Асоцијацијата за е-трговија на Македонија започна со градење капацитети за раст на е-трговијата

Изминатите два дена беа целосно посветени на содржините од Дигиталниот самит, но во исто време и со иста цел – кон “Дигитална Македонија”, се случуваа и дводневните обуки за е-трговија која претставува интегрален дел од едно дигитално општество. Под името “Жени во е-трговија”, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија успешно ги реализираше дводневните обуки и тренинзи како дел од програмата која ја презентираа на прес-конференцијата пред неполн месец. 

Обуките беа посетени од 30 претставници на компании и бизниси од Македонија кои сакаат да ја унапредат е-трговијата во своите компании или едноставно да научат повеќе за истата.  Учесничките имаа прилика да соберат нови знаења за голем број на аспекти во е-трговијата распределени во 13 предавања и 2 работилници кои ги покрија 16 говорници, сите искусни во своите области. Благодарение на поддршката од Швајцарската Програма за претприемнишво (SwissEP) учесниците имаа можност да слушнат и интернационални искуства од петте претприемачи кои доаѓаа од Обединетото Кралство и САД.

Дел од темите кои што се најдоа во сеопфатната агенда беа: развојот на е-трговијата во Македонија, плаќања во е-трговија, испорака кон дома и надвор, правна регулатива, дигитален маркетинг, email маркетинг, growth hacking, платено рекламирање на Facebook и Instagram, можности за жени во е-трговија и др. Дополнително четири говорници ги презентираа своите успешни приказни во 4 различни индустрии (групни попусти, едукација, малопродажба и супермаркет), предизвиците со кои се соочиле и како ги надминале.

Овие обуки покажаа дека на македонските компании им недостасуваат вакви едукативни настани каде покрај тоа што собирираат нови знаења, имаат можност и да разменат искуства и предизвици со кои се соочуваат, да видат како другите се справуваат со истите и кои се најдобрите практики кои може да ги применат во своите компании. Особено не радува отвореноста која ја покажаа сите учесници преку плодната дискусија и активното учество. Нашата цел е да ја унапредиме е-трговијата во Македонија и да креираме поволна клима за нејзин раст, а еден од начините за да го направиме тоа е токму едукацијата која ќе помогне во градења на капацитетите и зголемување на понудата во е-трговијата на пазарот која е клучна за раст на индустријата.” – вели Д-р Нина Ангеловска, косопственик и директор на Grouper.mk и Претседател на АЕТМ.

АЕТМ започна со работа во декември 2017, а веќе има 32 членки кои заеднички ќе работат и застапуваат за создавање поволна клима за развој на електронската трговија во Македонија. Во неполни 4 месеци работа асоцијацијата ја формираше својата програма за 2018 година, го одржа своето прво Собрание, организираше прес конференција, гостуваше во голем број емисии и настани кревајќи ја свеста за е-трговијата, објави податоци за е-трговијата во Македонија како дел од сеопфатната анализа за состојбата со е-трговијата во Македонија која е во процес на изработка, ги организираше првите едукативни тренинзи под името „Ladies in eCommerce“, и оствари контакти и размени искуства за соработки со повеќе асоцијации од други земји.

Сите компании кои сакаат да се придружат на АЕТМ може да се информираат повеќе на  http://ecommerce.mk/ и да ги следат активностите на нивната Facebook фан страна.