција од страна на бизнис-заедницата, банкарскиот сектор и државните институции преку поголема меѓусебна соработка.

АЕТМ: Голем дел од банките во Македонија во своето портфолио не ја нудат услугата e-трговија. Од друга страна, трошоците на банките кои ја нудат оваа услуга не се воопшто ниски и на некој начин го оттргнуваат бизнис-секторот да се насочи кон воведување онлајн канал за плаќање. Сметате ли дека НБРМ, во соработка со банките и MasterCard/Visa, може да воведе стимулативни мерки (па дури и грантови како финансиска поддршка) за директно да се влијае кон намалување на овие трошоци, а преку тоа кон зголемување на конкуренцијата и побарувачката на овие услуги?

Анита Ангеловска-Бежоска: НБРМ, во соработка со Министерството за финансии, презема активности за дефинирање соодветна регулативна рамка која ќе создаде поповолно окружување за извршување на дигиталните плаќања, а ќе донесе одредени придобивки и за електронската трговија. Во таа смисла, се планира ограничување на висината на меѓубанкарските заменски надоместоци за плаќања засновани врз платежни картички согласно со регулативата на Европската Унија. Истовремено, се очекува отворањето на пазарот на платежни услуги за нови даватели од небанкарскиот сектор, а особено оние од Финтек-секторот, да ја поттикне конкуренцијата и да придонесе кон воведување иновативни решенија за извршување на плаќањата во електронската трговија со пониски трансакциски трошоци.

Исто така, овој процес може да се поддржи така што државните институции и бизнис-заедницата ќе преземат соодветни мерки за унапредување на довербата во електронската трговија и зголемување на заштитата на правата на потрошувачите кои тргуваат преку интернет. Воедно, полезно би било и спроведување кампања за подигнување на  јавната свест за ефикасно користење на информатичката опрема и услугите на информатичкото општество.

АЕТМ: Неодамна, НБРМ и Министерството за финансии, во соработка со банкарскиот систем, ја изготвија стратегијата за намалување на готовината во оптек. Дали е започнато спроведувањето на предвидените мерки во стратегијата и кои се Вашите очекувања во врска со нивната реализација? Дали и во кој обем очекувате да се намалат готовинските трансакции, а зголемат електронските/онлајн трансакции?

Анита Ангеловска-Бежоска: Со цел постигнување повисок степен на дигитализација на македонското општество и намалување на користењето на готовината, НБРМ, Министерството за финансии и претставниците од банкарскиот сектор изработија Предлог-стратегија за намалување на готовината во Република Македонија, чие спроведување ќе започне во претстојниот период. Со изработката на оваа стратегија, засегнатите страни ја потврдија определбата за системски пристап кон факторите што придонесуваат за одржување на релативно високото ниво на готови пари во оптек во државава. Во рамките на Стратегијата, меѓу другото, беа предложени цела палета на пазарни, административни, промотивни и едукативни мерки, во насока на поголема употреба на ефикасни и сигурни безготовински инструменти за извршување на плаќањата.

Не еднаш имаме констатирано дека начинот на кој луѓето ги извршуваат плаќањата денеска се менува многу побрзо од која било друга област од индустријата на финансиски услуги, под влијание пред сѐ на промените кај дигиталната технологија. Овие промени коишто се одразуваат преку зголемување на безготовинските плаќања се присутни не само на европско и светско ниво, туку и во Република Македонија. Од средината на изминатата декада до денес, во доменот на платежните услуги, во Република Македонија евидентна е зголемената употреба на безготовинските за сметка на готовинските плаќања. Така, вредноста на безготовинските трансакции во земјата извршени од или наменети за физичките лица и правните лица (коишто го исклучуваат секторот на монетарни финансиски институции) во 2017 година забележа годишен раст од 9,6% и изнесуваше 3.483 милијарди денари, што е за 5,6 пати повеќе од износот на номиналниот БДП за 2017 година. Најголемиот дел, односно 99% од нив се остварени со кредитните трансфери, а остатокот од 1% со платежните картички. Вкупниот број извршени трансакции со безготовински платни инструменти за 2017 година изнесува 102 милиона трансакции, при што најголемиот дел, односно 43% се остварени со платежни картички, додека пак остатокот се извршени со употреба на кредитни трансфери извршени врз основа на хартија или електронски, со учество од 33% и 24%, соодветно. Ваквите позитивни трендови се остварени во услови на постојан раст на бројот на платежни картички во оптек, кој во 2017 година е десеткратно повисок споредено со 2005 година и при постојано унапредување на платежната инфраструктура преку ширење на мрежата на банкомати и ПОС-терминали. Воедно, денес, електронското банкарство е редовен производ на сите банки, што овозможува брз и лесен трансфер на средства, а во почетна фаза е и навлегувањето на современите начини на плаќања, како што се мобилните плаќања. Покрај банките, свој придонес кон ваквите движења дадоа и бројните мерки на носителите на економските политики, коишто имаа за цел промоција на безготовинските плаќања и намалување на употребата на готовината при извршувањето на трансакциите во економијата.

Сепак, напредокот во технологијата на плаќањата не го исклучува користењето готовина. Така, во 2017 година платежните картички во земјата најмногу се користеле за подигање готовина, односно 69% од вкупната вредност на прометот со картички во земјата се однесуваат на оваа намена, 26% на плаќањето во трговијата на физички места на продажба, 4% отпаѓаат на депонирањето готовина и 1% на плаќањата преку интернет. Од аспект на бројот на трансакции, во 2017 година во Република Македонија беа извршени 15 трансакции за подигање готовина по глава на жител, додека во трговијата беа извршени 25  трансакции по глава на жител. Споредбено со старите земји членки на ЕУ и земјите од ЦИЈЕ, состојбата е значително различна во корист на трансакциите извршени во трговијата. Кај првите, 28 трансакции по глава на жител се за подигање готовина и 109 трансакции за плаќање во трговијата. Кај земјите од ЦИЈЕ, 18 трансакции по глава на жител се за подигање готовина и 56 трансакции за плаќање во трговијата.

Во вакви услови, НБРМ ги следи новите технологиии за извршување на плаќањата и делува како „катализатор“ во примената на новите иновативни решенија, како што се: плаќања од лице на лице, инстант плаќањата и виртуелизација на платежните картички кои овозможуваат плаќања со мобилни телефони на физичките места на продажба. Истовремено, воведување на новите технологии и европски стандарди за печатење и употреба на готовите пари кои нудат поголема заштита на населението во улога на купувачи на производи и услуги, како и анонимност на плаќањата го потврдуваат фактот дека готовите пари нема да бидат искоренети во иднина, туку сè уште ќе бидат употребувани како платежно средство. Оттука, можеме да претпоставиме дека во претстојниот период се очекува паралелен развој на готовинските и безготовинските плаќања, но во насока на зголемување на трендот на раст на безготовинските плаќања.

АЕТМ: Каде гувернерката Ангеловска-Бежоска ја гледа Македонија за пет години отсега? 

Анита Ангеловска-Бежоска: Сметам дека со посветеност, професионалност и сериозен ангажман, нашата економија има потенцијал во следниот период постепено да ги надминува структурните бариери – тоа секако е долгорочен процес, да оствари повисоко ниво на трговска и финансиска интеграција и поголемо вклучување во глобалните текови на производство, но и да направи напори за преструктурирање кон технолошки пософистицирани и иновативни сектори, со што ќе зачекори постабилно на патеката на подинамичен економски раст. Тоа, секако, ќе придонесе за забрзување на процесот на реална конвергенција и животниот стандард, но истовремено и за јакнење на продуктивноста, заради што нашата економија по своите остварувања би била многу поблиску до европските економии. На тој начин ќе може да се обезбеди не само повисок, туку и поквалитетен раст.

Но, не смееме да заборавиме дека основа за остварување на овие предуслови е паралелен напредок и во сегментите, коишто во континуитет се нотираат како подрачја со послаб напредок, а тоа е квалитетот на институциите и образовниот систем, којшто е база за квалитетен човечки капитал. А секако битен предуслов за поголема интеграција се и јавните инвестиции, насочени кон подобрувања на инфраструктурата, со што истовремено се зголемува долгорочниот потенцијал на економијата.

Секако, извесни се и придобивките кои ќе следат на патот на приближувањето кон ЕУ, кои ќе отворат нови можности за населението и фирмите, како што е напредокот во фазите од Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Имено, меѓу другите придобивки, резидентите ќе имаат и поголема слобода во поглед на начините со кои ќе можат да располагаат со својот финансиски и нефинансиски имот, односно ќе се зголемат расположливите инвестициски алтернативи за резидентите. Искрено се надевам дека по пет години од денес ќе имаме остварено голем напредок во евроинтеграциските процеси и дека тој напредок ќе има позитивно влијание и врз целокупниот развојот на македонската економија.

НБРМ, и по пет години отсега, ќе делува подеднакво посветено за одржување на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс, и ќе продолжи да дава придонес кон одржувањето на финансиската стабилност преку одржување стабилен и сигурен банкарски систем, а во рамки на своите надлежности, ќе обезбедува и поддршка на општите економски политики во земјата.

Се надевам дека за пет години отсега ќе успееме да го намалиме и расчекорот кој тековно постои во однос на поразвиените економии во доменот на дигитализацијата и употребата на ефикасни и сигурни безготовински инструменти за извршување на плаќањата. Поконкретно, се надевам дека постепеното имплементирање на директивите и регулативите на ЕУ во платежната сфера, ќе создаде поволни услови за влез и на небанкарски институции на пазарот на платежни услуги, како што се компаниите од секторот Финтек, кои може да обезбедат современи иновативни решенија во финансиската сфера. Со донесувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, на кој работевме заедно со Министерството за финансии се очекува да се постигне висок степен на усогласување во сферата на платежните услуги со регулативата на ЕУ. Иновативноста во оваа сфера очекуваме да овозможи побрзи, поевтини и поефикасни безготовински плаќања за населението и компаниите и повисок степен на дигитализација на домашната економија.

Верувам дека по пет години отсега, и резултатите од нашето работење и од нашите заложби ќе бидат многу повидливи.

АЕТМ: Дали можеме наскоро да очекуваме либерализација на условите за отворање сметки надвор од границите на РМ и прекугранично користење на средствата на граѓаните?

Анита Ангеловска-Бежоска: Процесот на либерализација на депозитните активности на резидентите е директно сврзан со евроинтеграциските процеси на Република Македонија. Согласно со Законот за девизното работење, резидентите ќе можат слободно да отвораат и да имаат банкарски сметки во странство по завршување на втората фаза од Спогодбата за стабилизација, која набрзо треба да започне. Анализирајќи ги искуствата на другите транзициски економии во делот на либерализацијата на капиталните трансакции, вклучително и на депозитните работи, може да се извлечат некои заклучоци. Главно, фазите и брзината според кои се извршувала капиталната либерализација се разликуваат од земја до земја, но заедничко е дека речиси кај сите земји, либерализацијата на депозитните активности на резидентите се извршила во последната фаза, односно неколку години или непосредно пред влезот во ЕУ.

Ефектите од либерализација на депозитните работи можат да се оценат релативно тешко. Искуствата покажуваат дека тие произлегуваат од голем број фактори, економски и неекономски. Каматниот диференцијал (каматните стапки во домашната економија наспроти каматните стапки во странство), стабилноста и сигурноста на домашниот банкарски систем, даночната регулатива, инфлациските трендови, стабилноста на девизниот курс и политичката стабилност се дел од факторите коишто можат да делуваат врз одлуките за штедење на резидентите во или надвор од домашната економија. Влијание имаат и личните преференции за изнесување и чување девизни средства во странство.

АЕТМ: Дали сметате дека решенијата на домашните банки за е-банкарство се доволно софистицирани и лесни за користење?

Анита Ангеловска-Бежоска: Електронско банкарство нудат сите банки во земјава, коишто вообичаено објавуваат и јавни анимирани демо презентации на своите официјални страници заради олеснување на користењето на нивните решенија за е-банкарство. Сепак, она што повеќе недостига е располагањето со соодветни вештини за користење на интернет-технологијата, особено од страна на повозрасните старосни групи, како и финансиската едукација за придобивките од користењето на решенијата за е-банкарство, како за населението, така и за компаниите. Во овој контекст, како што веќе споменав, НБРМ презема активности за подигнување на нивото на финансиска писменост во земјава. Но, истовремено, во комуникацијата со деловните банки, како централна банка ќе инсистираме и тие, уште понагласено и поактивно да се заложат за едуцирање на своите клиенти.

АЕТМ: За крај, дали г-ѓа Анита Ангеловска-Бежоска претпочита и користи e-банкарство и плаќања со картичка или сè уште доминира готовината во Вашата потрошувачка кошничка?

Анита Ангеловска-Бежоска: Веќе повеќе години наназад, користам електронско банкарство. Така, не само што заштедувам од времето кое и поради бројните професионални обврски станува сè „поскапо“, туку имам и подобар и побрз увид во личните финансии. Кога сум надвор од дома, како платежно средство секогаш најпрво ја користам платежната картичка. Готовината ја употребувам само во исклучителни случаи, кога за жал ќе се најдам кај трговец којшто не поседува ПОС-терминал.